11.8 C
Скопје
10:20 - 20 ноември, 2024

Комбинирана настава спас за учениците од септември?

За нешто повеќе од три недели започнува новата учебна година, а Министерството за образование и наука (МОН) се уште не излезе со конкретен план за тоа како ќе се одвива наставниот процес од први септември во услови на пандемија од коронавирус.

Комисијата за заразни болести досега не даде никаква препорака за тоа по кои протоколи е најдобро да се продолжи образованието, но се очекува до 10 август да биде донесена конечна одлука.

Во текот на последните три месеци од изминатата учебна година наставата се одвиваше он лајн, а од МОН изготвија платформа за е-учење, но таа се очекува да се реализира од септември 2021 година.

Засега, без разлика на тоа што се уште не е пронајдено решение, се споменуваат неколку сценарија, односно во делови од државата каде нема доволно деца во класовите да се продолжи со редовна настава, додека во општините каде има повеќе од 30 деца во еден клас да се воведе еден вид на комбинирана настава.

Од МОН од претходно информираа дека е можно воведување на смени, како и кратење на часовите, но најпосакувано решение и натаму останува класичниот начин за настава во живо.

Сериозен проблем ќе биде и тоа како првачињата ќе го започнат своето образование, а првичните информации се дека со нив ќе се работи на дистанца со максимално одржување на хигиената, со тоа што за нив носењето на заштитни маски нема да биде задолжително.

И додека и родителите и наставниците, а и самите ученици се за враќање во училишните клупи, сепак пандемијата со Ковид-19 не стивнува и се чини дека целосно нормализирање на наставата нема да биде возможно.

Редуцирање на бројот на ученици и воведување на смени се дел од сценаријата за почетокот на учебната година од септември

Токму враќањето на вообичаениот начин на настава може да биде вистински ризик за безбедноста на учениците и наставниците, а вистински пример за тоа е Израел, земја која уште во мај ги врати учениците во училиштата. Иако на почетокот комуникацијата помеѓу децата беше ограничена и носеа заштитни маски, набргу и тие мерки беа олабавени.

Но, на 3 јуни, точно еден месец по отворање на училиштата, тамошната Влада одново ги затвори,  откако 2.026 ученици, наставници и персонал во училиштата се заразија со Ковид 19, а 28.147 ученици беа ставени во карантин, поради можна изложеност на вирусот.

Само во едно училиште во Израел се регистрирани преку 130 случаи позитивни на коронавирусот.

Токму по тој еден месец од отворањето на училиштата, бројот на позитивни случаи во Израел порасна од 50 дневно на околу 1. 500 новоинфицирани со Ковид-19 во едно деноноќие.

Податоците од Владата на Израел покажуваат дека училиштата станале втор најголем извор на инфекција во јуни.

Кога станува збор за Македонија пак, во разговор со „Слободен печат“, психологот Марија Котевска, вели дека традиционалниот начин на настава би бил најдобар и од септември, но нагласува таа, безбедноста на учениците е секогаш на прво место.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Природната настава е најдобра бидејќи таа не го опфаќа само образовниот, туку и воспитниот процес врз децата, со што се развиваат нивните социјални и емоционални компетенции, а не само когнитивната функција и тоа најдобро се развива преку личниот контакт со наставниците, како и преку меѓусебното дружење со другите ученици. Ќе биде многу голема слабост доколку тоа не се реализира. Но, сепак на прво место се става здравјето и доколку условите не овозможуваат подобро е да има он лајн настава отколку да нема никаква настава – вели Котевска.

Таа додава и дека во случај на он лајн настава, потребно би било тоа да е добро подготвено од страна на компетентни стручни лица.

– Кога би имало само он лајн настава тогаш таа треба многу добро да се осмисли од страна на стручни лица бидејќи ќе треба да ги надополнува аспектите од социјалниот, физичкиот и емоционалниот развој на децата, додека когнитивниот дел ќе може да се пренесе на тој начин – смета Котевска.

Сепак, според неа, за најдобар психолошки развој на учениците во овие услови, односно за да се избегне заостаток во нивните социјални, емоционални, но и когнитивни способности, најдобро е да се развие модел на комбинирана настава, кој ќе вклучува е-учење, но и физички контакт помеѓу наставниците и самите ученици.

– Според мене најдобра опција би било комбинираната настава во овие услови доколку продолжи пандемијата. Потребно е да има периоди кога учениците и наставниците ќе си комуницираат во побезбедни услови, во помал број и со заштитна опрема, додека во одредени периоди, не секојдневно, може да има и он лајн настава приготвена од стручни лица. Поентата е интелектуалниот, односно когнитивниот дел да се предава преку он лајн наставата, додека социјалните, физичките и емоционалните компетенции да се пренесат преку настава во живо – заклучи Котевска.

The post Комбинирана настава спас за учениците од септември? appeared first on Слободен печат.


Комбинирана настава спас за учениците од септември? was first posted on август 5, 2020 at 1:17 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....