Првата пејачка на групата „Нови фосили“, Ѓурѓица Барловиќ, за кратко време ја воодушеви цела поранешна Југославија, а во периодот кога посветено ја градеше својата успешна музичка кариера, нејзиниот подем беше прекинат со прераната смрт на 42-годишна возраст.
Ѓурѓица во популарната хрватска група дошла во 1976 година, на покана на Рајко Дујмиќ, а остана до 1984 година, кога ја започна соло-кариерата. Во групата ја замени Сања Долежал. Со „Нови фосили“ ги сними големите хитови „Плава кошуља“, „Саша“, „Шути мој дјечаче плави“, „Да те не волим“ и други, а потоа, за време на кратката соло-кариера, сними четири албуми.
Сепак, судбината имала поинакви планови, па Ѓурѓица ненадејно починала од последиците од инфарктот што го доживеала на плажа на Паг.
Нејзиниот син Хрвоје, повеќе од 30 години по нејзината смрт, откри како изгледал тој ден.
„Секако дека јасно се сеќавам на тој ден. Бевме на Паг, каде што со години одевме заедно, уште откако знам за себе сум одел таму. Прво научивме да скијаме на вода, па дури потоа на снег. Мајка ми научи да скија на вода и тој ден скијаше, а потоа седна на плажата бидејќи не ѝ било добро. Татко ми, кој е лекар, многу брзо ги препознал знаците на инфарктот, ја ставил на глисер и ја однел во Паг, во станицата на Итната помош“, се присетил Хрвоје Барловиќ за „Индекс“.
„Потоа со возило на Итната помош ја однеле во Задар. Стигнале во болницата за половина час, но таа имала тежок инфаркт, со кој тогашната медицина не можела да се справи. Уште некое време била жива во болницата, не ја губела свеста, а потоа починала“, раскажал тој.
Иако не сака јавно да се експонира, сега открил дека загубата на мајка му била ненадоместлива.
„Загубата на мајката е празнина што никој и ништо не може да ја пополни и мајката не може да се надомести со ништо. Не сакам патетика, но, секако, и денес постојат милион ситуации кога би сакал таа да е тука – да споделиме некои среќни моменти. Или да разговараме. Или да одам кај неа на ручек. Навистина е привилегија да ги имаш родителите и да имаш добар однос со нив, да се соберете на некој семеен ручек“, вели Хрвоје Барловиќ, кој денес е 41-годишен стоматолог во Загреб.
Хрвоје имал само осум години кога починала мајка му, но и денес добро ја памети нејзината скромност.
„Беше посветена мајка, готвеше сè и сешто. Поради популарноста, често ѝ беше непријатно. Јас не сфаќав дека мајка ми е поинаква од другите. Не можам да кажам дека на мајка ми ѝ пречеше популарноста, но таа беше, како што велат Босанците, човек од народот“, рекол тој и се присетил на една случка што добро ја памети.
-Пееше во Штутгарт и еден човек дојде зад сцената за да ја запознае. Човекот го симна од раката часовникот „Картиер“ и инсистираше да ѝ го подари. Не сакаше да излезе од собата додека таа не го земе часовникот. Таа му велеше дека не може да го земе, но тој не се откажуваше. „Па, еве, ќе го ставам, па ќе ви го вратам“, му велеше, но тој не попушташе. Раскажуваше колку ѝ било непријатно поради тоа – се присетува Хрвоје.
