Лидерите на трите опозициски партии што заедно освоија мнозинство во црногорскиот парламент договориле четири принципи на кои ќе се темели идната влада и која најверојатно ќе има експертски карактер.
Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ, лидерите на коалициите „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и „Црно-бело“, договориле идната влада да ги спроведе сите меѓународни обврски преземени од претходната влада, потоа реализирање на сите неопходни реформи за што е можно поскоро пристапување на Црна Гора кон Европската Унија, вклучување експерти во кабинетот, односно кадри што се стручњаци од своите области без оглед на нивната политичка, верска, национална или каква било друга особеност. Четвртиот принцип на кој ќе се темели идната влада е целосна посветеност на почитувањето на Уставот и примената на законите, но и измени, дополнувања и ревизии на сите законски и подзаконски акти што се оценети како „дискриминаторски“, вклучувајќи го и контроверзниот Закон за слобода за вероисповедта, чие усвојување при крајот на минатата година предизвика масовни и жестоки протести низ земјата.
Трите партии притоа ги поканија и политичките претставници на малцинствата што освоија пратенички места да ѝ се приклучат на владата заради „заедничко градење поубава и просперитетна иднина на Црна Гора“.
Далиборка Улјановиќ, директорка на Центарот за граѓанско образование, оцени дека европските интеграции би можеле да бидат кохезискиот фактор за соработка на трите опозициски коалиции, но и дека тие ќе бидат принудени да направат компромиси во програмите со кои настапија пред граѓаните во предизборната кампања.
– Трите опозициски коалиции досега ги поврзуваше тоа што ѝ беа главен политички противник на владејачката Демократска партија на социјалистите, а во исто време ги раздвојуваше море од идеолошки, програмски и стратегиски разлики, па и лични нетрпеливости. Сега главен предизвик е да изнајдат врзивно ткиво со кое ќе ги надминат тие разлики – вели Улјановиќ.
Таа додава дека опозицијата треба да ја преземе власта во сложена ситуација на последиците од пандемијата, со која тешко се носат и постабилни држави од Црна Гора. Затоа Улјановиќ оценува дека владата и во идеални околности тешко ќе може да ги исполни огромните очекувања од граѓаните.
ОБСЕ: ДПС имаше „неправедна предност“
Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ оценија дека парламентарните избори во Црна Гора беа спроведени на ефикасен и транспарентен начин, но и забележаа дека владејачката партија ДПС имала „неправедна предност“ поради широко распространетата злоупотреба на службената должност и владините ресурси, како и големата медиумска покриеност.
Во официјалната оценка, ОБСЕ наведува дека изборите се одржале во ситуација на „интензивно поларизирана дебата за прашањата на црковниот и националниот идентитет“.
Специјалната координаторка и шефица на набљудувачкиот тим на ОБСЕ, Маргарета Кедерфелт, оцени дека пандемијата на ковид-19 имала помало влијание врз кампањата и изборите отколку големите дебати за црквата и националниот идентитет.
Улична пресметка во Подгорица
Неколку лица се повредени при улична пресметка на приврзаници на двата спротивставени црногорски политички блока во Подгорица. Полицијата интервенирала кога групите што фрлале камења една кон друга и ги раздвоила поставувајќи кордон меѓу нив, спречувајќи уште посериозен инцидент.
Според неофицијални информации, симпатизерите на власта во заминување славеле со гласно пеење и запалени факели во локалот „Штрафта“, а кога се приближила колона приврзаници на опозицијата кон нив почнале да фрлаат шишиња. По итната интервенција за раздвојување на групите, полицијата го засилила присуството во Подгорица и по сите кафулиња и ресторани барала од гостите да заминат.
Политичките лидери апелираа до граѓаните да се воздржуваат од говор на омраза и од провокации, истакнувајќи дека на Црна Гора по изборите ѝ е неопходно единство, а нередите ги прават оние на кои им одговара нестабилност.
Подготвил: Митко Билјаноски
The post Четири принципи за експертска влада на Црна Гора appeared first on Слободен печат.
Четири принципи за експертска влада на Црна Гора was first posted on септември 2, 2020 at 8:00 am.