Социјалдемократскиот сојуз се подготвува на крајот на септември или почетокот на октомври да одржи вонреден конгрес на кој ќе се смени начинот на избор на претседател на партија, а се предвидуваат и други статутарни измени. Според лидерот Зоран Заев, првиот човек на партијата ќе се избира на непосредни избори од партиските членови, а тие ќе се одржат во април следната година, кога ќе истече мандатот на Заев.
Ќе има статутарни измени и во делот на генералниот секретар со цел вицепремиерот Љупчо Николовски да ја задржи и партиската функција во СДСМ, бидејќи според сегашните правила, оваа партиска функција е неспоива со извршната власт.
Според Статутот, генералниот секретар на партијата учествува во градењето на политиката на СДСМ, се грижи за кадровските прашања на СДСМ и се грижи за финансиското работење. Николовски, во новоизбраната влада на Заев е поставен за вицепремиер задолжен за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси.
Во меѓувреме, најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ почна да прави кадровски измени. Извршниот комитет на партијата ги смени сите претседатели на општинските комитети во првата, втората и третата изборна единица. Од партијата не дадоа конкретни информации за причините на ваквите смени.
Избран е и нов претседател на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, а е донесена одлука и за распишување оглас за претседателка на Унијата на жени, преку јавен повик кој ќе трае две недели. Центарот за комуникации ќе го раководи Луке Галески.
Од ВМРО-ДПМНЕ се уште нема најава дали ќе се одржи вонреден конгрес. По поразот на парламентраните избори, членови на партијата кои се декларираат како иницијатори за промени, секојдневно му упатуваат барање на Христијан Мицкоски да се повлече од лидерската функција и да свика вонреден конгрес.
– Извршниот комитет е со истечен мандат, а поголем дел од членовите на Централниот комитет исто така се без мандат. Партијата е во лоша состојба и членството на терен се мобилизира за да се смени тоа. Сигурен сум дека ќе се собере неопходниот број на делегати за да се свика конгресот. Сите сме заинтересирани за спас на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Петре Латиновски во интервју за Слободен печат.
Мицкоски, пак, ден по изборот на новата влада, на прес конференција децидно соопшти дека нема намера да се повлече од лидерската функција и му најави „жешка есен“ на новоизбраниот премиер Заев.
– Јас немам намера да поднесам оставка, и се додека сум жив ќе се борам против оние мрачни сили кои му служат на Зоран Заев и нема да правам компромиси со криминалци и со сите оние кои седат во скутот на Заев и кои наместо да бараат промена на оваа криминална влада, бараат оставка од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски на прес конференцијата.
The post Лидерот на СДСМ ќе го бира членството, ВМРО-ДПМНЕ почна со партиски смени appeared first on Слободен печат.
Лидерот на СДСМ ќе го бира членството, ВМРО-ДПМНЕ почна со партиски смени was first posted on септември 2, 2020 at 7:30 am.