Десет години од смртта на актерот Маринко Маџгаљ ќе бидат одбележани утре, на 26 март, а по тој повод водителот Огњен Амиџиќ објави песна во чест на својот пријател и колега, со кого го основа бендот „Фламингоси“.
Во новата песна на групата „Фламингоси“, со наслов „Поради неа“, може да се слушне и гласот на покојниот Маринко Маџгаљ, благодарение на современата технологија, што особено ја трогна публиката.
– За нашиот Маринко – порача Огњен по премиерата на песната и видеото на Јутјуб.
Музиката и текстот се дело на Амиџиќ, додека аранжманот го изработил Марко Кон. Освен песната, Огњен и последното издание на емисијата „Амиџи шоу“, емитувано на телевизија Пинк, го посветил на Маринко, со чија загуба сè уште тешко се помирува.
– За два дена се навршуваат 10 години откако нè напушти Маринко Маџгаљ. Во овој свет нè напушти пред една деценија, а тогаш беше објавена и последната песна на „Фламингоси“. Оваа емисија е моја желба да му ја посветам нему – изјави Огњен, кој минатата година откри дека има силна желба да му посвети песна на својот пријател, што сега и ја реализираше.
Да потсетиме, „Фламингоси“ во текот на кариерата имаа бројни хитови, меѓу кои „Обала“ и „Луд летен танц“, како и дуети со Емина Јаховиќ „Ла гитана“ и Каролина Гочева „Ти и јас“.
Маринко Маџгаљ почина во 2016 година, по борба со тешка болест.
