22:45 - 22 декември, 2024

Фрли рипче во партијата, чекај крапче од државата!

Политичките партии што освоија пратенички места за кампањата собрале донации во вкупна вредност од околу 870.000 евра, а освен партиските членови, за своите партии донирале и министри, градоначалници, директори и други функционери.

Државниот завод за ревизија ги објави првичните извештаи од политичките партии за финансирање на изборната кампања, која според Изборниот законик се води на посебна сметка што наменски се отвора на 48 часа по потврдување на листата на кандидати и се затвора во рок од два месеца од денот на објавување на конечните изборни резултати, а партиите се должни извештаите за донациите да ги достават во ДЗР и на увид на јавноста.

Најмногу пари од донации собрале коалицијата „Обнова за Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ, 33,1 милиони денари (536 илјади евра) и коалицијата „Можеме“ на СДСМ 14,2 милиони денари (230 илјади евра), па следува ДУИ со собрани донации од 5,3 милиони денари (86 илјади евра). Левица има само една донација од физичко лице во износ од 10.700 денари, а на сметката за финансирање на кампањата партијата во два наврата префрлила вкупно 3,4 милиони денари (55,2 илјади евра) од основната партиска сметка. И на сметката на коалицијата „Сега е време“ на Алијанса на Албанците и Алтернатива има само една донација од физичко лице од симболични 1.000 денари, а единствен прилив за оваа коалиција е од партијата Алијанса за Албанците која на сметката за кампања префрлила 6 милиони денари (97,5 илјади евра). ДПА, пак, од донации собрала околу милион денари (16 илјади евра). Најмногу пари за кампањата од партиите што не освоија места во парламентот потрошила Интегра, која собрала 1,1 милион евра (18 илјади евра).

Од 1.000 до 750.000 денари

Најдарежливите за кампањата на СДСМ донирале по 170 илјади денари и меѓу нив се премиерот Оливер Спасовски, министрите Никола Димитров и Радмила Шекеринска и пратениците Мухамед Зекири и Панчо Минов, а пратениците Јован Митревски и Фаница Николовска донирале 180 илјади денари, исто колку и лидерот на коалицискиот партнер Беса, Билал Касами. Меѓу донаторите на СДСМ се и скопските градоначалници Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Александар Наумовски.

Меѓу донаторите кај ВМРО-ДПМНЕ се некои од кандидатите за пратеници како Ане Лашкоска, Златко Пенков кои уплатиле по 180 илјади денари. Од партиските лидери како донатори се појавија Мендух Тачи, кој за камањата на неговата ДПА уплатил 180 илјади денари, како и Љупчо Ристовски кој за Интегра уплатил 185 илјади денари.

Според Изборниот законик, највисока сума што може да ја донираат физичките лица за финансирање на кампањата е 3.000 евра, а правните лица 30 илјади евра во денарска противвредност и на сметките за кампања максималниот износ не е надминат на ниту една уплата. Но, со последните измени на ИЗ, партиите добија можност на наменската сметка за кампања да префрлуваат пари од основната партиска сметка при што за оваа можност не се наведени ограничувања, па во префрлените донацвии се забележуваат значително повисоки суми од 3.000 евра и тоа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. Највисоката префрлена уплата од физичко лице е на сума од 750 илјади денари, ја уплатил извесен Игор Пармаковски. Префрлени се и десетина уплати на сума од 200 илјади до 300 илјади денари, меѓу кои и уплатата од 250 илјади денари од полковникот Драган Ковачки кој беше предложен за технички министер за внатрешни пред Наќе Чулев и кој донирал 250 илјади денари.

Најмногу префрлени уплати, 938, има СДСМ и коалицијата „Можеме“ од кои голем дел се од минатата година, потоа ВМРО-ДПМНЕ која префрлила 366 донации што биле уплатени во текот на 2020 година, а ДУИ префрлила 15 донации што биле уплатени лани.

Државниот завод за ревизија не ги обработил извештатите на партиите, туку само ги објавил на веб-страницата и тоа поделени во два периоди, од отворањето на сметките до десеттиот ден од кампањата, и од единаесеттиот ден до крајот на кампањата. Откако партиите ќе ги затворат овие наменски сметки за кампања се должни во рок од 30 дена да достават вкупен финансиски извештај за изборната камања во ДЗР, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија и до Собранието, а ДЗР во рок од 60 дена е должен да спроведе ревизија дали парите се законски собрани и потрошени.

Според Изборниот законик, непотрошените пари треба да се донираат во хуманитарни цели, а вишокот од  поединечните уплати треба да се слее во буџетот на Македонија. Исто така, партиите што освоиле пратеници имаат право на надоместок од државниот буџет и тоа по 15 денари за добиен глас.

Антикорупциска ќе проверува дали меѓу донаторите има невработени лица

Партиите ги доставиле првичните извештаи за финансирање на кампањата и во Државната комисија за спречување на корупцијата, каде ќе се проверуваат податоците за евентуални незаконитости.  Катица Николовска од ДКСК вели дека ова се само извештаи за примените донации и засега нема целосна слика за целокупното работење на партиите и на коалициите.

– Тие ќе ги добиеме откако ќе поминат најмногу 90 дена од објавувањето на конечните резултати. Партиите ќе ги достават финансиските извештаи за трошоците и приходите за текот на изборната кампања по што ќе можеме да видиме за што се е потрошено во текот на изборите. Со измените на ИЗ прв пат е обезбеден директен пристап за ДКСК до сите учесници во изборната кампања со цел да се види од каде и колкави средства добиваат било од правни или физички лица. Истовремено обезбедивме пристап во базите на податоци од Министерството за труд и социјална политика во делот на користниците на социјална помош и соработуваме со Агенциите за вработувања за да провериме дали донаторите на политичките партии се евентуално социјални корисници, дали се вработени, едноставно дали имаат бекграунд износи што ги донирале во изборните камапања – вели Николовска.

Во наредниот период во Антикорупциската комисија ќе се прават вкрстени проверки на овие податоци.

The post Фрли рипче во партијата, чекај крапче од државата! appeared first on Слободен печат.


Фрли рипче во партијата, чекај крапче од државата! was first posted on јули 27, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....