1.8 C
Скопје
04:14 - 28 декември, 2024

Чии „анонимуси“ ја хакираа страницата на ДИК? Полицијата ќе отвори истрага

Кој и зошто синоќа изведе хакерски напад врз веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) и на агрегатот за вести Тајм.мк, засега е тајна. Упатените велат дека хакер-единка не може да го изведе тоа дело. За таков упад потребна е најсофистицирана опрема, хакерски знаења и вештини, а пред сè технички програми во неколку (серија) компјутери за да се урне и да се одржува крахиран системот кој е таргетиран.

Што всушност се случи вчера?

Нешто после 20.30 час поединец или група хакери го нападнала сајтот на ДИК. Нападот им оневозможи на партиите, медиумите и на граѓаните да бидат во тек со изборните резултати. Упадот траеше со часови, а „падни-стани“ системот на страната на ДИК продолжи и 10 часа од почетокот на нападот. Буквално за хакерскиот напад не се знае ништо, а уште помалку каде води трагата, односно дали бил извршен од земјава или од странство. Според едни соговорници, зад нападот стојат ентузијасти кои во темниот свет на интернетот сакаат да се прослават со овој „успех“, додека според други, зад нападите стои некој кој бил „дебело“ платен да го изведе синхронизираниот упад во ДИК и Тиме.мк.

Засега се знае дека хакерот/хакерите успеале многу лесно и за многу брзо време да го „урнат“ целиот веб-сајт на ДИК, а притоа да им направат големи главоболки на нивните ИТ-техничари да го рефрешираат сајтот. Доцна во ноќта, сајтот беше повратен, но системот за следење на изборите беше оневозможен. Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски за проблемот со веб страницата рече дека најверојатно се работи за обид за надворешен напад и дека тоа не предизвикало никаква реална штета.

– Од она што сум информиран, веројатно се работи за обид за надворешен напад. Јас не сум ни ИТ експерт, ниту можам да ви тврдам или кажам нешто, меѓутоа додека не се потврди тоа јас не би шпекулирал со други информации, ќе видиме во текот на вечерта или утрешниот ден за што се работи. Не е оневозможено собирањето на податоците и електронскиот внес и ние имаме информации на време, би рекол – рече Дерковски.

Од МВР велат дека до нив веќе стигнала пријава од ДИК дека биле хакирани и затоа Секторот за компјутерски криминал ќе започне да истражува што се случи на изборниот ден и дали нападот е реализиран преку компјутерски систем во земјава.

Анонимуси ја прекрија страницата на Тајм.мк

Вчера, во доцните вечерни часови група која себеси се нарекува „Анонимуси“ ја прекри првата страница на агрегаторот Тајм мк со своја слика и порака.

„Поминаа уште едни „демократски избори“ и како што може да забележиме истата приказна е секои 3-4 години само што овој пат село гори баба на избори оди. Ама што да правиш кога гласачкото тело е еден огромен паразит што гледа само да цица од државна ци*ка додека е заведено од празните ветувања на сите партии во оваа наша прекрасна држава. Попис? Pse Jo? Ама не можеме и нив да ги обвиниме кутрите напатени души гледаат колку за бело, моет,цигари и за белолебче да има да донесат дома“, пишува во дел од пораката.

Тие велат дека го избрале агрегаторот поради најголемиот број на посети.

Сопственикот на „Тајм.мк“, Игор Трајковски во текот на целиот ден на својот „твитер“ профилот објавуваше дека агрегаторот е цел на напади, дека некој има фрлено многу пари за тоа, а во последната објава напиша дека преку 20 милиони ИП-адреси вршат напади и дека хакерите го купиле целиот „дарк веб“.

Професорот по информатички технологии Дејан Поповски вели дека нападот говори за тоа дека таргетираните имале слаба заштита.

– Засега и за мене е нејасно дали има поврзаност во хакирањето на страната на ДИК со хакерскиот упад во Тајм. мк. Вака навидум 50-50 се опциите нападите да биле или не синхронизирани. Најголемите две прашање на кои засега никој нема одговор се кој и зошто го извел овој хакерски напад на сајтот на ДИК? Сигурно не е единка. Пораката која е оставена, односно „дебелото“ хакирање е многу добра лекција дека таргетираните цели имале слаба заштита. Нападот минал лесно бидејќи напаѓачот можел ако сакал и да ја презеде улогата на администратор и да објавува што сака. Мислам дека нападот бил изведен од повеќе страни во една секвенца, за да не се открие вистинската „адреса“ од каде доаѓа нападот. Не само во соседството, туку и во нашата земја има лица кои ваков хакерски упад можат да изведат – вели Поповски.

Која е фирмата која го води сајтот на ДИК?

За „паднатата“ страна на ДИК многумина грешката ја наоѓаат во новата софтверска набавка која ја направила Комисијата. Токму ДИК изминатиот месец набавила нов софтвер за следење на изборниот процес. Конкурирале две фирми, „Ај воут“ и „Дуна“. Како што објави СДК.мк, набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.

Од „Дуна“ во изјава за Мкд.мк велат дека нивната апликација функционира и дека е поставена на нивни сервер. Она што не функционира е веб-страницата на Државната изборна комисија, велат  одговорните лица од компанијата.

„По јавна набавка продадовме апликација за водење и прибирање на информации од избори. Таа апликација оди на наш сервер и внатрешен ВПН. Избирачките одбори преку мобилна апликација информираат за излезност и број на гласови. Тоа цело време одеше без никаков проблем. Тогаш, наеднаш падна веб-страницата и тоа нема никаква врска со нас, нападот беше синхронизиран,од надвор, иако иницијативата е од тука“, велат од компанијата.

 

 

The post Чии „анонимуси“ ја хакираа страницата на ДИК? Полицијата ќе отвори истрага appeared first on Слободен печат.


Чии „анонимуси“ ја хакираа страницата на ДИК? Полицијата ќе отвори истрага was first posted on јули 16, 2020 at 1:25 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....