Со својата мајка Јулијана како најголема поддршка, поп-пејачот Васил Гарванлиев настапи на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“, на интернационална вечер, како специјален гостин.
Македонскиот евровизиски претставник пред неколку недели од Чикаго, каде што живее изминатиов период, дојде дома во Струмица, беше на семеен одмор во Грција, па во Охрид имаше впечатлив настап. Ја испеа „Јовано“, преработката на македонската народна песна „Јовано, Јованке“. Зад сцената на Долни Сарај ни рече дека е среќен што е дојден со мајка му, но му недостасува неговата голема поддршка, партнерот Џејсон, кој останал во Чикаго.
– Мојот брат живее во Лондон, и многу ми е мило што беше тука со семејството, го продолжија претстојот за да се видат со мене, бевме заедно во Грција. Ја видов малата Срна, мојата внука, јас ја викам Ковид- бебенце. Ја знам постарата внука, Киријана, но малата Срна ја имам видено само еднаш, кога имаше 3-4 месеци. Иако речиси и да не ме знае, кога ме виде, му се насмевна на чичо“, ни раскажа Гарванлиев.
Она со што Васил во моментов е зафатен во Чикаго е „кросовер“ албумот, кој тој го нарекува три во едно: Балканска музика, класична музика и поп-музика.
– Албумот го завршив, и најголема желба ми беше да го почнам од Македонија. Правам два концерти. Во Скопје, на 12 септември во Куршумли Ан, и во Струмица, на 14 септември, во Домот на културата, затоа што сакам оваа светска турнеја да започне од дома. Мојата цел е тоа јадро на македонски музичари да дојдат со мене и светот да ги прифати“, ни раскажа поп и оперскиот пејач кој кариерата ја започна со детскиот хит „Марионка“. Вели дека Џејсон, американскот невропсихолог со кој живее во Чикаго, заедно со нивните три миленици, му е важна музичка поддршка.
– Џејсон е типичен Американец, иако има емигранстко потекло, од Чешка. Тој и брат ми се моето најважно немузичко уво. Кога ќе пеам, и ќе ја погледнам нивната реакција, знам дали е добро или не е. Џејсон не разбира ништо од нашата музика, но толку многу го допира, што ми е предизвик. Ќе слушнете допрва, освен „Јовано“, што ја пеев овде во Охрид, ја преработив и „Параходот“, таа е половина на македонски, половина на англиски. Тој спој, тој мост во таа музика ги допира и Американците. Тоа ми е најважно“, вели Васил.
Пејачот искрено ни раскажа во што најмногу се согласува со неговиот партнер, а во што не, како двајца луѓе со различни менталитети и од различни поднебја, но ни откри и како се запознале.
– Љубов е кога двајца се комплатибилни во малите глупости. На пример, на двајцата ни пречи мирис на храна и текстура на храна. Мирисот на морско и двајцата не го можеме. Сакаме иста храна, и двајцата обожаваме да спиеме во многу ладна соба. Тоа е „мала глупост“ во која сме погодени. А убавите, „големи глупости“, ги има безброј“, вели Гарванлиев.
Засега, тој нема планови да се врати и да живее во Македонија, но вели дека би сакал, и тој и Џејсон да имаат живеалиште и тука, кога ќе дојдат заедно. Поради работа, тој не можел да го придружува Васил на ова патување, а Гарванлиев вели дека вака изглегло уште подобро.
– Ќе беше себично ако дојдев со Џејсон. Имам толку многу работа со фестивалот и околу концертите, немаше да може ништо да види, никаде да го прошетам, а сакам да ја види Македонија. Да седнеме во автомобил, и на сите мои места да одиме. Му праќам фотографии вели дека многу му е криво што не е тука, но му реков дека ќе дојдеме друг пат и ќе уживаме“, вели Васил.
– Се запознавме на Тиндер. Почнавме разговор, и потоа договоривме средба. Дојде да ме земе, од студио, и јас се „изглупирав“ на првата средба. Мислев дека прозорецот од колата му е отворен, а тој бил спуштен, и јас кога се доближив да го поздравам, го лижнав прозорецот. Ете, тоа сум јас. Се одвиваше многу спонтано. Клише е ако кажам, знаев од почетокот, и двајцата знаевме. Си реков: „Дојдов во Америка на кратко“, но ова ќе ми промени сѐ “, рече Васил.
Тој вели дека за среќа, во Америка засега живее само од музика, иако за него на почетокот било многу тешко. Откако го сретнал Џејсон, тој решил да ги остави сите ангажмани во Европа, и не смеел да настапува повеќе од една година.
– Но, затоа, албумот се заврши. Тоа е убавото во тешкото. Благодарен сум што има прекрасно работно лето. Настапив на стадионот на фудбалскиот клуб „Chikago Fire“, „Soldier Field“, а Карл Џи беше првата пејачка на латино музика која беше земена да биде хедлајнер на Лола Палуза, пеев со неа и имаше 250. 000 луѓе. Спроти нас, на другата сцена беше Били Ајлиш. Тоа е неверојатно искуство. Имам неколку прекрасни шанси кои ми се „родија“, буквално кога статусот за работа ми се смени, и можев пак да настапувам. Така што коцките се местат. Да е лесно, не е лесно, но во Америка, тоа е лекција за сите нас, дека трудот и талентот се ценат и се наградуваат. Луѓето сакаат да успеат“, ни раскажа Гарванлиев.