9.9 C
Скопје
16:22 - 18 декември, 2024

Портрет на Оливера Клинчарова: Едноставна, а совршена

Портрет на Оливера Клинчарова, експертка за финансии, инвестиции и управувањето со ризици.

Д-р. Оливера Клинчарова – едноставен, а совршен лик за портретирање –показ за синтагмата на Конески „едноставна совршеност“, каде што не се спротивставуваат овие две нешта, туку се во логична, дури природна целина.

Прво ќе ѝ ја забележите широката, топла и искрена насмевка, па потоа ќе почнете да зборувате со неа и веќе сте сигурни дека пред вас стамено се исправила жена со ѕвезда на челото. Жена која, имате впечаток, дека ја познавате „сто години“ и сте ја каталогизирале на оној список каде што се сместиле чесните и достоинствените, скромните и доверливите, посветените и подготвените секогаш да помогнат. И тогаш, по тоа нагледно соочување со неа, веќе немате никаков сомнеж дека бил во право великанот Блаже Конески кога ја промовирал синтагмата „едноставна совршеност“ и не ги спротивставил овие две нешта, туку ги ставил во логична, дури природна целина. Оливера Клинчарова е доказ и показ за таквата синтеза, вистинска парадигма за коегзистенцијата меѓу едноставното и совршеното.

„Вардар од глас“ од зеленчуковата градина

Едноставна: во рацете на Оливера, мајка на три деца (Нина, Иван и Христина) во еден миг ќе здогледате зрел македонски домат, пиперка и други зарзавати, одгледани од неа со љубов во нејзината зеленчукова градина, за потоа да бидат заменети со рози и темјанушки набрани во нејзината градина. И додека со погледот ги гали цвеќињата, од неа излегува еден „Вардар од глас“… пее. И не само во својата градина, туку и на разни седенки, при патувања во автобуси, а тој нејзин прекрасен глас, на кој се надоврзала насмевката, своето крешчендо, свој врв на нејзината музичка „кариера“ е членувањето во Скопскиот госпел хор, па многумина имаа можност да го имаат задоволството и да ја слушнат во Македонскиот народен театар и на Божиќниот концерт во хотелот „Мериот“.

Сега во рацете ѝ забележувате графит: црта и портретира, за веднаш да го замени со четкичка и кист и пастелните бои да ги нанесува на стакло создавајќи убав, едноставен витраж. Да, вели таа (согласувајќи се со Питер Брук) убавината на уметноста ќе го спаси светот, па затоа сега е со книгата, чита, особено поезија, и токму онаа „едноставна, а совршена“ на поетот.

Оливера Клинчарова е современа, урбана жена, елегантна и впечатлива (еве уште еден навидум оксиморон), а сосема едноставна во облекувањето, без претешкиот и претенциозен накит, без вештачки трепки и нокти, без претераните шминки што ја кријат вистинската, природна убавина. Едноставноста е доведена до совршенство.

Фокус на општествениот и граѓански концепт

Совршена: д-р. Клинчарова е индивидуалец, надвор од секој бачилски колективитет, но личност која е подготвена да направи сè за колективот, попрецизно, за овој народ и држава. Нејзиниот поглед досега до височини каде се ситуирале граѓанските вредности, кои кај нас, за жал, засега се загубиле во празната реторика на моќниците, или виреат инцидентно како ретка егзотична билка. Вели дека отсекогаш ја интересирале општествените, заедничките проблеми што ги делиме како граѓани на оваа земја, од нашите европски перспективи, зголемувањето на социјалната заштита на ранливите групи, проблемот на сиромаштијата, здравството, а во последно време сè повеќе фокусот е насочен кон еколошките проблеми што ни го оневозможуваат нормалното живеење и организирање општествен концепт, идеи и акции за здрава животна средина. Вели дека се воодушевува на секоја позитивна акција и реакција, на сите самоиницијативи на граѓани и невладини организации во оваа област.

Д-р Клинчарова е дел од Македонски концепт и се залага за вистински граѓански вредности. Идеологија базирана на правење промени што кореспондираат на потребите на народот, граѓаните, а не на политиката и политичарите. Таа ја поддржува зелената програма, урбаниот град, а знае што е демократија,правда, просперитет, благосостојба, мир, безбедност – среќни луѓе во среќна земја. За неа, граѓанинот и неговите потреби се суштина, политиката и политичарите се сервисот што ќе го овозможи остварувањето на тие потреби. Нејзината идеологија е базирана на такви промени што ќе кореспондираат со оние што ги посакува народот, а не на одредена политика и на политичарите.

Експертизата и знаењето во разни сектори и полиња е ставена во функција на народен парламент со пратеници волонтери. Во тој случај, неповратно би исчезнал и оној сега присутен тамаќарски синдром; до извесност се доближува претпоставката дека личното, напати и криминално збогатување ќе станат минато, дека корупцијата ќе ги пребројува последните денови, дека етничкото и партиско вработување ќе исчезне или ќе се сведе на инцидент, дека надлежните институции ќе си го оправдаат името, дека стручноста суверено ќе царува во нашата суверена држава… И уште: високо ги позиционира и искоренувањето на сиромаштијата, социјалната заштита на ранливите групи, достојното и вистинско вреднување на минатиот труд, заштитата на животната средина, менталната екологија, владеењето на правото кое беспоговорно ќе значи правда за сите.

Жените во македонската политика се маргинализирани

Смета дека жената во политиката е конструктивна сила, и посочува кон примерот на Германија, Нов Зеланд, Европската Комисија. Секоја чест на сосема едноставните и скриени жени херои, самохрани мајки, работнички, земјоделци, хирурзи, наставнички – вели таа. И покрај многубројните прокламации, жените во македонската политика, за жал, се маргинализирани. Вели дека, кај нас, жените сè уште се на позиции од кои не можат да се задоволат најелементарните декларативни заложби за рамноправност. Од осамостојувањето до денес сè уште ги нема на врвните државни функции. Немало жена претседател, немаме жена премиер, ниту пак жена претседател на Собранието.

Д-р Оливера Клинчарова – совршен лик за портретирање – низ насмевка, со скромност примерна за доблесните, ќе ви каже и за своето образование и кариера, со завидни димензии. Значи обврските околу домот, децата, љубовта кон уметноста, читањето, сликањето, одгледувањето на градината, сепак не ја спречиле постојано да учи и да се образува, да дипломира, преку првите Темпус заеднички постдипломски европски студии на Економскиот факултет во Скопје и факултетите од – Универзитетот Стафордшир, Велика Британија, до Универзитетот во Бари, Италија, и Универзитетот во Антверпен, Белгија, а стаса до магистер по европски студии,а потоа и до доктор на науки. Д-р Клинчарова, инаку, работела во повеќе компании, била на разни високи позиции, а опстојувањето во различни економски области зборува за нејзиното широко познавање на економијата и на економските законитости. Во моментов работи во областа на осигурување, вештачење и консалтинг од областа на финансиите, инвестициите и управувањето со ризици. Избрана е за нов претседател на Асоцијацијата на осигурително-брокерските друштва. Нели, совршено, а се чини толку едноставно.

 

Слични објави

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо
Се вчитува....