-6.2 C
Скопје
07:24 - 25 ноември, 2024

Коалицијата помеѓу СДСМ и Беса ја разбранува ДУИ

Политичка бура предизвика завчерашното формализирање на првата македонско-албанска предизборна коалиција што го потпишаа лидерите на владејачката СДСМ и опозициската Беса, Зоран Заев и Биљал Касами. Од владејачката ДУИ реагираа дека оваа коалиција е свесна дефакторизација на албанските гласови и бараат Албанците во идната влада да ги претставува победникот на престојните избори, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини Заев дека создал „коалиција за продолжување на криминалното владеење“.

Заев вчера од партиското седиште порача дека коалицијата СДСМ и Беса ќе биде победник на изборите и дека не се плаши од одлив на македонски гласови поради предизборниот сојуз со албанска партија.

– Да не го лаже паметот ДУИ, коалицијата СДСМ и Беса ќе биде победник на изборите. Во шестата изборна единица ние ќе бидеме победници, а не ДУИ. Очекувам и другите партии да се менуваат и реформираат, ако се менуваат, ќе бидат партнер во новата влада што ќе ја направиме како победници – рече Заев, коментирајќи ја завчерашната изјава на вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ дека новата коалиција е спротивна на интересите на Албанците.

Заев повтори дека е донесена историска одлука и дека очекува поголем број гласови од Македонците, затоа што покажале и изградиле разноликост.

– Видовме дека нема ништо од кантонизации, тирански платформи, дека никој не изгубил ништо, туку добивме повеќе спокој. Зар не е почесно да се излезе уште сега, пред изборите со мултиетничка коалиција и заедничка програма? Знаеме дека во минато пред изборите едно викаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, па после ги променија ставовите оти морале да направат влада – рече Заев.

ДУИ: Ги уценувавме македонските партии

Изет Меџити од ДУИ за предизборната коалиција меѓу СДСМ и Беса вчера изрази жалење што малите албански партии не успеале да се обединат, како што рече, поради лични интереси.

– Наместо да честитаме за големиот сојуз на малите албански партии, констатиравме повторна и свесна дефакторизација на албанскиот глас. Потегот на овие партии е во спротивност со албанските интереси и претставува очајнички напор за спас на политичката сцена – рече Меџити.

Тој рече дека двете македонски партии постојано зборуваат дека ДУИ ги условува за правата на Албанците и дека обете и сега велат дека нема да дозволат уценување од ДУИ за владина коалиција.

– За жал, тука се најде и една албанска маргинална партија која се стопи во наративот за спречување на уценувањето кон македонските партии од страна на Албанците, уценување за неселективна правда, за работни места за Албанците, за економски развој на албанските региони. Да, вистина е, ние ги условувавме македонските партии за промена на името на државата, за промена на Уставот, за да станеме дел од НАТО и ЕУ, за да имаме двојазична држава, за да имаме претседател на Собранието Албанец, за да постигнеме договор со Бугарија, за ветинг, за работни места за Албанците, за унапредување на администрацијата и други. Ова наше условување ја донесе нашата земја во НАТО, на прагот на ЕУ и на целосната етничка рамноправност – рече Меџити и додаде дека тие како најголема албанска партија и гарант на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, имаат задача да ги заштитат правата на Албанците.

– Затоа не може да има Влада во оваа земја без албанскиот победник на демократски избори – рече Меџити.

Хајредини: ДУИ се чува од затвор

Аналитичарот Џевдет Хајредини за „Слободен печат“ вели дека ДУИ е криминална структура и мора да се одржат на власт по секоја цена, оти во спротивно ќе завршат во Идризово.

– Доста им е на албанските гласачи од манипулациите на ДУИ и на ДПА. Кога ним им е во полза, тие коалицираат предизборно со македонски партии, а кога не им одговара, ги критикуваат другите. Да не беше СДСМ на последните локални извори, ДУИ немаше да има ниту еден градоначалник и тогаш им одговараше македонско-албанска коалиција. Тоа што се случи ваква предизборна коалиција е добро. Мора еднаш да се расчисти со тие манипулации, затоа што партиите ги злоупотребуваат и ги комерцијализираат етничките чувства, ги користат како комерцијален продукт – вели Хајредини.

Тој потсетува дека кога се основаше, ДУИ отвори ограноци во Штип, во Кочани и на други места за да се зачленуваат Македонците.

Тој смета дека македонско-албанската коалиција евентуално може да им наштети само на СДСМ, затоа што помалите албански партии не ризикуваат ништо, бидејќи и онака се во опозиција.

Аналитичарот Насер Зибери во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ вчера истакна дека оваа коалиција е сериозна закана за ДУИ.

– Беса може сериозно да повлече гласови, бидејќи по инерција се создава атмосфера на победничка коалиција. Во минатото се покажа дека ДУИ како стабилен и константен коалиционен партнер во Владата по инерција добиваше сериозен дел на гласови само поради фактот што гласачот беше убеден дека тој политички субјект ќе опстане на власт. Сега се менуваат работите – вели Зибери.

Тој проценува дека на овие избори на СДСМ ќе му требаат 60.000-70.000 гласови од албанските граѓани, кои се достижни со формираната предизборна коалиција. На тој начин, вели Зибери, СДСМ ќе може да го победи ВМРО -ДПМНЕ, но и ДУИ, со што ќе се профилира како единствена политичка сила во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ вчера го повика Касами да каже дали уште мисли дека Заев е измамник.

„Лидерот на Беса за лидерот на СДСМ кажа дека е измамник што не си стои на зборот, а два месеца потоа коалицира со истиот тој измамник. СДСМ и Беса формираа коалиција за пораз на изборите на 12 април, која е спој на луѓе без јасни и конкретни ставови. Зоран Заев е човекот што од Македонија направи хибриден режим, оваа коалиција е за создавање целосен режим. Беса е партијата што заговараше федерализација на Македонија, а добро е да се знае дали и Заев ги дели истите ставови. СДСМ креира поделби“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Историска коалиција за европска иднина

СДСМ и Беса завчера и формално се договорија дека заеднички ќе настапат на предвремените парламентарни избори на 12 април, со што за првпат се формира предизборна коалиција на македонска и албанска партија. Во заедничката изјава партиите потенцираа дека ќе ја градат довербата и заедничката европска иднина и ќе ги почитуваат граѓанските вредности, идентични на европските вредности. Партиите се залагаат за негување и почитување на правата на сите етнички заедници, за развој и за борба проти корупцијата и праведно судство, а интеграцијата во ЕУ останува единствена опција.

Заев истакна дека како победничка коалиција нема да дозволат да бидат уценувани и нема да прифаќаат непринципиелни преговарања и договарања.

– Оние што ќе сакаат да им се приклучат на победниците, ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално учество во владината коалиција – изјави Заев.

Касами рече дека „за првпат во нашата историја, Албанците градат вистинско партнерство со владејачката партија и тоа како целосен и рамноправен партнер“.

– Очекувам албанските гласачи да ја искористат оваа историска можност да бидат активен член на владејачката коалиција – рече Касами.

The post Коалицијата помеѓу СДСМ и Беса ја разбранува ДУИ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....