5.8 C
Скопје
06:43 - 28 април, 2024

КОГА СЕ САКА СЕ МОЖЕ: Училиштето во Волково е пример за инклузија, таму сите деца се исти

Најтежок момент ми беше првиот, кога требаше да воспоставам врска со ученикот на кој требаше да му бидам асистент во наставата, оти се плашев дали тој ќе ме прифати, а тоа беше најважно за обајцата да постигнеме успех, раскажува за „Слободен печат“, Катерина Матевска, образовен асистент на шестооделенец со аутизам во училиштето „Јоаким Крчоски“ во скопско Волково. Матевска е една од 316 асистенти што се ангажирани во оваа учебна година во училиштата низ Македонија како поддршка на учениците со посебни образовни потреби (ПОП), преку проект на УНДП. Иако нема доволно асистенти за сите деца, позитивните примери каде што се ангажирани обучени асистенти покажуваат дека тие, заедно со подготвените училишта се клучни фактори за успешна вклученост на учениците со попреченост во редовното основно образование.

Еднаквост во училницата за сите

Матевска, која по струка е одделенски наставник, вели дека е свесна оти инклузијата во нашето општество се уште е на ниско ниво и затоа ѝ било предзивик да биде дел од пилот-проектот кој има цел да создаде услови, позитивна атмосфера и еднаквост во училницата за сите ученици.

Катерина Матевска, училишен асистент

– Секој ден ми беше исполнет со нови и клучни одговорности од кои зависеше фузијата на различностите во една компактност. Од ден на ден, ученикот се менуваше во позитивна смисла, а ние се повеќе се поврзувавме. Пред мојот ангажман и на првите неколку часа не сакаше да бои, да црта и да пишува, но со тек на времето му се зголеми заинтересираноста. Беше видливо дека колку повеќе вложувам труд, толку повеќе тој напредува. Го подобри ракописот, црташе убави цртежи и ми ги подаруваше, имаше внимание во текот на целиот час, а заедничката работа му нудеше успех што двајцата не правеше среќни. Од мене добиваше аплауз, пофални зборови и многу љубов. Имаше солиден успех на исто ниво како некои ученици со уреден развој – вели Матевска.

Родителите велат дека асистентот значително му помогнал на нивниот син во наставата и социјализацијата, а ним секојдневието им се олеснило, затоа што до средината на четвртото одделение таткото седел со него на часовите.

– Откако доби асистент беше видливо позадоволен од претходно кога мораше да седи со мене, а ние редовно добиваме пофалби од наставничката дека одлично напредува во повеќе предмети. Петтото одделение го заврши со одличен успех – вели таткото.

Родителите потврдуваат дека дел од „формулата за успех“ покрај асистентката е самото училиште во Волково, во кое досега не сетиле ни трага од каква било дискриминација на учениците. Мајката вели дека кога пред шест години влегле да го запишат синот како прваче, во ходникот ги пречекал огромен ѕиден весник со зборовите: „Ние сме инклузивно училиште и кај нас се добредојдени сите деца“. Во тој момент исчезнале многу нејзини немири за тоа како детето ќе биде прифатено.

ОУ„Јоаким Крчоски“ – Волково

 

И да нема услови, ние си ги создаваме

Директорката на ОУ„Јоаким Крчоски“ Слаѓана Гаврилоска, вели дека отсекогаш биле отворени за учениците со ПОП, меѓу кои и учениците со попреченост, а искуството покажало дека е најважна соработката помеѓу наставниците, учениците и родителите.

– Да не се лажеме, не е лесно да се спроведе инклузијата, но кога се сака се може. И да нема услови, ние си ги создаваме. Најлесно е да се каже немаме услови, државата не дава и толку. Ние се снаоѓаме – вели Гаврилоска.

Најголем проблем им е недостатокот од простор и асистивна технологија, но очекува дека откако ќе заврши изградбата на спортската сала што е во тек, ќе опремат сензорна соба за учениците со аутизам. Во ова училиште учат 367 ученици, од кои 17 се се посебни потреби.

Психологот Гордана Несторовска објаснува дека нивното училиште пред десетина години било меѓу првите од Македонија што посетиле меѓународна обука на Советот на Европа за унапредување на инклузијата. Вели дека редовно ги следат повиците за обуки, грантови, проекти и за соработка, а потоа ги делат знаењата меѓусебе, со други училишта, но и со родителите.

– На инклузија работиме над 12 години и не се случило да вратиме дете при упис, а сме примале и ученици со попреченост од други реони. Од сите списоци на деца од нашиот реон досега само две се отидени во специјални установи. Јас сум одела и кај родители дома и сум ги викала да дојдат и да го запишат детето. Имало деца што живееле во изолација и требало да се работи со родителите, за да се поттикнат дека е од интерес на детето да се социјализира. Сме ги рушеле предрасудите кај оние кои мислеле дека детето нема да им биде прифатено во училишната средина. Во некои семејства сме оделе и три до четири пати, за да ги одоброволиме да го донесат детето во училиште, затоа што тоа треба да види други деца, да научи да другарува, да дели – вели Несторовска.

Психологот Гордана Несторовска со учениците

Од минатата учебна година во училишниот тим се приклучи и дефектологот Симона Лекоска, со што е засилена стручната служба, но од годинава е намален бројот на асистенти.

– Со години баравме да се вработи дефектолог и се исплатеше трудот, но жал ми е што сега имаме само двајца асистенти и се надевам дека и тоа ќе се надмине. Сега со дел од учениците со ПОП седат родителите, а на некои им помага дефектологот. Ние остануваме посветени и се трудиме во рамките на можностите да им овозможиме најдобри услови на сите наши деца. Таков е духот на целиот колектив и навистина со гордост можам да кажам е дека сме вистинско инклузивно училиште кога се работи за оној дел што ние како наставници треба да го дадеме на ученикот и на родителот – вели Гавриловска.

И на асистентите им треба поддршка

Асистентката Матевска вели дека успехот на еден асистент со ученик со попреченост се темели на упорност, посветеност и секојдневна лична и образовна надградба. Но, освен што ја даваат, и ним им е потребна поддршка, за да бидат уште поуспешни.

– Асистентот не е стручен да работи со различни типови на деца со попреченост и треба да се стекне со разни вештини и знаења. Потребни се и добро осмислени програми, соодветна опрема и адекватна обука и на наставниците. Морам да потенцирам дека сме оставени на себе и успехот на учениците со кои работиме зависи исклучиво од нашиот труд и влог. Министерството за образование не впушти во овој важен општествен сегмент без да не мотивира. Примаме минимални средства што редовно доцнат, а не можеме да работиме и на друго место, затоа што работата со овие деца не е хоби, туку целосен ангажман – вели таа.

Од УНДП, кои го спроведуваат овој проект велат дека идејата за обезбедување на асистенти дошла од самите општини кои ја идентификувале потребата и аплицирале во Програмата за општинско-корисна работа, која е дел од Оперативниот план на Владата за вработување.

– Општините можеа да аплицираат за обезбедување или надополнување на различни видови социјални услуги и во 2016 година за прв пат се појави идеја, односно потреба за помош и поддршка на децата со попречности што се вклучени во редовна настава, која од 2017 година ја прифати и поддржа и МОН. Првата година во две општини, Куманово и Струмица, беше обезбедена помош и поддршка на 20 ученици во основно и средно образование, а потоа бројките растеа. Во 2017 година во 18 општини беа вклучени 140 асистенти (106 образовани и 34 лични), а во 2018 во 36 општини имаше 334 асистенти (248 образовани и 86 лични). Во 2019/20 година се вклучени 35 општини каде се обезбедени 316 асистенти – вели Ана Димовска Котевска.

За исплатите, таа објаснува дека УНДП ги добива барањата од општините до 15-ти во месецот и има обврска да им ги исплати во рок од 5 дена, а потоа општините им ги исплаќаат на асистентите исто така за 5 дена. Надоместокот за 20 работни часа неделно е 9.000 денари месечно.

– Ангажманот на асистентите и на сите вклучени во програмата за општинско-корисна работа не е вработување, туку работно ангажирање кое треба да им обезбеди работно искуство и вештини на сите вклучени невработени лица за полесно наоѓање на работа на пазарот на труд. Тоа се рефлектира и низ фактот што околу 40 отсто од сите вклучени лица се вработиле за време на реализацијата на програмата или во рок од 3 месеци по нејзиното завршување – вели Димовска Котевска.

Асистентите се повеќе од неопходни

Образовните асистенти се повеќе од неопходни во редовното образование, вели д-р сци. Јасмина Трошанска, претседател на здружението „Сина светулка“ и тие не се она на што обично кај нас се помислува кога ќе се споменат – некој кој го држи детето за рака за да пишува, што му кажува да молчи и да седи на часот или што го изнесува од училницата ако се вознемири.

Јасмина Трошанска, дефектолог

– Тој е потребен на наставникот за да му помогне при подготовка и изведувањето на наставата, која треба да е соодветна на потребите на секое дете со посебни потреби или со посебни таленти. Едукацијата на дете со аутизам бара големо вложување од наставникот – на емоции, трпение, емпатија, флексибилност, ведрина и енергичност од една страна и изготвување на голем број на модификации и акомодации на материјалот што се изучува. Наставникот и специјалниот едукатор и рехабилитатор немаат супер моќи за да го направат сето ова, туку се обидуваат од се по нешто. И да го дадат максимумот нема да го постигнат она што би можеле доколку би имале асистент кој ќе помага во изготвувањето на материјалите, кој ќе му дава поддршка на ученикот кога на часот ќе се соочи со бариери, кој ќе биде тука кога ќе затреба второ возрасно лице за да тече наставата. Образовниот асистент треба пред се да ги сака децата, а потоа и да има познавање за работата со учениците со аутизам. Без познавање на стратегиите за справување со однесувањето не би требало воопшто да започне да работи со ученик со аутизам, бидејќи погрешни постапки можат да поддршат погрешно однесување кое потоа тешко се контролира – вели Трошанска.

 

The post КОГА СЕ САКА СЕ МОЖЕ: Училиштето во Волково е пример за инклузија, таму сите деца се исти appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....