Целиот свет во неделата беше потресен од незапаметена трагедија што го зави Кочани во црно. Имено, за време на настапот на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“, избувна пожар во кој беа повредени околу 155 лица, а загинаа 59.
По тој повод, се огласи и Харис Џиновиќ, кој изрази жалење за оваа несреќа, но и откри дека и самиот повеќепати настапувал на места каде што огнот може да се разгори за секунда.
– Како да гледам на некоја трагедија во која загинаа млади луѓе без никаква причина, поради невнимание на други. Мислам… Во вакви ситуации нема што да се каже. Загинаа млади луѓе, загинаа и постари, но кога станува збор за ваква трагедија, навистина нема многу што да се зборува – изјави Харис за „Гранд“.
Пејачот констатираше дека, за жал, низ поширокиот балкански регион постојат клубови кои не се соодветно опремени со противпожарни излези и системи.
– За жал, во кариерата сум видел премногу такви примери. Пеев по разни клубови, па и по дупки, не знам веќе каде сè не сум бил. Сигурно има простор за подобрување на безбедносната ситуација и за подигнување на нивото на сигурност за сите присутни. Треба да се работи на тоа, но… Секогаш доцниме – објасни Џиновиќ.
Харис откри и дали самите изведувачи понекогаш се прашуваат дали е безбедно да настапуваат на одредени места, кога станува збор за противпожарните услови.
– Обично мора нешто да се случи за луѓето да реагираат. Тоа е нешто што ме нервира цел живот. Значи, треба да се направи проверка. Човек умира, а велат никогаш не бил на лекар. Па затоа и умрел, затоа што не бил на лекар. Мораш да се провериш, да видиш дали нешто не е во ред, дали нешто создава проблеми во организмот. Однесуваш автомобил на механичар или на технички преглед, бидејќи не можеш да го регистрираш, а не одиш на лекар. Па, на лекар одиш кога веќе ќе ти се случи нешто, кога можеби е веќе предоцна. Така е и со оваа ситуација – се случи, и готово. Требаше овие работи да се предвидат, да се направи ревизија, како за сè друго, и тогаш можеби немаше да дојде до ова – рече Харис Џиновиќ.