Маја Вукичевиќ со емотивна објава на социјалните мрежи се присети на својата покојна мајка, оперската пејачка Милка Казакова-Вукичевиќ, која вчера би го прославила својот 84. роденден. Таа на својот инстаграм-профил сподели стара црно-бела фотографија од мајка си, направена за време на музички настап, и ѝ посвети трогателни зборови.
„Среќен роденден на небото, мамо. Денес те славам тебе: твојот глас, твојата грациозност и светлината што ја остави во сите нас. Засекогаш дел од нас. Ни недостигаш“, напиша Вукичевиќ на англиски јазик.

На фотографијата што ја објави пејачката е наведено дека нејзината мајка е родена на 21 октомври 1942 година, а починала во 2000 година. На неа е прикажана како настапува пред публика, придружувана од оркестар.
Милка Казакова-Вукичевиќ беше оперска пејачка и имала големо влијание врз одлуката на Маја да се занимава со музика. Во август годинава Маја отвори посебна страница на социјалните мрежи посветена на мајка си, со желба да ги зачува спомените за неа и нејзиното музичко творештво.
Маја Вукичевиќ кариерата ја започна како телевизиска презентерка и новинарка, а на музичката сцена дебитираше во 1997 година на фестивалот „Охридски трубадури“. Публиката ја памети по песните „Зборови“, „Остави ме“, „Признавам“ и „Јас“. Во 2002 година настапи на „Макфест“ со песната „Зборови“, која стана еден од нејзините најголеми хитови.
Во 2019 година Маја се повлече од јавниот живот во Македонија и се пресели во Австралија, каде што живее и денес. Годинава доби и австралиско државјанство, а неодамна сподели радосна вест дека нејзиниот син Горазд магистрирал во Австралија.
Иако со години е далеку од Македонија, Маја не ја крие носталгијата за родната земја, а преку социјалните мрежи често споделува лични спомени.
