Рекултивација, пошумување и уредување на Водно предвидува Градот Скопје, откако реализацијата на неколку инфраструктурни проекти, многубројни градежни зафати и други облици на човечка активност во изминативе години значително го оштетија неговиот шумски фонд. Советот на Градот деновиве ја усвои Програмата со која ќе се изврши пошумување на неколку локации што сега се соголени или зафатени со ерозивен процес.
Парите за пошумување на Водно, Градот ги обезбеди од Национални енергетски ресурси – НЕР, како компензација за уништеното зеленило поради изградбата на гасоводот преку парк-шумата. НЕР му плати на Град Скопје околу 43 милиони денари отштета, но тие пари беа наменски издвоени за да се компензираат исечените дрвја за потребите на изградбата на трасата на кракот на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 9 километри преку Водно.
Директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи тогаш вети дека со ревитализацијата на просторот, нема ни да се забележи дека таму имало градежни активности.
Програмата на Градот, изработена со помош на експерти на Шумарскиот факултет од Скопје, предвидува пошумување на четири приоритетни локации уште оваа есен – на северниот и на североисточниот дел на планината, во близина на градежните зафати од изградбата на патот Сопиште-Сончев Град-Скопје – две локации на Долги Рид, една во близина на месноста Марково Крувче и една во близина на Теферич.
Градоначалникот Петре Шилегов не се откажува од идејата дел од парите за пошумување на Водно, доделени од Владата преку НЕР, да отидат и на „разубавување“ на Водно и негово претворање во туристичка атракција. За таа цел, Програмата предвидува изведување на две патеки за планински велосипедизам, чиишто делови ќе бидат доволно атрактивни дури и за организирање на натпревари на екстремен велосипедизам.
– Апсолутно сме против тоа дел од средствата на НЕР да се пренаменуваат за што било друго, па макар тоа биле и велосипедски патеки – вели Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
Според Стојановска, неприфатливо е со парите да се градат и да се внесуваат нови содржини, дури тие и да имаат оправданост, какви што се рекреационите потреби на посетителите на Водно. Според неа, Градот мора да изнајде начин нив да ги финансира од други средства, а на планината да ѝ биде вратена загубената шума.
– Развој на планински велосипедизам да, но не наменски средства од НЕР за пошумување на искасапеното Водно да се пренаменуваат. Градот има доволно средства за инфраструктура, има над милијарда денари на располагање – категорична е Драгана Велковска, независен член на Советот на Градот и еко-активист, која гласаше воздржано.
Две години откако беше најавена како приоритетен инфраструктурен зафат, трасата на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар преку Водно сè уште не е завршена. Последниве месеци не можат да се забележат никакви градежни работи на неа. Цевките во должина на трасата на гасоводот само делумно се поставени, а целиот потег, на кој беа исечени стотици кубни метри шума и раскопани падините и шумските патеки, сè уште стои неуреден.
The post Ќе се пошумува Водно и ќе се прават велосипедски патеки appeared first on Слободен печат.
Ќе се пошумува Водно и ќе се прават велосипедски патеки was first posted on октомври 1, 2020 at 11:12 am.