4.8 C
Скопје
09:46 - 26 декември, 2024

Изборите нека бидат фер и на здравје!

Претставниците на 15 политички партии и предизборни коалиции вчера со својот потпис на Кодексот за фер и демократски избори се обврзаа дека ќе ги почитуваат сите закони и правила при организирањето и спроведувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули, но дополнително и сите мерки што се и ќе бидат пропишани за заштита од коронавирусот. На овие десетти избори за пратеници во Собранието, петти по ред предвремени, ќе учествуваат вкупно 1.598 кандидати, кои ја ќе бараат довербата на гласачите за 120-те пратенички места. Нема независни пратенички листи, затоа што ниту една не собра 1.000 граѓански потписи за учество, а нема да се гласа ниту во дијаспората, затоа што немаше доволен број пријавени.

На изборите, и покрај поинаквите очекувања на голем дел од јавноста, ќе се гласа според постојниот изборен модел со шест изборни единици, кој е неповолен за малите партии, кои, пак,  се присутни во значителен број – десетина помали партии меѓу кои и пет новоформирани ќе се обидат да земат дел од колачот чиј најголем дел традиционално го делат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Сепак, најглавна карактеристика на претстојното изборно соочување се вонредните услови поради епидемијата со коронавирусот, која министерот за здравство Венко Филипче завчера ја оцени како најголемата здравствена криза досега, која ја начека државата со распуштено Собрание и техничка Влада.

Избори во сложена ситуација

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски по потпишувањето на кодексот истакна дека претстојните избори ќе се одвиваат во исклучително сложена ситуација, пред сѐ поради пандемијата со ковид-19, а учесниците се обврзале дека ќе ги почитуваат мерките за заштита на граѓаните во секоја фаза од изборниот процес. Деркоски најави дека во наредните денови ќе бидат изготвени здравствените протоколи врз чија основа ДИК ќе направи упатства за гласање, како подзаконски акти.

– Изборите се предизвик на сите нас кои го организираме процесот, меѓутоа и за сите што учествуваат во процесот. Јас се надевам дека сите учесници ќе си земат обврска да ги испочитуваат протоколите за заштита на здравјето на граѓаните, а до граѓаните апелирам да веруваат во институциите дека овој процес ќе се организира на најдобар можен безбеден начин за да можат да го остварат своето право на глас. Впрочем, тие се на ред на наредните избори за да можат да го дадат својот глас и да одлучат понатаму како ќе се одвива состојбата во нашата држава – истакна Деркоски.

Тој информира дека членовите на ДИК заедно со нивните служби следните денови ќе вршат проверка на терен и ќе бараат соодветни гласачки места за да обезбедат безбедно гласање.

– Сите гласачки места ќе бидат во доволна квадратура за да може безбедно да се гласа, ќе бидат со прозорци што може да бидат цел ден отворени за проветрување и за да се обезбеди дистанца внатре меѓу учесниците во избирачкиот одбор и на набљудувачите на процесот и за да се обезбеди ред. Просториите ќе бидат секаде на приземје, ќе се користат сите спортски сали, ќе се користат и ходниците во училиштата, претежно затоа што најголем дел гласачките места се во училиштата за да може на колку што може поотворен простор се одвива гласањето – рече вчера Деркоски.

МВР вчера им го доставила Избирачкиот список, кој сега поминува во втора фаза на обработка.

ДИК најави и дека ќе обезбеди опрема за пренос во живо од седниците на Комисијата, а ќе биде овозможена и платформа преку која новинарите ќе можат да поставуваат прашања.

За новозаболените ќе нема време да се пријават за гласање

Нов момент на овие избори е што нема да можат да гласаат сите оние лица што по 8 јули ќе добијат позитивен тест на коронавирусот и оние што ќе добијат решение за самоизолација. До 8 јули ќе бидат затворени посебните изводи од Избирачкиот список на кој се запишани гласачите што гласаат според член 111 од Изборниот законик, односно болните и немоќните лица, и ако некој се зарази после тоа, а имал намера да гласа на 15 јули, нема да може. Тој ќе остане запишан на изводот од списокот во избирачкото место каде што требало да гласа, но поради решението за изолација, нема да смее да излезе од дома.

Деркоски вели дека и покрај тоа што секој има уставно право на глас, оваа одредба од ревидираниот роковник е во согласност со Изборниот законик и не може да претставува основа некој подоцна поради тоа да ги оспори изборите.

– Според член 111 од ИЗ, немоќните и болните лица ако сакаат да гласаат дома, треба да се пријават во општинските изборни комисии најдоцна седум дена пред гласањето. Тоа е така за да имаме време технички да се подготвиме за гласањето во домашни услови, затоа што за тие лица треба да се извадат посебни изводи од Избирачкиот список и да се формираат комисии што ќе ги посетат дома – вели Деркоски за „Слободен печат“.

Според роковникот, на 13 јули (понеделник) ќе гласаат болните и изолираните од коронавирусот, на 14 јули ќе гласаат затворениците, притворениците и останатите болни и немоќни лица, а на 15 јули е изборниот ден за сите други граѓани.

Петнаесет „тркачи“ за пратенички места

По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, вчера ДИК изврши ждрепка со која ги определи билбордите за политичко рекламирање, а пред да бидат замрзнати изборите, на 19 март со ждрепка беше утврден редоследот на партиите на гласачкото ливче, кое ќе изгледа вака:

  1. ДПА
  2. Демократи
  3. Коалиција „Можеме“
  4. Левица
  5. Алијанса на Албанците и Алтернатива
  6. Глас за Македонија
  7. Граѓанско демократска унија – ГДУ
  8. Интегра – Македонска конзервативна партија
  9. ДУИ
  10. СДУ – Скопје
  11. Коалиција „Никогаш северна само Македонија“
  12. МОРО – работничка партија
  13. Народна партија на Ромите
  14. ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“
  15. Твоја партија

The post Изборите нека бидат фер и на здравје! appeared first on Слободен печат.


Изборите нека бидат фер и на здравје! was first posted on јуни 19, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....