4.8 C
Скопје
02:47 - 26 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Зијадин Села: Оптимален термин за избори е крајот на јули или почетокот на август

„Прес конференција“ е насловот на неделното мега интервју со познати личности од сите области на јавниот живот. Од политиката, науката, културата, спортот, естрадата. Авторот на интервјуата Зоран Иванов, секоја среда на страници на весникот, за своите соговорници ќе дефинира лепеза прашања од интерес за најшироката читателска публика на Слободен печат.

Се плашите ли од коронавирусот? Како се заштитувате? Ваш впечаток за тоа како се справува државата со епидемијата?

– Не, не се плашам, им препорачувам и на граѓаните да не се плашат, бидејќи тоа би ја комплицирало нивната здравствена состојба, креирајќи непотребни психози кај нив. Но, да, претпазлив сум, како што треба и сите да бидат. Секој треба да ги почитува мерките за претпазливост и насоките што ги даваат СЗО и Министерството за здравство. Социјалната дистанца е главниот и, за жал, засега единствениот начин сега да се добие оваа битка сè додека не се открие вакцина. Државата има проследено мерки што ги препорачува СЗО, а најзаслужни што ситуацијата е сè уште под контрола се граѓаните, кои се свесни за капацитетот на нашиот здравствен систем и се придржуваат кон препораките. Во неколку наврати Владата без потреба создаде паника ад-хок прогласувајќи полициски час, придонесувајќи за непотребно собирање на граѓаните пред маркетите за да купуваат храна и на таков начин се ставаат во ризик и нивните животи и целокупната здравствена состојба во државата. Оваа криза не се решава со создавање паника, туку со смирени и добро анализирани одлуки. За жал, нашата препорака за масовно тестирање на секое домаќинство, Владата не ја зеде предвид и на тој начин не го искористи адутот што го имаат малите држави за полесно контролирање на болеста. Во РСМ нема повеќе од 600 илјади домаќинства и ние можевме со не повеќе од пет милиони евра да добиеме јасна слика за тоа кој сè е заразен со ковид-19 и одамна ќе немавме вонредна состојба и денес сите бизниси ќе беа отворени, што значи полесно ќе ја пребродевме и економската криза. Наместо карантин и изолација за сите граѓани, ќе имавме карантин само за заразените. Недостасува и финансиска помош за граѓаните. Таа се најавува дури сега, паралелно со најавата за брзи избори. Тоа не е помош туку поткуп. И за време на пандемија, за жал, се финансира партиска припадност, познанства итн. За жал, Владата ја гледа здравствената криза под лупа на изборите што нè очекуваат и затоа дебело ќе ја платиме и сметката од економските последици на ковид-19.

Во врвот на Вашата партија има повеќе лекари. Какво е Вашето мислење, можни ли се избори во јуни, во јули, со оглед на кризата од ковид-19?

– Да, во право сте, во партијата има доста лекари. Ако зборуваме од здравствен аспект, избори ќе треба да се случат кога конечно ќе се подобри состојбата со ковид-19, а кога ќе биде тоа, никој не може да предвиди. Од друга страна, колку што е важна борбата против епидемијата, исто е важна и демократијата во нашата држава. Ние не треба да дозволиме да влеземе во тоталитаризам, па затоа, паралелно со оваа битка, треба да организираме и избори. Без исклучок, досега сите експерти тврдат дека со високите температури, вирулентноста на вирусот паѓа, па затоа мислам дека изборите треба да се случат во услови кога температурите во Mакедонија ќе бидат високи. Има најави дека наесен ќе се случи нов бран епидемија со ковид-19, така што не треба да се чека есен за да се одржат изборите. Летото е една опција, но потоа треба да имаме предвид дека Македонија е сè уште незрела демократија, па не може да си дозволи да одржи избори без присуство на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, а предуслов за нивното присуство тука е отворањето на границите. Исто така, изборната листа треба да се коригира, затоа што во меѓувреме со право на глас се стекнале и многу други граѓани што навршиле 18 години. Имајќи го предвид ова, ние како Алијанса за Албанците мислиме дека крајот на јули или почетокот на август би било најоптимално време за избори.

Што досега не сте кажале за 27 април 2017 година, а што Ве мачи? Од кого или од што сте најразочарани, најповредени како човек?

– Многу работи се кажани докрај, но најразочаран и најповреден сум од фактот што човекот што ме спаси на 27 април, господин Абдулфета Халими, е осуден на 7 години затвор.

Можеби ќе одречете, можеби не, но македонската јавност, Македонците посебно, Ве доживуваат како етнонационалист. Ви пречи ли тоа или Ви годи за гласовите на избирачите Албанци?

– За жал, има многу предрасуди во нашето општество. Жртва на такви предрасуди донекаде сум и јас, а потпомогнато од разни партиски пропаганди, во зависност од политичката ситуација. За волја на вистината, не се сметам себеси за националист и, да, ми пречи таквото квалификување. Себеси повеќе се сметам за реален политичар, кој доаѓа од редовите на албанската етничка заедница во Македонија, заедница што заедно со низа други помали етнички заедници не се целосно рамноправни со македонската етничка заедница. Вистинските националисти треба да се бараат во првиот парламентарен состав во 1991 година, кај сите тие политичари што гласаа за Устав што имаше за цел да гради еднонационална држава во мултиетничка реалност. Ние само се браниме од ваков тип национализам.

Па, каква ја гледате Македонија денес? Каква ја посакувате, ако ја посакувате, за 5, за 10 години, на пример?

– Ако со „денес“ мислите и на кризата со ковид-19, тогаш таа не се разликува од повеќето земји на Земјината топка, нормално со исклучоци. На пример, последни сме во регионов со онлајн наставата, потоа грижата што во овие тешки времиња треба да ја покаже државата кон граѓаните, за нивните здравствени и економски потреби, не постои. Први сме по смртност – 45 смртни случаи на еден милион жители. За разлика од другиот дел на светот, ние ја плаќаме и цената на транзициските политики и политичари што државната каса овие години ја присвојуваа за лично богатење, оставајќи зад себе руинирано и дезорганизирано здравство, образование, економија итн.

А надвор од кризата, Македонија е држава која според Светска банка има 27 отсто сиромашни граѓани, а дури 35 отсто се на прагот на сиромаштијата, што сѐ заедно нѐ прави држава во која 62 отсто од вкупниот број граѓани живеат во сиромаштија. Сега, како последица на кризата, оваа бројка е сигурно поголема. До ден-денес имаме партизирано судство и судство кое одлуките ги носи според името и презимето што го носиш, а не според кривичното дело што го имаш направено. Продолжува со монтирани политички случаи, а само мал дел се решени. И, никој од тие што ги монтирал овие процеси не одговарал и тоа е знак дека и во иднина ќе ни се повторуваат. Уставот продолжува да продуцира кризи признавајќи само еден народ.

А како ја посакувам? Во една реченица тоа би гласело вака: Само преку целосна рамноправност, деполитизирани и деетнизирани одлуки во судството, власт што поблиску до граѓаните, што значи вистинска децентрализација на локалната власт и целосно интегрирање во западните институции и цивилизација со што ќе имаме прогрес, мир и иднина.

А каква верувате дека ќе биде, за каква Македонија ќе се залагате преку политиката?

– Еднаква Македонија за сите, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, со вистинска консензуална демократија, со дводомен парламент без да се има потреба некој постојано да се надгласува или мајоризира туку консензусот да биде начинот на градење на нашата заедничка иднина, целосно децентрализирана локална власт и од аспект на фискална децентрализација, менаџирање со природните ресурси од страна на општините на целата нивна територија, конкретно образование и здравство како во развиените земји, со конкретна економија и со ниска стапка на сиромаштија и невработеност.

Што Ви пречи во Уставот на Република Северна Македонија? Што би одзеле, што би додале и зошто?

– Заклучоците на многу експерти по уставно право тврдат дека поради многуте промени што се имаат случено во Уставот на РСМ, треба да се донесе нов устав. А причините зошто толку се променил Уставот, ги објаснив погоре. Пречи тоа што целиот Устав е составен на таков начин што признава само една етничка заедница како конститутивен народ, а тоа особено се препознава кај амандманот 5, кој зборува за јазичните права, а каде што се спомнува само македонскиот јазик. Мислиме дека овој амандман ќе треба да се промени и освен македонскиот јазик и неговото писмо, да се додаде и албанскиот јазик и неговото писмо. Ние Албанците за нашиот јазик не можеме да прифатиме да има дефиниција која никаде не го спомнува албанскиот јазик, ниту каква било друга дефиниција освен албански јазик. А зошто? Од истите причини поради кои некој на Mакедонците не им го признава нивниот јазик. Не заборавајте дека врвот на потребите на секој поединец без разлика на етничката припадност е да биде признаен и прифатен како идентитет, каков што тој се чувствува и како таков да се почитува за еднаков. За жал, освен што треба да ги решаваме проблемите со Уставот, овде се продолжува со креирање уставно зависни проблеми. Зборот ми е за Уставниот закон. И со последните негови промени како резултат на Договорот со Грција, кога на граѓаните со немакедонски идентитет во државјанството им се вметна да им се пишува „Македонец/ граѓанин на Република Северна Македонија“, а треба да стои само името на државата. Еднаш засекогаш треба да се стави крај Албанците во РСМ да се сметаат за малцинство. Дефиницијата за малцинство не е нумеричка туку политичка. Една третина од вкупниот број на населението што живее само во еден дел од државата каде што е мнозинство и кое има клучен дел за стабилноста и за мирот во државата, не може да се третира како малцинство.

Во однос на релациите со лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој кого изневери, Села – Зaeв или Зaeв – Села?

– Од политички аспект и од очекувањата што ги имав кога му дадов поддршка за формирање ново мнозинство, не можам да кажам дека сум изневерен. По изборите во 2016 година, Алијанса за Албанците доби само тројца пратеници. Само со тројца пратеници ние успеавме да го условиме формирањето на новата власт со донесување нов закон за употреба на јазиците, нешто што ДУИ 15 години по ред не успеа да го донесе и тоа со апсолутна поддршка на албанските гласачи. Државата доби јасна прозападна ориентација и денес сме полноправна членка на НАТО. Една од трите главни функции на државата, зацртани во нашата програма за изборите во 2016 година, се исполни. Нашите главни политички цели беа заокружени со само тројца пратеници, па затоа, од политички аспект, не се чувствувам изневерен. А од човечки аспект, одговорот му го оставам на Заев за тоа со што заслужив да работи против Алијансата за Албанците и директно против мене за локалните избори во 2017 година, иако само неколку месеци пред тоа му ја спасив главата?!

Може ли кавгата со Билал Касами да Ви нанесе постизборна штета, па повторно да останете во опозиција?

– Не сум имал каква било кавга со Касами, напротив, имаше понуда од моја страна за предизборна коалиција која, како што знае јавноста, тој ја одби и отиде во коалиција со СДСМ. Според мене греши, бидејќи Албанците како заедница уште не се реализирани во РСМ за некој од албанските политички партии да прави предизборни коалиции со која било македонска политичка партија. Јас не гледам некоја суштинска разлика во политичките ставови во однос на албанските права, било од страна на СДСМ било од страна на ВМРО. Ако некој мисли обратно, јас би имал едно прашање: Со чија режија се правеа вработувањата во државната администрација пред да почне изборната кампања, кога на стотици и повеќе Албанци им се земаше работното место што со Устав им е гарантирано, преку правична застапеност, и им се даваше на Македонци, само со една изјава дека се Албанци? А дали Касами може да ни направи постизборна штета, тоа е во рацете на гласачите, а не во рацете на поединци.

На времето се сепариравте од ДПА, ја ослабнавте таа партија. Никогаш ли не се помирувате да бидете втор?

– Не е тоа причината зошто се сепарирав од ДПА. Секогаш сум стоел на ставот дека незадоволствата во една политичка партија, не треба да резултираат со отцепување од неа. Тоа не е здраво за демократијата и за самата политичка партија на која ѝ припаѓате. За волја на вистината, јас не се оддалечив од ДПА, но претседателот на ДПА си зеде за право противстатутарно да ме исклучи од партијата. Следуваше моето барање за внатрешни реформи и конгрес на кој ќе ги спротивставиме ставовите и на кој делегатите ќе решаваат за иднината на ДПА. Но, за жал, беше доцна. Демократското во ДПА беше одамна завршено, па вистинското членство на ДПА немаше друг избор освен по една година да формира нова партија. Инаку, немам никаков проблем да бидам втор, па и трет, па и последен, важно ми е да се почитува најважното правило во една политичка партија, а тоа е дека партиите не се сопствен имот на некој поединец, па макар бил тој и претседател на партијата.

Тешки сте за компромиси во политиката, а во животот?

– Тешко ми е да зборувам во прво лице еднина, па си правам компромиси за да одговорам на Вашите прашања.

Во Струга, на пример, сам издржавте само еден мандат. Што се случи, Ви откажаа граѓаните, имаше политички местенки или Ве отпиша урбаната мафија?

– Дел од одговорот Ви го дадов кога ме прашавте за господинот Заев. Да, имаше политичка местенка и во првиот и во вториот круг. Во првиот круг сегашниот градоначалник на Струга дури не успеа да се пласира во вториот круг. Тука беше првата политичка местенка помеѓу ДУИ и СДСМ. Поништија гласови на кандидатот на СДСМ и полнеа кутии за кандидатот на ДУИ да може да влезе во вториот круг. И во вториот круг имаше тешка манипулација со волјата на граѓаните. Целиот државен врв беше фокусиран во Струга за да се манипулираат изборите. Во чистите македонски села имаше полнење кутии, па 15 минути пред да заврши гласањето, успеаја да го превртат резултатот во нивна полза. За време на мојот мандат воспоставив ред во владеењето со општината, од што загрозена беше урбаната мафија, која исто така многу придонесе во целата манипулација. Единствени што не откажаа беа граѓаните.

Ако е можно без дипломатско ескивирање, со кого посакувате повеќе да бидете во влада, со Мицкоски или со Заев?

– Без ескивирање. Јас сум претседател на една политичка партија која има платформа, статут и програма за владеење што им се нуди на граѓаните за гласање и за давање нејзина поддршка. Во моментот кога тие ќе ја легитимираат нашата програма и политичката платформа, од тој момент јас не сум Зијадин Села туку програмата и платформата, кои ја имаат добиено поддршката од граѓаните. Па затоа не е прашање со кого јас посакувам влада, туку кој од нив е подготвен да ја прифати нашата програма и политичката платформа.

Каде е тука сè уште моќната ДУИ и вие како Алијанса? Ќе има ли место, заедно со ДУИ, да бидете во иста влада?

– Не би рекол сè уште моќната ДУИ, бидејќи според нашите анализи, не излегува така. ДУИ, сега-засега, оди во опозиција, а имајќи предвид дека кај нив нема никаква идеологија, туку само клиентелизам, не верувам дека во опозиција ќе опстојат како политичка партија. Со ДУИ во опозиција кај албанското општество во Македонија ќе се врати демократијата, бидејќи 18 години живее во монизам. Во монизам, затоа што никаква смисла нема демократијата без промена на партија која владее повеќе од два мандата. Не гледам можност за заедничка влада со ДУИ.

Вашата исклучивост за постизборно коалицирање, а со оглед на габаритот на Алијансата, е рискантна. Ќе го отстапите ли лидерството ако останете во опозиција?

– Легитимитетот на Алијансата за Албанците и мојот легитимитет како нејзин претседател не произлегуваат од волјата на некој си мандатар за креирање мнозинство, туку од поддршката кај нашите гласачи. Така што, во случај да не ја добијам таа поддршка, да, ќе понесам одговорност пред органите на партијата.

Бидејќи не го прифативте Ахмети за „сеалбански“ шеф во Македонија, точно ли е дека Вие бевте иницијаторот за фамозната „платформска“ сеанса кај Еди Рама?

– Идејата за седнување на сите албански парламентарни политички партии на една маса по секои избори, да, тоа е моја идеја и на Алијанса за Албанците, и тоа можевте да го гледате како мое ветување во целата кампања за време на изборите во 2016 година. Овој политички инструмент има за цел да ѝ стави крај на политичката игра што ја воведе Груевски, кога една албанска политичка партија ја земаше во власта, а другата седеше до врата за уцена со промена на коалицискиот партнер и успеваше да ја држи ДУИ во власта само фигуративно, без да исполни ниту едно изборно ветување на ДУИ пред Албанците. Единствени кои губеа во таквата ситуација беа Албанците.

Блерим Река, политички го афирмиравте во Македонија го извезовте како министески кадар на Косово, пораката е е „еден албански простор“, сегмент одтиранска платформа или?

– Многу е лошо кога се мисли дека некој први кадри, извезува, афирмира, контролира туѓи животи и т.н. Господинот Река е универзитетски професор и нема потреба некој да го извезува. Активен е во политичкиот живот во Косово многу време пред да се потпише „Договорот за соработка помеѓу албанските политички партии“, а не „Тиранската платформа“ како што тврдите вие. Мандаторот во Косово одлучи да го има во неговиот кабинет и тој прифати. Крај на приказната.

Што стои меѓу „Едно општество за сите“ на Зоран Заев и „Една држава за сите“на Блерим Река?

– „Едно општество за сите“ е манипулативен слоган. Општеството во РСМ е мултиетничко и мултикултурно и е за сите, го сакал тоа некој или не го сакал. Тоа ти е исто како да кажуваш еден свет за сите. Да, ама во светот има и Американци и Етиопјани. Или Европа за сите. Да, ама постои Европа каде што ние географски припаѓаме, а постои и Европска Унија каде што не припаѓаме. Постои општетво во Македонија кое е за сите ама постои и држава која за некого е повеќе за некого помалку. За време на ова негово владеење тој слоган се покажа дека е манипулативен кога на малите Албанчиња во Идризово и во Чашка не им се дозволува да учат на албански јазик. Кога Албанците од Блаце секој ден ја поминуваат границата за Косово поради тоа што немаат училиште во нивното село. Кога господин Заев им дозволува на Македонците само со една изјава декларативно да се изјаснат за Албанци, Турци, Роми и т.н.и да им и го земе нивното работно место гарантирано со  устав, а обратното не се случува.

„Држава за сите“ е реален слоган. Правна држава за сите, без разлика дали си премиер, министер, пратеник или претседател на партија или на држава, бивш или сегашен. Исти услови за образование, за здравство и за економски развој без разлика на етничката припадност. Еднаш за секогаш да се стави крај на јазичната и на етничката дискриминација и т.н.

Што како имот ви остана од градоначалничкиот мандат, кафуле, плажа, …?

– Па ни едно, ни друго, а ни трето.

Приватно, што ве радува, што ве натажува во секојдневието?

– Фамилијата, моите деца, другарите исто така, а истите се и причина и за мојата тага кога  размислувам колку малку сум присутен со нив поради работата и обврските што ги имам.

Како гледате на идентитетот на Македонците, до кога на таа тема ќе имаме проблеми со соседите?

– Гледам како на идентитет на секое човечко суштество. Идентитетот е право на избор, секој е тоа како што се чувствува и тоа треба да се почитува. Македонскиот идентитет последните години политички е злоупотребуван од страна на некои македонски политички партии што придонесувало за раздор помеѓу самите Македонци делејќи се на Антички и Словени, а тоа е ризично во поглед на внатрешната кохезија од една страна, а од друга создава лоши односи и со соседите. За среќа се реши проблемот со соседна Грција, а се надевам дека ќе се најде решение и со Бугарија согласно договорот за добрососедство.Мислам е дојдено време соседите освен што се договараат за добрососедство и да се признаваат меѓусебе како соседи со име, со презиме и со јазик. Само преку признавање на различното може да се направи дистинкција меѓу оние кои те сметаат за сличен што верувам дека е тоа се уште проблемот со Бугарија. А за тоа треба храброст и храбри политичари од двете страни кои ќе го признаваат бугарското малцинство во РСМ и македонското малцинство во Бугарија. Како што и Македонците треба да ги запознаат и Албанците во РСМ како Албанци и со албански јазик, а не со јазик што го зборуваат 20% од граѓаните и кој е различен од македонскиот јазик.

Има ли другарство во политичките води, имате ли другари онака баш другари припадници на сопернички политички партии?

– Има дружење како што има во животот и во секоја негова област. И политиката е дел од тоа. Има и другарство и токму другарството е тоа што не ја дели политичката припадност и што не треба да ја дели.

Прогноза: Заев Мицкоски или некој трете ќе ја води идната влада?

– Тоа е прашање за аналитичари, а јас не правам анализи туку водам политичка партија која конкурира да ги добие изборите.

 

The post ИНТЕРВЈУ Зијадин Села: Оптимален термин за избори е крајот на јули или почетокот на август appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....