-1.2 C
Скопје
18:56 - 22 декември, 2024

Богатите, сиромашните и ковид-19

Секоја криза е шанса, а ковид-кризата е шанса каква уште долго нема да имаме. Шанса да почнеме да градиме праведно, солидарно, хумано општество, кое се грижи за сите свои членови. Шанса, државата да престане да работи само за богатите, и да почне да работи и за сиромашните. Шанса која не смее да се пропушти.

Конфучие кажал, уште пред 2500 години – „во земја што е добро водена, срамно е да се биде сиромашен; во земја што е лошо водена, срамно е да се биде богат“. Кај нас, 455.000 граѓани, односно 22 отсто од населението, живеат во сиромаштија, и по тоа сме меѓу првите во Европа. Истовремено, најбогатите 1 отсто луѓе заработуваат 14,4 отсто од вкупниот национален доход, по што повторно сме во европскиот врв.

Не може да биде поинаку, кога 30 години имаме економски политики од кои полза имаат само мал број луѓе. Почнувајќи од транзицијата, кога она што претходно се изгради со заеднички труд на сите, преку ноќ заврши во рацете на малкумина. Преку „структурните реформи“ кои се спроведуваа во годините што следуваа, односно „флексибилизацијата“ на пазарот на труд, која работниците ги сведе на потрошна стока, и „дерегулацијата“, која им дозволи на компаниите да прават што сакаат. Проширено и надградено со „дуинг бизнис“ политиките на рамни и ниски даноци, кои ја оставија државата без средства за вложување во здравството, образованието, социјалата, културата, инфраструктурата. Надополнето со длабоко вкоренетата традиција „најспособни“ бизнисмени да се оние кои се блиски до власта. Завршувајќи со практиката клучните економски столчиња во Владата да им се доверуваат на претставници на бизнис-заедницата.

Имаше една епизода на почетокот на мандатот на оваа власт кога почнавме да гледаме поинакви политики – се зголеми минималната плата, се покачи социјалната помош, се воведе прогресивен данок. Но работите бргу се вратија во „нормала“, со смената на тогашниот министер за финансии и именувањето на тековната министерка, која веднаш го врати рамниот данок. Да им дадеме на богатите, за да имаат сиромашните

Работите почнаа да се менуваат

Работите почнаа да се менуваат во последните десетина години, по финансиската криза од 2007-2008, барем во економската наука. Таа криза како да ги разбуди економистите од хипнозата дека нееднаквоста е добра. Дури и Светска Банка и ММФ официјално сметаат дека намалувањето на нееднаквоста преку повисоки даноци за побогатите, води до повисок економски раст. Во еден труд објавен од ММФ дури експлицитно се наведува: „Наоѓаме дека зголемувањето на доходот на сиромашните и средната класа води до повисок раст, додека зголемувањето на доходот на најбогатите 20 отсто од населението води до понизок раст, односно кога богатите стануваат богати, тоа не се слева надолу“. Последниве години и на Светскиот економски форум, форумот на богатите и моќните, веќе неколку години по ред постојано се зборува за нееднаквоста и за тоа како таа треба да се намали. Годинава Форумот отиде и чекор понатаму, па 170 милијардери и милионери објавија писмо со кое бараат да плаќаат повисоки даноци.

И за богатите е добро останатите да живеат добро, затоа што тоа значи постабилно опкружување, поголема сигурност, па и повисока куповна моќ за нивните производи. Позната е анегдотата за Хенри Форд, кога тој во 1914 година ја дуплирал надницата на неговите работници, од 2,5 долари дневно, на 5 долари (во денешни пари, околу 120 долари, двојно повеќе од денешната минимална плата во САД). Кога го прашале зошто толку ги покачил платите, Форд наводно одговорил – „ќе треба ли моите работници да ги купуваат колите кои ги прават?“

Разликите сепак се огромни

Сепак, во реалниот живот е сменето многу малку. Разликите остануваат големи и излегуваат на површина секој ден во тековната криза. Посиромашните страдаат многу повеќе во кризава од побогатите, и во здравствен, и во економски, и во секој друг поглед. Најбогатиот град на светот, Њујорк, е и најпогоден од вирусот, а најмногу заболени има токму во населбите каде што живеат посиромашните. Смртните случаи од ковид-19 се многу позачестени кај Афроамериканците и другите етнички малцинства отколку кај белците. Сојузните држави во САД во кои разликите помеѓу богатите и сиромашните се поизразени имаат повеќе заболени и повеќе смртни случаи.

Причините се повеќекратни – посиромашните ја немаат привилегијата да седат дома, тие се оние кои ги работат „есенцијалните“ физички работи кои не можат да се работат од дома (продавачки, чистачки, шофери, грижа за лица во домовите…). Тие немаат викендички на село, за да се повлечат во нив додека трае кризата, како што направија многу од богатите. Тие живеат и во полоши услови – помали домови, соседства со помалку јавни простори, поради што потешко можат да практикуваат мерки на физичка дистанца. Тие честопати немаат ни пристап до здравствениот систем.

Разликите се можеби уште поизразени во економска смисла. Од почетокот на пандемијата, 36,5 милиони луѓе во САД останале без работа, што не е забележано никогаш претходно (откога постојат вакви податоци). Стапката на невработеност во САД во април достигна 14,7 отсто, а за мај се проценува дека може да достигне и 20 отсто, повеќе дури и од кај нас. Од друга страна, берзите растат веќе 8 недели по ред, и од 23 март досега пораснаа за вкупно околу 30 отсто. Веројатно највпечатливата слика од кризава е онаа, кога бездомниците беа „безбедно“ згрижени од вирусот – на паркинг плац, на секој му беше доделен квадрат за престојување, оддалечен 1,5 метар од соседниот квадрат. Во исто време кога 150.000 хотелски соби во градот беа празни. Во САД овие разлики се најизразени поради нивниот рудиментиран социјален систем, но ни во другите земји не е многу различно. Според „Оксфам“, дури 500 милиони луѓе во светот, односно 6-8 отсто од светската популација, можат да паднат во сиромаштија поради кризава.

Разликите се присутни и кај нас, иако поради недостапноста на податоци можеби не се толку евидентни. Додека на работниците од приватниот сектор им се намалуваат платите, сопствениците на фирмите си исплаќаат дивиденди и во кризава. Најплатените 250 директори во државата, со месечни плати поголеми од 10.000 евра, продолжуваат да плаќаат пониски даноци – нивните придонеси за социјално осигурување остануваат само 9 отсто (во просек), за разлика од придонесите на сите други – од 28 отсто. Во исто време, Владата, наместо да ги оданочи нив, ја зголемува акцизата на нафтените деривати, т.е. ги даночи сите.

Промените кои се потребни

Сега не е доволно само да го критикуваме светот, туку мора да се обидеме и да го смениме. Постојниот систем во кој е главен профитот мора да се трансформира во систем во кој ќе бидат главни луѓето. Државата постои за да се грижи за благосостојбата на луѓето, а не за профитите на компаниите. Таа треба да обезбедува сигурност на сите, а не богатење на малкумина. Сите луѓе заслужуваат да можат да си ги задоволат животните потреби, не само богатите. Притоа, парцијални и симболични решенија не се доволни, мора да се инсистира на крупни и коренити промени во системот. Со фластер канцер не се лечи.

Мора да се воведе универзален гарантиран приход, односно, сите луѓе кои имаат доход под нивото што обезбедува пристоен живот да добиваат „дополнување“ од државата до тоа ниво. Гарантираната минимална помош што се воведе во 2019 година е добра основа за ова, но треба да се прошири и зголеми. Мора да се зголемат државните вложувања во јавните добра, како образование, наука, култура, и пред сè – здравство. Колку и да ја менаџиравме добро здравствената страна на кризава, не смееме да заборавиме дека нашиот здравствен систем е во прилично лоша состојба, дека јавното здравство е системски запоставувано со години, за сметка на приватните болници. Ова мора да се смени. Здравството не смее да продолжи да биде бизнис, јавното здравство мора да го потисне приватното. Сите луѓе заслужуваат да имаат пристап до квалитетно здравство, не само богатите.

Сигурноста на работниците од приватниот сектор мора да се зголеми, пред сè на помалку платените и на оние ангажирани со договори на определено време. Државата мора да спречи тие да остануваат без работа или да добиваат помали плати за време на кризи. Државата мора повеќе да го регулира работењето на компаниите, да спречува злоупотреби, малверзации и експлоатации од нивна страна. Сите тези за немешање на државата во економијата паднаа во вода во оваа криза, кога компаниите почнаа да бараат државна помош уште првиот ден кога државата презеде мерки за заштита на јавното здравје. Државата мора повеќе да се ангажира и при генерирањето економска активност, пред сè, преку вложувања во инфраструктурата и „зелена економија“ – енергетска ефикасност на објектите, превоз кој не загадува, обновливи извори на енергија и сл. За да се обезбедат средства за ваквите политики, богатите луѓе и профитабилните компании мора да почнат да плаќаат повисоки даноци, и тоа многу повеќе од она што беше направено во 2018 година.

Секоја криза е шанса, а тековнава криза е шанса каква уште долго нема да имаме. Шанса, да почнеме да градиме праведно, солидарно, хумано општество, кое се грижи за сите свои членови. Шанса, државата да престане да работи само за богатите, и да почне да работи и за сиромашните. Шанса која не смее да се пропушти.

 

Извор: Республика

 

The post Богатите, сиромашните и ковид-19 appeared first on Слободен печат.


Богатите, сиромашните и ковид-19 was first posted on јуни 1, 2020 at 8:42 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....