12.8 C
Скопје
01:37 - 25 април, 2024

Наташа и Јасмина, „дистрибутерки“ на радост на македонски јазик: На нашки кажано е најубаво

Наташа и Јасмина дизајнираат честитки за убави поводи со пораки напишани на македонски јазик. Човек кога одбира да купи ваква честитка, нема шанса да не се насмее, стопи, стопли, да омекне како путер.. Е, ај замислете тогаш како му е во душата на оној што ја прима честитката.

Две несудени професорки, судбински се поврзале за поголема цел. Наташа Атанасова веќе 13 години е дипломиран професор по општа и компаративна книжевност, а Јасмина Грујиќ, 17 години ја има дипломата професор по математика. Никогаш не носеле училиштен дневник в рака, ама широко ги отвориле рацете за други предизвици. И така, 12 години Наташа и Јасмина заедно работат во областа на маркетингот. Најново за овие две умници е изработка и пласман на печатени честитки што зборуваат нашки. А на нашки кажано е најубаво.

И така радоста се мултиплицира и се шири насекаде. Со радост се заразува и оној што ја одбира честитката, и продавачот што му продал радост на муштеријата, и стигнува понатаму до примачот, славеникот, кој ја доживува емоцијата како да е персонализирана. Ем лична, за него, ем на македонски јазик.

– Моментот кога сфативме дека треба да направиме вакви честитки, ни беше некој вид еурека. Сакавме да ѝ дадеме друг тек на усната традиција на честитки, на народните изреки како „Среќни и вечни да сте“ или „За многу години славата“, „За арно, за убаво“… Да покажеме дека имаме во изобилство изреки и дека нема поубаво од тоа кога си честитаме на нашки. Затоа и „на нашки е најубаво“ спонтано стана еден вид слоган на честитките „Ај честито“ кој го користиме и како хаштаг на социјалните мрежи – вели Наташа.

Работата им е многу забавна. Нурнувајќи се во традицијата, во потрага по изреки, и самите научиле нови народни начини на честитање, кои пренесуваат емоции, но истовремено и насмевнуваат. Сфатиле дека „нашите луѓе биле страдни за добри честитки на македонски“, а денес добиваат и сугестии, дури и од случајни познајници, „секогаш кога ќе им текне на некоја постара честитка, изрека, досетка на македонски јазик, ни пишуваат, што неизмерно нè радува“.

И така радоста се мултиплицира и се шири насекаде. Со радост се заразува и оној што ја одбира честитката, и продавачот што му продал радост на муштеријата, и стигнува понатаму до примачот, славеникот, кој ја доживува емоцијата како да е персонализирана. Ем лична, за него, ем на македонски јазик.

– Честитките се дизајнирани за убави поводи и со намена да пренесуваат среќа, радост и топлина. Се трудиме во сето тоа да вметнеме и хумор, бидејќи сакаме насмевката да биде првата реакција на човекот што ќе добие наша честитка – велат професорките.

Од убајни да не куртулите!

Кога почнале со изработка и пласман на честитките, ги изработувале и на современ македонски јазик, но и на битолски дијалект. Е, сега, зошто баш на битолски. Зашто првично ги испробале во битолската цвеќарница на мајка ѝ на Јасмина. Така настанале честитките со пораки: „Цел живот муабето да си го имате“, „Честито бебе и од убајни да не куртулите“, „Голема да расти, да му се радвате“, „Жив, здрав, со најубав к’смет“…

– Реакциите на луѓето беа и сè уште се бесценети! Откако направивме солиден број честитки за повеќето убави поводи, сакавме да продолжиме со адаптација на уште неколку дијалекти. Тргнавме со кумановски и веќе ги адаптиравме, ама фати короната и целосно нè закочи. Една година требаше да помине за да почнат повторно да се организираат веселби, свадби, родендени…

На Наташа и Јасмина сè уште им тлее желбата за дијалектните пораки, па наскоро и тоа го очекуваме од нивната „професорска“ работилница. Така подобро ќе ги запознаеме и дијалектните преданија во однос на честитањата, а и супер ќе се забавуваме.

Кој си копал лозјето, ќе си пие грозјето

Разменуваме мислења за проширување на асортиманот. На пример, за воведување цитати од македонски автори, кои би биле соодветни за пренесување лиричност, елегични емоции, стихови посветени на мајката, патриотски стихови… Професорките размислувале и за тоа, но заклучиле дека ќе си отворат работа со авторски права, а во моментов – зашто се две – немаат капацитет за тоа. Но веднаш им текнува трета идеја.

– А можеби можеме да направиме и една специјална линија во рамките на брендот… ете!
За крај прозборевме и за претстојниот септември, месец што во македонската традиција ја симболизира бербата, благосостојбата, а оттука го носи и името гроздобер. Каква честитка тие би сакале да добиете за претстојниот месец?

– По летните месеци за нас септември секогаш е како некој нов почеток на преостанатиот дел од годината. Децата ни тргнуваат на училиште, а на 1 септември и ние почнуваме со работа во нова канцеларија, па уште сега сме возбудени. Би сакале некој да ни подари честитка на која ќе пишува: „Кој си копал лозјето, ќе си пие грозјето“. А можеби и сами ќе си ја направиме и со чаша вино ќе наздравиме – со насмевка одговараат Наташа и Јасмина.

Ај аирлија и еснафот и идеите, и лозјето и грозјето, а ние ќе почекаме да созреат и да ги пресретнеме на полиците.

Слични објави

Вртоглав успех: Два хороскопски знаци ќе направат пробив во кариерата на крајот на месецот

еспресо

Нина Бадриќ си ја отвори душата: Платив висока цена, психопати пробаа да ме малтретираат

Еспресо

Исчезна од сцената поради неизлечлива болест: Селин Дион искрено проговори за тешката борба

Еспресо

„Татко ти те научи да бидеш добар човек“: Српски свештеник го угости пејачот Никола Роквиќ

Еспресо

(Фото) „Доста ми е веќе, ќе полудам“: Се огласи Џина Џиновиќ од велелепната вила, покажа што ја мачи

Еспресо

(Фото) Тргна пеш за Грција: Никола Роквиќ откри колку пари собрал за три дена

Еспресо
Се вчитува....