22:21 - 22 декември, 2024

Како големите светски градови се борат со загаденоста на воздухот и што сѐ им забраниле на своите граѓани?

Дака, Њу Делхи, Сараево, Скопје, Милано, Кабул и Краков се дел од градовите кои секојдевно се на листата на најзагадени во светот.

Главниот град на БиХ е во опасната зона, но ниту Скопје не е во подобра состојба, а има и уште неколку градови на Балканот кои не се во завидна положба, кога е загаденоста на воздухот во прашање.

Лондон

Најгустите смогови кои некогаш се спуштиле во главниот град на Велика Британија доаѓале од 19 и 20 век, кога луѓето за да ги загреат домовите, користеле јаглен, а тешката индустрија во центарот на градот ги носела хемикалиите во воздухот.

Најпознат веројатно е големиот смог кој се надвил над Лондон во 1952 година. Студеното време во претходните денови значело дека луѓето согорувале повеќе јаглен, често со лош квалитет, кој во воздухот ослободувал сумпор-диоксид, додека електраните на јаглен ја влошувале состојбата во градот.

Смогот создал голема магла и ја намалил видливоста на само неколку метри, а се смета дека за само четири дена убил повеќе од 10.000 луѓе.

Решение: Законот за чист воздух кој Велика Британија го усвои во 1956 година.

Со законот се регулирал индустрискиот и домашниот чад, наметнати се подрачја за „контрола на чадот“ во градовите и со давање на субвенции на домаќинствата да се префрлат на „почисти“ горива.

Законот е продолжен во 1968 година, а квалитетот на воздухот навистина се подобрил во следните децении.

Сепак, загаденоста е проблем со кој Лондон и денеска се соочува. Овој град неодамна претстави „ултра ниска зона на емисии“, која им наплаќа на возачите кои со своите возила го зголемуваат загадувањето.

Властите во Лондон соопштија во октомври дека токсичното загадување на воздухот забележало пад од една третина во шест месеци, од кога мерката стапила на сила.

Пекинг

Забрзаниот процес на кинеската индустријализација довел до огромна загаденост на воздухот во земјата. Електраните на јаглен и автомобилите од 80-тите години го наполниле воздухот во Пекинг со опасни хемикалии.

Во еден извештај од 2014 година, Академијата за социјални науки од Шангај соопштила дека воздухот во Пекинг е толку лош што речиси е неподнослив за човечки живот.

Пред неколку години, Кина објави дека тргнува во „војна“ против загаденоста и дека небото над земјата повторно ќе биде сино. Мерките се намалување на производството на челик, како и замената на јагленот со вложување во соларната енергија.

Извештајот на ОН за оваа година покажа дека во период од само четири години, од 2013 до 2017 година, ситните честички во Пекинг опаднале за 35 отсто.

„Ниту еден друг град на планетата нема ваков подвиг“, стоело тогаш во соопштението. Целото ова се случило како резултат на мерки воведени уште од 1998 година.

Сепак, Пекинг до ден денеска не успеа во целост да се справи со овој проблем, бидејќи и моментално повторно се бори со проблемот со загаденоста на воздухот.

Маските за лице и натаму се честа глетка на улиците во Пекинг.

Мексико Сити

Престолнината на Мексико стана непопуларна поради загадувањето на воздухот за време на седумдесетите и осумдесетите години. Дишењето во тој град било еднакво на десет испушени цигари дневно.

Најголеми загадувачи биле автомобилите. И самата местоположба на градот, во внатрешноста на долина на висока надморска височина, значело дека лошиот воздух често останува заробен токму овде.

Во 1992 година Обединетите Нации го прогласија Мексико Сити за најзагаден град во светот.
Потоа, во овој град следуваа пакет на реформи за загадувањето, кои, меѓу другото, се однесуваа на јавниот превоз и одредување на строги стандарди за емисијата на гасови.

Иако мерките помогнале во годините кои следувале денеска ситуацијата повторно е лоша.
Истражувањата покажале дека голем број на граѓани ја игнорираат програмата „Hoy no Circula“ (ден без возила).

Популацијата во овој град продолжува да расте и да се шири, што значи дека „цвета“ и употребата на автомобили, а оние кои не возат често се потпираат на постарите, помалку еколошки автобуси.

Во мај минатата година, градските функционери прогласиле вонредна ситуација откако нивото на ПМ честички пораснало на повеќе од шест пати од препорачаната вредност на СЗО.

Индија

Престолнината на Индија, Њу Делхи, веќе со години важи за еден од најзагадените градови на светот. Ситуацијата во изминативе месеци е толку критична што тамошните власти морале да реагираат.

Градските функционери вовеле шема за „рационална употреба“ на автомобили, но експерти веруваат дека проблемот всушност е во земјоделците кои ги палеле своите посеви.

Вториот индиски град Бангалор го намалил загадувањето за околу 20 отсто за неколку години така што 6.000 градски автобуси се „конвертирале“ на возење на природен гас. Секое четврто лице кое патувало со автомобил денеска користи јавен превоз.

Сараево

Престолнината на БиХ денеска е најзагадениот град на светот. Овој град моментално се наоѓа во опасната зона.

Со цел да се контролира загаденоста, Кантонот Сараево забранил дизел возила во центарот на градот, а локалните власти апелирале на превентивно носење на маски за лице.

Препораката, меѓутоа, била дочекана со жестоки критики на социјалните мрежи, каде граѓаните тврдат дека градот не се потрудил тие маски да ги купат луѓе кои работат надвор на вака високо ниво на загаденост, како што се полицајци или возачи на јавниот превоз.

Инаку, властите за викенд ги намалиле цените на картите за жичара која води на планината Требевиќ, за луѓето да поминуваат што повеќе време на планина и да вдишуваат свеж воздух.

The post Како големите светски градови се борат со загаденоста на воздухот и што сѐ им забраниле на своите граѓани? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....