16.8 C
Скопје
23:27 - 1 мај, 2024

Коронавирусот ги тресе пензиските фондови и Македонската берза

Македонскиот берзански индекс МБИ 10 вчера падна за 1,67 проценти, а во црвено беше и во понеделникот со пад од 0,39 проценти.

Коронавирусот што силно ги удри светските берзи се одрази и врз цените на акциите на Македонската берза, а цените на домашните и на странските акции негативно влијаат и врз приватните пензиски фондови, кои дел од парите ги пласираат во нив.

Најголем дел од акциите што се тргуваа вчера и завчера на Македонската берза се обоија во црвено. Во понеделникот пад на вредноста забележаа 7 од 10-те најтргувани акции, а вчера на затворањето на тргувањето пад на вредноста забележаа акциите на: Алкалоид за 1,68 отсто, на Гранит за 2,94 отсто, на Комерцијална банка за 2,66 отсто, на Макпетрол за 1,19 отсто, на ОКТА за 2,9 отсто, на Стопанска банка Битола за 2,20 отсто, на Стопанска банка – Скопје за 1,89 отсто и на Телеком за 1,21 отсто. Ниту една од тргуваните акции не забележаа раст, а без промена се акциите на Тиквеш, Унибанка, Тетекс и на Интерпромет-Тетово.

Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, кај берзите обично има пренагласено реагирање откако ќе има некои надворешни шокови.

– Берзите реагираат не само врз основа на реалните вредности туку и на очекувања. Инвеститорите се многу плашливи и сега тие страхуваат од стопирање на стопанските активности во земјава. Но, јас очекувам, како што вообичаено се случува, берзата постепено да се стабилизира по ова првично реагирање, освен ако немаме спротивно сценарио, односно појава на коронавирус во Македонија. Тогаш можеме да очекуваме уште поголем пад на вредноста на акциите – вели Ивановски.

Приватните пензиски фондови кои се задолжителни за сите вработени по 1 јануари 2003 година, собраните пари од пензиските придонеси ги вложуваат во домашни и странски акции, во инвестициски фондови, како и во домашни и странски хартии од вредност.

Според финансискиот извештај за 2019 година, Сава пензиски фонд 4,26 отсто од парите со кои располага ги вложил во акции на Македонската берза. Фондот инвестирал во акции на Макпетрол, Тетекс, Тиквеш, Реплек, Пивара, Алакалоид, Фершпед, Гранит, Македонски телеком и Витаминка. Овој пензиски фонд во странски акции, пак, вложил 12,18 отсто од парите со кои располага.

КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, според финансискиот извештај, на 31.12.2019 година 1,98 отсто од парите ги вложил во домашни акции, вложил во Алкалоид, Гранит и Македонијатурист, а во отворени инвестициски фондови има удели кои се 29,6 отсто од парите со кои располага.

На светските берзи во понеделникот се случи црн понеделник, со загуби на компаниите што се броеја во милиони долари, бидејќи проширувањето на епидемијата на коронавирус надвор од Кина, ги засегна изгледите за глобалниот раст, па инвеститорите ги продаваа акциите и ги вложуваа во сигурни имоти.

Цената на златото се искачи на седумгодишен максимум, додека вредноста на нафтата се намали за четири отсто поради ширењето на стравот од пандемија, откако Иран, Италија и Јужна Кореја известија за зголемување на бројот на заразени.

На валутните пазари, доларот ослабна спрема јапонскиот јен, еврото падна на 1,08 американски долари, а австралискиот долар забележа најниско ниво во однос на американската валута во последните 11 години.

The post Коронавирусот ги тресе пензиските фондови и Македонската берза appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....