3.2 C
Скопје
03:05 - 26 декември, 2024

Која дама ќе му го чува грбот на Џо Бајден?

Кој и да биде одбран за потпретседателски кандидат од страна на Демократската партија, за да му помогне на Џо Бајден да биде избран за претседател на Соединетите Американски Држави, дел од традиционалното гласачко тело ќе остане разочарано.

Бајден пред неколку дена објави дека на почетокот од август ќе го објави името на потпретседателскиот кандидат, а голем број политички аналитичари и коментатори сметаат дека токму тоа ќе биде неговата најбитна одлука во кампањата, во која тој и неговите соработници се надеваат дека ќе извојуваат сигурна победа против актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Потпретседателските кандидати ретко кога влијаеле на крајниот избор, бидејќи во фокусот на вниманието се секогаш претендентите за највисоката функција. Правилото по кое изборните одбори секогаш се воделе е нивниот кандидат да добие следбеник, кој ако ништо друго нема да ги намали неговите шанси за триумф. Но се чини дека на изборите кои треба да се случат на почетокот на ноември, нема да биде така. Или барем во случајот на Бајден, правилно одбраниот потпретседателски кандидат би можел да му донесе милиони гласови на изборите, на кои самиот не би можел да смета.

Согласно на информациите што пристигнуваат од првите луѓе на Демократската партија, кандидатот што ќе застане зад Бајден речиси сигурно ќе биде жена, а во опција се исклучиво истакнатите членки на афроамериканската заедница. Самиот кандидат кажа дека во моментов се премислува помеѓу четири кандидатки, додека во медиумите се провлекуваат имињата на уште две дами.

Сепак, изборот нема да биде лесен, бидејќи секоја од кандидатките репрезентира различни групи на лобисти и гласачи, кои би можеле да се чувствуваат разочарани и демотивирани на денот на гласање, доколку баш нивната фаворитка не биде номинирана за потпретседателската функција.

Традиционалните демократи, оние кои застанаа зад кампањата на Бајден и тоа во моментите кога изгледаше дека неговите шанси на внатрепартиските избори се микроскопски мали, сметаат дека Вал Демингс најдобро ќе заврши задачата во кампањата. Демингс во моментов е конгресмен, но својата слава меѓу гласачите ја достигна откако се прослави како одлучен шеф на полицијата на градот Орландо. Очигледната поврзаност со редот и мирот, категорија која од секогаш им била на Американците, секако дека е по волја на поконзервативните симпатизери во партијата. Но, тешко дека таа ќе им се допадне на прогресивците, кои застанаа зад номинацијата на Берни Сандерс, а ниту малку не е во корелација со антиполициските протести во САД, во кои милиони Американци негодуваат против бруталниот однос на полицијата, а токму нивните гласови Бајден се надева да ги освои.

 

Прогресивците инсистираат на кандидат од нивните редови

 

Прогресивците во Демократската партија, веројатно би биле задоволени доколку Елизабет Ворен биде избрана за потпретседателски кандидат.

–  Кампањата ќе мора да им докаже на прогресивците низ целата земја дека тие се препознаени од партијата и тоа мора да се направи со одбирање на навистина прогресивен кандидат – вели Чарлс Чембрлејн од активистичката групација Демократија за Америка, која ги обединува поголемиот дел од прогресивните членови и симпатизери на Демократската партија.

Сенаторката на Масачусетс беше еден од противкандидатите на Бајден во прелиминарните партиски избори и секако дека би била големо освежување за кампањата на Бајден, но таа не ги репрезентира гласовите на Афроамериканците, ниту пак на другите малцинства во САД, а токму нивниот придонес се очекува да биде круцијален за победата на демократскиот кандидат на изборите.

Затоа можеби идеален кандидат би можела да биде Стејси Абрамс, која не само што ја ужива поддршката на прогресивното гласачко тело на Демократската партија, туку е и докажан активист за човекови права и права на малцинските групи во САД.

– Абрамс ќе биде разочарана доколку не биде избрана од Бајден. Секако дека постојат и други силни кандидати, но разочарувањето доколку таа не биде одбрана од него ќе биде големо и тоа ќе има сериозни последици врз кампањата – порачува Доријан Варе, претседател на неформалната прогресивна група „Комјунити чејнџ“.

Абрамс е доста агресивна во нејзините настапи и досега повеќепати од повеќе медиуми била посочена како сигурен потпретседателски кандидат. Таа досега се појави во голем број интервјуа и дебатни програми, а организираше и неколку настани на кои се собираа средства за кампањата на Бајден.

Свој кандидат за оваа позиција имаат и воените ветерани верни на Демократската партија, кои би сакале друштво на Бајден да му прави Тами Дакворт, сенаторката од Илиноис, но и поранешен поручник во американската армија.

– Тами е единствениот воен ветеран за оваа позиција, мислам дека сериозно треба да се гледа на нејзиниот потенцијал – порачуваат од клубот на ветераните.

 

Харис, Обама, Клинтон

 

Обложувалниците најмногу шанси ѝ даваат на Камала Харис, сенаторката од Калифорнија, која барем во моментов важи за една од најсериозните кандидатки.

Харис го поседува потребното потекло, кое ги задоволи демографските карактеристики, кои се бараат од кандидатот за потпретседател. Во нејзината кампања таа се залага за Универзален здравствен систем, како и за легализација на марихуаната на национално ниво. Таа е популарна помеѓу лево-либералните гласачи и секако дека би му помогнала на Бајден уште повеќе да ја зајакне својата позиција во однос на Трамп. Сепак, прогресивците не ја признаваат за свој кандидат, што се покажа на прелиминарните избори, кога таа освои незначителен број од гласовите на регистрираните демократи. Проблем би можело да биде и тоа дека во еден момент работеше и како јавен обвинител, како и нејзината премногу нагласена борба против трговијата со наркотици, што е една од главните работи против која во моментов се протестира по улиците на САД. Според медиумите, Харис лошо проаѓа и од т.н. умерени сили во Демократската партија и дека веќе неколку значајни донатори му соопштиле на Бајден дека би биле незадоволни доколку тој се одлучи токму нејзе да ја одбере.

Од пред неколку дена актуелно стана името и на Сузан Рајс, која во администрацијата на претседателот Барак Обама, служеше како Советник за национална безбедност.

Рајс секако дека е по вкусот на Бајден, бидејќи и тој му служеше на Обама како потпретседател, но нејзината номинација ќе значи и целосно повлекување на прогресивците, што би можело да доведе до пораз во претседателската трка.

Од голем број кругови постојано се повторува дека амбиција за оваа позиција има и сопругата на Барак Обама, Мишел, која наводно би сакала да застане до долгогодишниот семеен пријател и да се впушти во кампањата. Засега не постои потврда дали оваа опција е реална, но многумина сметаат дека ваквата комбинација би можела да биде добитна. Секако дека одредениот баласт што со себе го носи името на Барак Обама оставен по двата претседателски мандати, би можел да претставува пречка за шансите на неговата сопруга.

Тука некаде е и Хилари Клинтон, која иако повеќе од десет пати јавно порача дека нема да се вклучи во кампањата, сепак многумина навиваат токму таа да биде кандидатот за потпретседател.

Меѓу кандидатите се уште и и гувернерката на Мичиген Гречен Витмар, првата жена на Ново Мексико Мишел Лихан Гришам, како и сенаторот од Илиноис, Тами Дакворт. Во еден момент високо котираше Ејми Клобухар, како и Киша Ленс Ботомс.

Која од овие дами да биде одбрана, тоа ќе значи дека одредени групи и афилации кои орбитрираат околу Демократската партија ќе бидат незадоволни. Задачата на Бајден и неговите соработници е да донесат правилна проценка, кој од кандидадите ќе му донесе најмала штета, со цел да се добијат изборите, за кои според анкетите тој има голема предност пред Доналд Трамп.

The post Која дама ќе му го чува грбот на Џо Бајден? appeared first on Слободен печат.


Која дама ќе му го чува грбот на Џо Бајден? was first posted on август 1, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....