Пејачот Дарко Лазиќ емотивно проговори за животот по трагичната смрт на неговиот брат Драган, откривајќи колку тешко му паѓа загубата и колку се труди да им биде поддршка на неговите деца. Во телевизиска емисија раскажа и дека ја презел улогата на кум што првично требало да му припадне на неговиот покоен брат, како и дека планира концерт во негова чест.
Децата на Драган денес често престојуваат кај Дарко, кој вели дека ги сака и ги третира исто како своите.
Дарко открил дека неговиот брат требало да ги крсти децата на близок пријател, но по неговата смрт пејачот без двоумење ја презел таа обврска.
„Мојот покоен брат требаше да ги крсти децата на еден пријател, но потоа се случи тоа што се случи, загина. Без размислување прифатив јас да го крстам детето. Имаше мала прослава, ручек и малку музика“, раскажал пејачот во емисијата „Премиера – викенд специјал“.
Тој открил и дека планира концерт посветен на својот брат. Настанот првично требало да се одржи во октомври, но поради непредвидени околности бил одложен. Сега планира да го организира на 11 март, на годишнината од смртта на Драган.
„Планирам концерт на годишнината од неговата смрт, на 11 март, во спомен на мојот брат. Гости ќе бидат пејачи што тој ги сакаше. Едно место во првиот ред ќе остане празно, оставено за него. За мене тој секогаш живее и ќе живее. Тој е мојата сила“, изјавил Дарко.
Пејачот признава дека загубата и понатаму е огромна рана, а особено му е тешко кога гледа колку им недостига таткото на децата на неговиот брат.
„Максимално се трудам тие да не ја чувствуваат толку силно тагата и болката. Децата постојано се кај мене, и моите и неговите. Не ги разделувам. И моите и неговите ги гледам подеднакво. Сè уште е свежо и болно, но се обидувам барем малку да им ја вратам бојата во животот и да ја отстранам таа сивила“, раскажал тој.
Потоа ја изговорил и реченицата што најдобро ја опишува неговата болка:
„Половина од мојот живот си однесе со себе. Избегнувам да зборувам за тоа. Дојдов малку нестабилен. Се трудам домашните што помалку да забележат колку ми е тешко и да им ја вратам насмевката на лицата. Гледам дека им недостига таткото. Не можам да им го заменам, но можам да бидам тука за нив и да им помогнам во сè што им треба“, рекол пејачот.
