Инфлуенсерката и креаторка на содржини Ела Дворник, ќерка на легендарниот хрватски музичар Дино Дворник, отсекогаш привлекувала внимание со своите искрени и директни ставови за животот и машко-женските односи. Во една од нејзините поинтригантни објави таа самата се нарече „спонзоруша“ и „скапа жена“, но веднаш го објасни вистинското значење зад тие зборови, насочувајќи го фокусот кон емоционалната и психолошката зрелост.
Наместо материјални добра, луксузни патувања или скапи подароци, Ела истакна дека од партнерот очекува квалитети кои, според неа, се мерат со вложен труд и самосвест:
„Навистина сум скапа жена и барам работи од мажот кои се исклучително скапи. Барам самодоверба, црн хумор, сарказам, емотивна интелигенција, сигурност, присутност, амбиција, емпатија, автентичност и страст. Тоа се скапи работи бидејќи часот кај психолог или психијатар чини помеѓу 50 и 70 евра и е потребно многу време за да се дојде до сето тоа“, објасни таа.
По реакциите на следбениците кои ја прашаа што таа носи за возврат во еден однос, Ела отворено го сподели и својот список на вредности и поддршка што ги дава во партнерството, нагласувајќи дека очекува взаемност, лојалност, емотивна поврзаност, стабилност и искреност.
