5.8 C
Скопје
07:24 - 20 април, 2024

Коста Петров: Анксиозноста е покрај мене, но научив да ја игнорирам

Првите напади на анксиозност Коста Петров, пи-ар експерт и актуелен потпретседател на СДСМ, ги почувствувал за време на престојот во Дубаи во 2008 година, кога имал 25 години. Петров е  писател и еден од најпродаваните современи македонски автори, основач и извршен директор на ,,Пи ворлд”, глобална креативна агенција.

Тој во разговор за „Слободен печат“ раскажува дека имало денови кога му било страв да ги затвори очите и да заспие, бидејќи мислел дека никогаш нема да се разбуди. Таа сè уште е присутна, но ја игнорира и се фокусира на други нешта. Она што советува Коста Петров е да не се плашите да споделите со некој кому му верувате дека се соочувате со анксиозност. А според кажувањата на психолозите, во нашата земја постои армија од анксиозни луѓе.

Анксиозноста доаѓа „најавено“ или „ненајавено“?

– Кога се враќам наназад размислувајќи на оваа тема, сфаќам дека неколку години живеев со анксизоноста без да знам всушност што е таа. На почетокот доаѓаше ненајавено, најчесто пред спиење. Имаше денови кога ми беше страв да ги затворам очите и да заспијам, бидејќи мислев дека никогаш нема да се разбудам повторно. Подоцна, таа стана дел од секој момент во мојот живот. Секоја мала промена, секоја мала болка, трнење на раката или ненадеен звук, значеше соочување со смртта. Одев на лекар речиси секој втор ден. Неколкупати мислев дека имам инфаркт, па рак на бели дробови, па рак на дебело црево, па тумор на мозокот. Бев опседнат со тоа дека секој момент ми е последен и ми беше потребна валидација, некој да ми каже дека сè е во ред со мене. Најчесто лекарите ми велеа, ништо не е, само стрес. Не се умира од анксиозност. Но вистината беше дека со секој напад на анксиозност јас ја чувствував смртта како тропа на мојата врата. Знаев дека ништо од тоа не е реално, но сепак сè изгледаше толку реално.

Како се чувствуваш додека трае и колку трае?

– Некогаш траеше неколку секунди, некогаш неколку минути, но во тие моменти кога се случуваше, имав чувство како да трае цела вечност. Чувство на беспомошност. Знаеш дека тоа што ти се случува не е реално, знаеш дека е анксизоност, но не постои начин како да го контролираш чувството. Едноставно те обзема и тие неколку секунди и минути немаш никаква контрола врз ништо. И со тек на време и стануваш тоа, ништо! Веќе не уживаш во ништо. Се плашиш да бидеш среќен, да уживаш во што било, бидејќи знаеш дека наскоро ќе дојде повторно новиот напад и уште една борба во која ти ќе бидеш губитникот. Почнуваш да се мразиш себеси, чувството на беспомошност. Навистина, стануваш ништо! Само чекаш да дојде следниот напад за да заврши и така во бесконечен круг.

Дали беше присутна повеќе кога си сам или во друштво?

– На почетокот додека бев сам, но со тек на време и кога бев опкружен со други луѓе. Полесно ми беше кога бев сам, зашто можев да легнам, да се обидам да се опуштам. Проблемот ми беше кога имаше други луѓе околу мене. Неколкупати ми се имаше случено да напуштам состаноци бидејќи не можев да издржам да седам на нив. Најјакиот напад всушност ми се случи на утринско кафе со колегите. Тогаш можеби го имав најтешкиот напад на анксизоност и завршив во болница. Ова беше можеби година и пол по мојот прв напад. И дури тогаш, откога завршив во болница, сфатив дека имам напади на анксиозност. Дури тогаш ми беше кажано што е проблемот и тогаш и всушност започна мојата трансформација.

Ја поврзуваат со социјалниот страв, со трауми, со наталожени емоции. Што беше причината кај тебе?

– Ми требаа добри три години работа на себе за да стигнам до овој одговор и тоа е навистина тежок процес. Со тек на време сфатив дека нападите се производ на мојот страв од неуспех. Сфатив дека тие се појавуваат тогаш кога работите не се во моја контрола, кога работите не се такви какви што јас сакам да бидат. Почнав да работам на себе многу повеќе. Но најважно во целиот процес беше да креирам нова дефиниција за успех, лично за мене. Сиот мој живот барав валидација од другите и сакав да бидам успешен за другите и мислев дека ако ги правам работите така како што тие сакаат, дека и јас ќе бидам среќен. Сега знам дека тотално погрешно сум размислувал. Сега знам што е успех лично за мене и таа дефиниција ми помага да бидам тоа што јас сакам да бидам без да барам одобрување или мислење од другите. Но за ова беше потребно многу, многу време и не беше едноставен процес.

Кажа ли некому со што се соочуваш, побара ли помош?

– Не знаев со кого да зборувам. Не знаев како да им објаснам што ми се случува. Сопругата беше единствена што ме разбираше. Немав храброст да зборувам за ова со никој друг. Ми беше срам. Како да објаснам некому дека имам чувство дека умирам во секој момент во мојот живот, а всушност сум комплетно здрав. Како да му ги објасниш некому секојдневните одења по лекари и тестови? Се плашев дека ќе ме направат луд! Токму и поради ова ги напишав моите први две книги и токму поради ова знам колку е важно да се зборува за анксиозноста, за паничните стравови. Ние мислиме дека ни се случуваат само нам, дека нешто не е во ред со нас, но не е така. На многумина им се случува истото и треба да зборуваме на овие теми. За секој проблем има решение и сега гледајќи наназад, навистина сум благодарен за сиот овој процес. Ме промени, ме направи подобар и посвесен човек, без разлика на тоа колку беше болен.

Може ли да помогне некој освен самиот тој кој се соочува до проблемот?

– Сè е процес. И некогаш тој процес нема потреба да го поминете сами. Јас сум благодарен на мојата сопруга која ме разбираше и правеше сè да ми помогне. Имав и одличен спиритуален учител кој ми помогна да ги пронајдам вистинските одговори. Но на крајот од денот, ова е битка што ја водиш сам со себе. Ти мораш да решиш да ставиш крај на сè. И за тоа треба време. Но тоа време ќе дојде. И тогаш ќе сфатиш дека сè што ти се случувало е всушност само процес што си морал да го поминеш за да бидеш тоа што треба да бидеш, за тоа што си сега.

Како ја победи анксиозноста?

– Не знам дали некој може да ја победи анксизоноста. Таа е тука покрај мене, но се научив да не ѝ обрнувам внимание и да не се фокусирам на нејзиното постоење. Животот е преубав за да се фокусирам само на неа.

Што ги советуваш тие што се соочуваат со анксиозност?

– Најважно е да зборуваш за тоа што ти се случува. Зборувај со пријателите, со луѓето околу тебе, со фамилијата. Побарај помош од психолог. Не сме сами во ова. Не треба ова да биде табу тема. Менталното здравје е тема за која сите треба да зборуваме и можеби е една од најважните теми во нашите животи.

The post Коста Петров: Анксиозноста е покрај мене, но научив да ја игнорирам appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....