19.8 C
Скопје
10:35 - 30 април, 2024

Хистеријата е општа, последиците се трајни

Што остана уште ненапишано и неискажано за актуелнава ситуација во светот со корона вирусот?

Како и многумина други во професијава, претпоставувам, претплатен сум на десетина дневни њуслетери на најугледни светски медиуми и дневно следам барем уште толку други извори на информации… Последниве две-три недели, над 90 отсто од содржините (барем, говорам за оние објавени на англиски и повеќето балкански јазици), што е веројатно нормално, се однесуваат на вирусната пандемија.

Никој ништо друго не прави, не чита, не гледа, не слуша, освен за коронава.

Ова, според сите важечки дефиниции во социологијата и психологијата, може да се третира за масовна психоза – со други зборови, тоа се нарекува и масовна хистерија или групно опсесивно однесување. Таквиот феномен може да се базира врз вистински или замислени групни закани, но примарното чувство е она на лична загрозеност и колективен, паничен страв.

Низ историјата, читам по интернет, се забележани многу такви масовни хистерични однесувања, по различни поводи на групни стравувања: од средновековните „масовни танцувања“ во делови од Светата Римска Империја (луѓе со денови на плоштадите играле до изнемоштеност, а некои и до смрт, за да ги растераат „лошите духови“) и безбројните помали и поголеми ловови на вештерки (оние од Салем се најпознати, литературно и филмски овековечени до денешни времиња); преку бројните случаи на распространети масовни хистерии во 19-тиот век, по разни поводи и причини, втемелени врз верски или фолклорни верувања; до не така дамнешните примери на масовни хистерии, како онаа предизвикана од радио-драмата „Војна на световите“ на Орсон Велс од 1938 година, кога половина Америка беше втурната во таква паника, што требаше долго време луѓето да се уверат дека нападот на Марсовците врз Земјата е обична радио-фикција… И уште стотици други бизарни, а масовно-хистерични однесувања, како бројни примери со повеќедневни масовни смеења кои не можеле да се сопрат (на пример, во училиште во Киншаса, Танзанија, во 1962), најразлични масовни сексуални однесувања (особено по американски колеџи), масовни несвестици, страв од кловнови итн.

Сепак, оваа сегашнава глобална хистерија е прва таква, со огромни размери, барем во последните стотина години. За неа причините се јасни, а се потпираат врз лоши предвидувања и реални случувања по жариштата на вирусот низ светот, иако постоечките медицински статистики за ширење и смртноста од вирусот се сè уште некомплетни и недоречени… Но, општата политика е „подобро да се спречи, одошто да се лечи“, додека медицинските статистики на подолг рок не покажат поинаку.

Како и секоја масовна хистерија и раширена параноја, кога ќе поминат, ќе остават последици врз многу други, вон-здравствени области во општествата, од кои економските ќе бидат највидливи и сите ќе ги почувствуваме во драстични форми и на подолг рок.

Пострашни ќе бидат многу подлабоките „рани“ врз фините текстури на општествата, кои не ќе можеме ни да ги забележиме, а не пак статистички да ги обработиме. Во тоа спаѓаат чувствата за нарушена доверба или недостаток од солидарност меѓу големи бројки на луѓе. Или односот кон нашите повозрасни сограѓани, родители, роднини, познати и непознати, кои ќе поминат низ многу недели во „пеколот“ на осаменост и дистанца, на кои возраста, колку поголема, толку поосамена, и така веќе ги осудила. Или длабоката вознемиреност на заразените. Или стресот на цели генерации медицински персонал и други професии кои ќе се соочат со лимитите пред предизвиците во своите ангажмани…

И којзнае што и кој уште не. Масовен синдром на пост-трауматски стресови од најразличен вид.

Сепак, оваа сегашнава масовна хистерија сигурно уште долго ќе се проучува во различни научни дисциплини, ако заради ништо друго, тогаш барем заради една сè уште необјаснива појава: Што е тоа што ги тера луѓето да купуваат неограничени количества тоалет хартија?!

The post Хистеријата е општа, последиците се трајни appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....