Раперот и сопруг на ријалити ѕвездата Ким Кардашијан, Канје Вест, официјално станал милијардер, наведува списанието „Forbes”.
„Forbes” проценува дека вкупното богатство на Вест изнесува 1,3 милијарди долари, а тие пари ги стекнал со продажбата на својата марка на патики во соработка со „Adidas“, кои се меѓу најпродаваните патики во светот и покрај нивната цена од дури 200 долари.
Музиката на Вест сочинува релативно мал дел од неговото богатство, иако е еден од најпродаваните уметници во последните 20 години. Неговата музичка куќа „Good Music” и правата на неговата дискографија „Forbes“ ги проценил на најмалку 90 милиони долари.
Голем дел од остатокот на финансиската вредност на раперот се наоѓа во имотот – поточно 81 милион долари во недвижнини и 21 милиони долари во земјиште. Уметникот има 17 милиони долари во кеш и 35 милиони долари во акции.
Раперот последните години бил на насловните страни поради различни ексцеси, кои вклучуваат и многу јавна поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп, кој не е омилена политичка фигура меѓу Афроамериканците.
Вест е вториот американски рапер на кој му успеало да се најде на оваа престижна листа, а прв на неа се нашол неговиот колега Џеј Зи.