Водителот Жарко Батич, познат како Жаре од емисијата „Еден на еден“, сподели емотивни сеќавања за Тоше Проески и неговата несекојдневна харизма. Во гостувањето во подкастот „Бајкерот и кросфитерот“, тој раскажа како изгледала средбата со пејачот непосредно пред неговиот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје.
Според Жаре, Тоше поседувал посебна енергија, која луѓето можеле да ја почувствуваат дури и ако не го познавале лично.
„Тоше беше друга димензија. Енергетска. Аура. Физички ти осеќаш дека… Јас не можам тоа да го опишам, и тука ти почнуваш да веруваш во натприродни работи. Кога ќе почувствуваш одредени ствари, коишто се чудни.
Една таква енергија, со самото зборување тебе да ти направи поубаво и да се осеќаш порасположен. Да почувствуваш некоја емотивна поврзаност иако не го знаеш човекот. Чудно“, раскажа водителот.
Жаре се потсети и на моментите пред последниот концерт на Тоше, кога имал можност да разговара со него зад сцената.
„Љубовта којашто му ја даваа, исто беше невидена, нема со што да се спореди.
Јас имав чест, на градски стадион, кога беше последниот негов концерт. Му правам интервју на Тоше, буквално пред да излезе, Сретен Костиќ го шминка, ние си правиме муабет. И излегуваме надвор, излегуваме од северната трибина, долу во едни простории, и полека излегуваме кон јужна трибина, тука му беше сцената. Моментот на излегувањето, ние бевме пет души, тргаме натака и одиме накај сцена. И ние го снимаме од позади. Енергетскиот бран, пази, физичката манифестација на тоа е многу чудна. Не можеш да го опишеш со зборови“, истакна Жаре.
Тој нагласи дека Тоше постојано бил опкружен со огромна љубов од публиката, но и дека начинот на кој се справувал со таа популарност го издвојувал од другите.
„И сега сакам да кажам, тој тоа го доживувал константно. Енергија е сето тоа, и како да кажам, ако си од одреден ков, веројатно знаеш и да го пренесеш на позитивен начин понатаму.
Одредени луѓе не можат да го канализираат, тоа обожавање, таа љубов, и одредени луѓе забегуваат. Дали остануваш да си човек, или почнуваш да си некој деми-бог“, додаде водителот.
Со ова сведоштво, Жаре потсети на блискоста што Тоше ја создаваше со публиката и на впечатокот што го оставал кај луѓето со кои се среќавал.
