Германската канцеларка Ангела Меркел вчера вечерта најави план за обнова од 130 милијарди евра за периодот 2020-2021 година, чија цел е да ја поттикне економијата, која е тешко погодена од пандемијата на коронавирусот. Притоа, Меркел истакна дека пакетот мерки претставува „смел одговор“, кој ќе ги поттикне потрошувачката и инвестициите и ќе го намали притисокот врз семејствата. Помошта е предвидена за задолжените општини, за времено намалување на ДДВ, за префрлање на заедничките долгови врз сојузната држава, за додаток од 300 евра по дете за семејствата, како и за двојно поголема премија за купување електричен автомобил за да се поддржи автомобилската индустрија.
Оваа вест е многу важна за македонската економија затоа што во земјава има повеќе од 200 компании со германски капитал и Германија е нашиот најголем трговски партнер. Најавата, пак, дека Германија ќе помага да се купуваат електрични автомобили е особено добредојдена, затоа што странските инвеститори во Македонија главно се поврзани со автомобилската индустрија. Од друга страна, поттикнувањето на потрошувачката во Германија е значајна и за нашата текстилна индустрија, која дури 65 отсто од своето производство го пласира на германскиот пазар.
Од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија велат дека се горди што годинава ќе слават 20 години присуство во државава.
– Делегацијата има 210 членки. Гринфилд инвеститори што имаат свои производствени погони се петнаесетина, но има уште многу германски компании што тука имаат свои претставништва, како што е, на пример, канцеларијата на компанијата за брзи пратки „ДХЛ“, отворена уште во деведесеттите години на минатиот век. Во однос на германските компании што тука отворија производствени погони, најмногу вработува компанијата за автомобилски делови „Кромберг и Шуберт“. Според последните информации од нив, таму се вработени 5.028 работници, а од 2012 година до 2020 година, оваа компанија вложила во земјава 86 милиони евра – велат од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.
Во однос на компании што работат со висока автоматизираност на производниот процес, од Делегацијата ни ја посочија германската компанија „Маркварт“ која е исто дел од автомобилската индустрија, а има погон во Велес. Оваа компанија работи од 2014 година, има 630 вработени и досега инвестирала 62 милиони евра.
Покрај значењето на германските фирми што работат тука, исто така е многу значајно и што се случува со германските партнери на македонските текстилни компании што речиси целосно се ориентирани на лон-производство.
Според податоците на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, околу 65 отсто од облеката произведена во Македонија завршува во Германија. Оттаму информираат и дека според податоците од Државниот завод за статистика, текстилната индустрија во 2019 година остварила извоз од 606,7 милиони долари што е 10,7 проценти од вкупниот извоз.
Една четвртина од трговската размена се прави со Германија
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека една четвртина од вкупната трговска размена на Македонија со сите земји во светот се должи на размената со Германија. Последните статистички податоци се однесуваат за првиот квартал од годинава и покажуваат вкупна размена од 3,3 милијарди евра, од кои размената со Германија е 870,8 милиони евра. Она што е особено важно е што Македонија со Германија редовно прави трговски суфицит, односно повеќе извезува отколку што увезува. Така, во првиот квартал од годинава, извозот во Германија бил 663,3 милиони евра, а увозот изнесувал 207,2 милиони евра.
The post Ангела Меркел ќе ја спасува и македонската економија appeared first on Слободен печат.
Ангела Меркел ќе ја спасува и македонската економија was first posted on јуни 4, 2020 at 2:07 pm.