1.8 C
Скопје
16:10 - 23 декември, 2024

Физиотерапевти: Пациентите со ковид-19 одново ги учиме да седат и да одат

Околу половина од пациентите дијагностицирани со ковид-19 кои се лекувале на Клиниката за инфективни болести  поради тешката клиничка слика која ја развиле и засегањето на целокупниот организам, имаат потреба одново да ги учат дури и основните работи за враќање во нормален живот, како што се седнување, исправање, одење. Задолжен за овој дел од лекувањето и рехабилитацијата е физиотерапевтот Велимир Тричковски. Тој за „Слободен печат“ објаснува дека со овие пациенти работи од нивниот прием во болницата, па се до испраќањето дома, но не секогаш успеваат да ги испратат пациентите, што се вели, на нозе. Проблеми со движењето поради вирусот имаат почесто повозрасните пациенти, но не се поштедени ниту помладите.

Тричковски објаснува дека ако неколку дена не се движат и на прават вежби, особено повозрасните пациенти, залегнуваат и потоа не може да се исправат поради вртоглавици и физичка слабост. Со пациентите се работи за одржување на физичката кондиција, како и на помагање на процесот на дишење, што е многу важно, бидејќи најголем број од нив имаат воспаление на белите дробови.

– Во едниот сегмент се трудиме да ја одржиме физичката активност на пациентите и да ги решиме болките кои ги имаат по телото и мускулната слабост. Вториот дел е регулирање на дишењето. Додека пациентите се во подобра состојба им даваме насоки за вежби за дишење. Го гледаме секој нов пациент и се прави проценка на неговата состојба, му се даваат совети за дишење. Најважно за пациентите е да не се врзуваат за кревет, туку одреден дел од денот да седнуваат, да се исправаат, да одат до прозорецот во собата. Се прават вежби, следиме дали ги повторуваат. Се следи и прилагодува и положбата на телото во координација со лекарот – објаснува Тричковски.

Пациентите кои имаат проблем со дишењето се вртат да лежат во положба на стомак, бидејќи така се стимулира процесот на дишење. Но тоа не е секогаш и за сите решение. Со повозрасните пациенти кои се врзани за кревет, заради тежината на состојбата, се прават активни вежби во кревет, подигање нозе, раце, буткање. Кај оние кои не можат сами да ги прават вежбите во кревет, бидејќи се неподвижни и во полусвесна состојба, им се прават пасивни вежби. Се прават и благи масажи со алкохол.

– Но кога е во прашање новиот вирус потешко оди опоравувањето и кај помладите пациенти, не само кај повозрасните. И со едните и со другите го поминуваме истиот процес на вертикализација, учиме да седиме, да се исправиме и да одиме. Кај младите само овој процес оди побрзо во споредба со повозрасните пациенти – вели Тричковски.

Иако точна статистика нема направено, сепак, според искуството, тој објаснува дека половина од пациентите кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести имаат потреба од рехабилитација. Се прават напори во зависност од состојбата на пациентите, пред да се пуштат дома да заврши процесот на физичка рехабилитација.

– Ако неколку дена пред испис на пациентите гледаме дека веќе седат ги стимулираме да се исправат, или пак да направат неколку чекори. Гледаме да не испуштиме пациенти неподвижни, но сепак некои повозрасни кај кои и претходно имало проблеми со движењето и тоа може да се случи – вели Тричковски.

Пост-болничката рехабилитација потоа продолжува дома.

Ваквото тешко опоравување кое кај најтешките пациенти може да трае и со месеци се поврзува со карактеристиката на вирусот ковид-19 да ги напаѓа сите системи во човечкиот организам, бели дробови, бубрези, централен нервен систем, дури влијае и на хемостазата на крвта односно на нејзината коагулација.

Во земјите во светот каде е намален бројот на нови случаи на ковид-19 болничките капацитети се претвораат во центри за рехабилитација на оние кои се излекувале. Многу пациенти и повеќе недели па и месеци по оздравувањето се чувствуваат слабо, исцрпено, се заморуваат и при најмала физичка активност, се жалат дека не може да се концентрираат.

The post Физиотерапевти: Пациентите со ковид-19 одново ги учиме да седат и да одат appeared first on Слободен печат.


Физиотерапевти: Пациентите со ковид-19 одново ги учиме да седат и да одат was first posted on јули 22, 2020 at 8:56 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....