2.8 C
Скопје
18:01 - 24 декември, 2024

Гуски во предизборна магла

Кога ќе ги видите двата „пресудни“ услови што ги поставил лидерот на опозицијата – а кои на негово инсистирање биле исполнети! – за да се закажат избори на 15 јули, јасно е дека нечии уши, повторно, биле добро истегнати за да се закажат и овие избори во јулскиот рок, наспроти желбата на ВМРО-ДПМНЕ до нив да не дојде.

Имено, под еден, да имало „здравствени протоколи за гласање“ – бидејќи „злосторничката СДСМ“ имала намера да наложи, во ек на пандемија, секој гласач поединечно да мора да се бакнува, во уста, со сите членови на избирачките одбори, но бескомпромисниот настап на опозицијата – браво! – го спречило тоа кобно сценарио на власта, па сега ќе мора да се носат маски и да се внимава на дистанцата… И, под два, да има вообичаена странска набљудувачка мисија, со што е осуетен обидот на СДСМ масовно да ги фалсификува изборите зад грбот на странците, ама сега нема да може, бидејќи ВМРО, во соработка со Брисел, Стразбур и Вашингтон, навреме ги разобличи!

Дрн, дрн, дрн… Си легнаа на брашно како урда за бурек со сирење. Само што, традиционално, измалтретираа сè живо и диво наоколу, започнувајќи ја предизборната кампања во голем губитнички стил.

Се испостави дека, како и за сите важни одлуки за Македонија во (најмалку) последните три години, проценките на опозицијата и за тактиката околу времето за излегување на избори е сосема промашена. Никако не можат да влезат во ритамот што им го наметнуваат политичките опоненти, а меѓународната заедница продолжуваат да ја „читаат“ од буквар за прво одделение.

Таа ситуација на постојана затеченост и очајна реактивност, со право, ги прави да се во континуирана состојба на политичка психоза, а не разбираат дека ескалираниот политички речник и воинствените реакции за сè и сешто не им донесе ама баш НИКАКВА корист во цела низа гласачки соочувања: ги загубија локалните и претседателските избори, како и референдумското изјаснување, тотално се загубија во интеграцијата на Македонија кон НАТО и ЕУ, а на пат се слично да си поминат и во овој парламентарен изборен натпревар. Памет не им доаѓа.

Еве, да го земеме и најгорливиот проблем во моментов: состојбата со епидемијата. Лошите трендови на заразата во земјава ВМРО-ДПМНЕ толку хистерично пропагандно ги експлоатира, што наместо да остави впечаток на искрена емпатија и конструктивна загриженост за здравјето на граѓаните, испраќа непријатна порака на силен напор само како да се дојде на власт „газејќи преку лешеви“, за што полни со омраза секојдневно го обвинуваат токму својот политички „непријател“. Па и тоа го прават лицемерно селективно, несмасно внимавајќи ем случајно да не го навредат ДУИ, ем да ја минимизираат сопствената одговорност преку секторите во власта со кои технички раководат.

Најверојатно ќе им се случи, и кога „брановидните“ епидемиски статистики ќе почнат да опаѓаат во месецот до изборите, тие уште да форсираат паника и апокалипси, не разбирајќи дека на луѓето им треба охрабрување и верба во институциите, а не изборни гласови со сочно потхранување на нивните примордијални стравови.

На тоа ќе се надополнат, очекувано, обвинувањата за наводните скандали на власта – велам наводни, бидејќи за три предизборни недели ништо сериозно не може да се докаже – со кои ќе татни предизборната пропаганда, во комбинација со закните за апсења и прогон на „криминалците“ и „предавниците“ од првиот ден кога ќе дојдат, ако дојдат, на власт.

Во таквиот катастрофичен фон им се губат и оние пораки кои би можеле да бидат конкурентни во општествените и економските сфери за предизборен натпревар. Кого го интересира колкав ќе биде данокот или субвенциите за земјоделието, на три дена пред крајот на светот?!

Така е тоа кога и оваа предизборна стратегија им ја гради превладувачка мешавина од одамна компромитирани политичари и безбедносни „иверки“ од полициското подземје. Како и минатиот и предминатиот и пред тој пат.

Всушност, заталкани како гуски во магла, тие се надеваат дека СДСМ ќе ги изгуби изборите, а не дека тие ќе ги добијат.

Не дека е тоа невозможно, ама ништо не зависи од нив.

The post Гуски во предизборна магла appeared first on Слободен печат.


Гуски во предизборна магла was first posted on јуни 16, 2020 at 8:45 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....