Неколку македонски медиуми, меѓу кои и „Слободен печат“, вчера објавија дезинформација, лажна вест, дека грчкото Министерство за надворешни работи воведува забрана за влез на граѓани од Македонија со живеалиште во општините со најголем број новозаразени од коронавирусот.
Информацијата се повикуваше на наводно официјално соопштение на грчкото министерство за надворешни работи, заедно со принт-скрин (фотографија) од официјалната веб-страница на истото министерство, со печат и лого на министерството. Тоа придонесе веста да биде пренесена од повеќе интернет-медиуми и брзо да се искачи на прво место кај популарните агрегатори на вести и со тоа да достигне значителен број прегледи и читања, пред да биде демантирана со официјално соопштение од македонското МНР.
За жал, „Слободен печат“, поради природата на работата на печатениот медиум, времето на нејзиното појавување и роковите до затворање на весникот, не успеа навреме да ја провери и да ја демантира, односно воопшто да не ја објави оваа дезинформација, за што искрено им се извинуваме на читателите.
Оваа непријатна епизода уште еднаш покажува колку сериозно и посветено се води војната со дезинформации и лажни вести, со најсомнителни и мрачни мотиви, во моменти на светската криза со коронавирусот. Македонија е една од земјите каде што функционираат групи што систематски се занимаваат со „производство“ и дистрибуција на лажни вести, чија цел е ширење на теории на заговор и дезинформации поврзани со вирусот ковид-19. Таканаречените „фарми на тролови“, од Северна Македонија и од Филипините неодамна беа посочени како најактивни и најорганизирани во објавувањето лажни вести во врска со коронавирусот. Американскиот сервис Си-ен-би-си деновиве објави дека Фејсбук ги отстранил страниците на нарачателот на работата на таквите мрежи платеници.
„Фармите за тролови“, односно организирани групи, чија цел е преку координирани активности да промовираат одредени пораки на социјалните мрежи, се присутни повеќе години во Македонија. Тие најчесто се користат за креирање лажни претстави, со цел влијаење врз јавното мислење со политички цели, но работат и од комерцијални мотиви. Пред неколку години вниманието на светската јавност го привлече приказната за организираната група од Велес, која активно учествувала во војната со дезинформации за време на претседателската кампања во САД. Новинарски истражувања пишуваа дека во 2015 година во земјата престојувала и Ана Богачева, за која се тврди дека е експертка за креирање вакви „фарми“ од Русија и дека е дел од мрежата на озлогласената Агенција за истражување на интернет во Санкт Петербург.
Новинарските истражувања покажуваат дека одредени групи кои се дел од мрежите на „тролови“ од Македонија, комбинираат работа за политички цели со комерцијална пропаганда, обидувајќи се да заработат од огласи наменети за публика од странство, или служејќи како платеници за промовирање други типови содржини како теориите на заговор против вакцинирањето. Неодамна и Светската здравствена организација предупреди дека, покрај со ковид-19, светот се соочува и со вирусот на лажните вести и ги повика властите на поенергична борба против нив.
The post Грција не воведува забрана за влез од Македонија: Покрај вирусот расте и заразата со лажни вести appeared first on Слободен печат.
Грција не воведува забрана за влез од Македонија: Покрај вирусот расте и заразата со лажни вести was first posted on јуни 4, 2020 at 1:01 pm.