11.8 C
Скопје
02:44 - 3 мај, 2024

Бугарија ја стави во неизвесност иднината на Македонија

Денови на неизвесност, револт, поддршка и очекувања предизвика во Македонија меморандумот на Бугарија до ЕУ, со кој таа побара историските прашања за Гоце Делчев и за постоењето на македонскиот јазик да влезат во преговарачката рамка за македонското членство во ЕУ, која наскоро треба да биде усвоена.

И покрај првичната поддршка од дипломатите од ЕУ, најмногу од германските, дека не се дозволиви нови услови за Македонија по кажаното „да“ од сите членки, Бугарија не се откажува од намерата, а нејзиниот гласноговорник, вицепремиерот Красимир Каракачанов, деновиве по вторпат се закани со блокада на официјалниот почеток на преговорите. На тоа вицепремиерот Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска остро одговорија дека Бугарија не се однесува ниту европски ниту пријателски, а премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски во попустлив тон најавија компромисно решение од кое ќе бидат задоволни двете страни.

За тоа време историчарите ги предупредуваат политичарите да не спроведуваат политички решенија на историски прашања, а аналитичарите ги охрабруваат дека Македонија сега е членка на НАТО и може да заземе и поцврста позиција кон бугарската уцена.  

Политичарите да се охрабрат

Според Иван Стефановски, извршен директор на „Евротинк“, теоретски секоја земја членка на ЕУ може да ја спречи првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Европската комисија со која почнуваат преговорите.

– Во моментот се чини дека Бугарија е осамена во Советот на ЕУ кога станува збор за потенцијална блокада на Македонија. А ако сепак Бугарија се спротивстави на искрените заложби на Германија и на Франција за проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, дипломатските последици не може да бидат исклучени – вели Стефановски за „Слободен печат“.

Во врска со тоа дали македонската власт дава соодветен одговор на најновата ситуација и дали треба да побара гаранции од ЕУ дека нема да има нови услови, Стефановски вели дека Македонија сега има поинаква позиција од порано.

– Пред сѐ, македонската дипломатија мора да биде свесна дека за разлика од времето кога се преговараше Преспанскиот договор со Грција, сега Македонија е членка на НАТО и меѓународната позиција ѝ е значително подобрена. Тоа е нешто што мора да се искористи. Дополнително, првенствено нашите политичари треба да бидат предводници во борбата за заштита на државните интереси, а дури потоа да бараат гаранции од ЕУ – вели Стефановски.

По германската поддршка, искажана од германскиот министер за Европа, Михаел Рот, дека првата меѓувладина конференција е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ, и од амбасадорката во Македонија Анке Холштајн дека билатералните прашања треба да се решаваат билатерално, вчера стаса силна поддршка и од Словенија, чиј претседател Борут Пахор е во дводневна посета во Македонија. Тој побара конференцијата со која почнуваат преговорите да се одржи веднаш и без одлагање, „бидејќи ова е можноста што ЕУ не смее да ја пропушти“.

– Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска вештина да стори сѐ меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сѐ уште важи индивидуалниот пристап – рече Пахор на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Според него, би било неверодостојно сега да се одложат преговорите откако Македонија во последните години направила многу за да ги исполни сите услови на ЕУ. Пахор рече дека е пријател и со македонскиот и со бугарскиот претседател и знае колку се чувствителни отворените прашања.

– Кога блокирате договори, станува политички сѐ потешко да се најде компромис. Двете држави треба да најдат решение што побрзо, зашто одложувањето би значело многу тешка задача за наоѓање прифатливи решенија – рече Пахор.

Ќе има компромис

Претседателот Пендаровски рече дека до овој момент не постои официјална позиција на Бугарија со која се бара одложување на првата меѓувладина конференција.

– Сакам да го видам крајот на преговарачкиот процес што се одвива во ЕУ. Не би ја коментирал почетната преговарачка позиција на Бугарија. Имаме намера периодов да го отвориме комуникацискиот канал со Софија – рече Пендаровски.

Тој говорејќи за меморандумот од Бугарија, кажа дека Македонија е отворена за компромис по спорните прашања.

Прашан да појасни за какви компромиси се мисли, тој одговори:

– Не можам уште сега да кажам каков компромис ќе биде. Тоа е процес што тече. Но, бидете сигурни, сите политички фактори, од наша страна, дека нема да дозволиме тој иден компромис по неколку точки од декларацијата да ги наруши нашите национални и државни интереси. Мислам дека сме јасни кои се нашите црвени линии, неколкупати се јавно кажувани – рече Пендаровски.

И премиерот Зоран Заев вчера искажа уверување дека со Бугарија ќе најдат решение со кое двете страни ќе бидат среќни.

– Верувам дека ние ќе продолжиме низ самите тие решенија да го унапредуваме и да го зацврстуваме пријателството и добрата соработка меѓу двете земји – рече Заев.

Деновиве Заев рече дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но и дека Бугарија го смета за бугарски револуционер, а како што ние имаме град што се вика Делчево, во Бугарија има град Гоце Делчев и дека со премиерот Бојко Борисов пред Делчев се поклониле и во Благоевград и кај неговиот гроб во Скопје. Пендаровски, пак, рече дека Делчев е македонски револуционер, кој придонел многу за нас, но за него не е спорно тврдењето дека тој се борел за Бугарија, односно дека „секој може да чувствува некого како свој херој“. Пендаровски додаде и дека тоа може само нам, на Македонците, да ни прави поголем мерак.

Ниту европска ниту пријателска

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој бугарскиот меморандум првично го оцени како многу навредлив во одредени делови и дека не е во функција на градење блискост, завчера рече дека ќе биде многу тешко да се одржи пријателството со Бугарија ако поради овие односи немаме преговарачка рамка и немаме меѓувладина конференција со ЕУ.

Тој потсети дека Бугарија го искористи своето претседавање со ЕУ да го врати назад вниманието на регионот и да го стави проширувањето повторно на агендата и додаде дека имаме интерес да имаме голем пријател во Софија.

– Имаме интерес за блиски односи во разни области, а има и влог за Бугарија. Предизвикувањето на македонскиот јазик не е добра стратегија ако сакате да ги освоите срцата и мислите на македонските граѓани – порача Димитров.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, на својот бугарски колега Каракачанов му порача дека од сојузниците помагаат, а не одмагаат и дека неговата изјава не е во духот на Договорот за добрососедство.

– Емоциите не се добар сојузник во решавањето на билатералните прашања. Ние покажавме дека со сите наши соседи можеме да бидеме пријатели. Покажавме и дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме да градиме и понатаму таква политика – рече Шекеринска.

Каракачанов деновиве изјави дека Македонија не сторила ништо за да ги подобри билатералните односи.

– Бугарија нема што да менува во својата политика. Во октомври минатата година многу јасно кажавме дека, ако не се почитува Договорот за пријателство, ќе се спротивставиме на закажувањето на првата меѓувладина конференција. Мислам дека сѐ е јасно тука – рече Каракачанов.

The post Бугарија ја стави во неизвесност иднината на Македонија appeared first on Слободен печат.


Бугарија ја стави во неизвесност иднината на Македонија was first posted on септември 26, 2020 at 9:56 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....