Неда Украден важи за една од најнегуваните дами на регионалната музичка сцена, а нејзиниот изглед и енергија и денес привлекуваат внимание. Пејачката, која со децении гради успешна музичка кариера, открива дека зад добрата форма не стојат само третманите за убавина, туку и редовното вежбање и грижата за телото, пренесува „Курир“.
Иако со години е присутна на естрадата, Украден и понатаму плени со својот изглед, негуваното лице и витката линија. На јавните настани често се појавува во елегантни комбинации што ја истакнуваат нејзината фигура, па не е чудно што многумина се интересираат како успева да ја одржува формата и покрај напорниот распоред.
Пејачката сега откри дека физичката активност е важен дел од нејзиното секојдневие. Како што објасни, нејзините настапи и патувања бараат голема издржливост, па затоа е важно телото да остане во добра форма.
„Јас се грижам за себе во смисла на тоа што вежбам. На пример, возам по седум, осум, девет часа, носам потпетици од 15 сантиметри, иако овие што ги носам сега се малку пониски, а пеам, на пример, до три часот наутро. Тоа е и прва, и втора, и трета смена“, открила Украден.
Пејачката смета дека негуваниот изглед не може да се постигне само со козметички и естетски третмани. Според неа, особено е важно да се води сметка за мускулите, ‘рбетот и останатите делови од телото, кои можат да се вкочанат по долго седење или патување.
„Не може само да се оди во естетски салони и да се затегнува и стега. Треба да се истегнат и ‘рбетот и останатите делови од телото што се вкочануваат од седењето и така натаму“, истакнала пејачката.
Со оваа порака, Украден уште еднаш посочила дека грижата за себе подразбира повеќе од надворешен изглед. Редовното движење, физичката активност и вниманието кон сопственото тело се важен дел од одржувањето на добрата форма, а нејзината долгогодишна кариера и енергија покажуваат дека харизмата не зависи од годините.
