0.8 C
Скопје
17:37 - 22 декември, 2024

Од плакарот на Анита: Муабет со комшиката

Откако не знам веќе по кој пат и овој ден го пројдов чистејќи го домот, ги „сотрев“ бактериите и ја направив мојата трета „генералка“ за декември, излегов на терасата да ја фрлам и последната честичка прашинка. Таму, комшиката на соседната тераса гордо „тегне“ од своето цигарче.

– Аман комшике, душа ѝ извади на правосмукалката, прозорциве ти сјаат, ме ослепуваат, постојано переш, џогираш и гланцаш, ти доаѓа и жена за чистење, а ти пак повеќе чистиш од неа, станот на средство за дезинфекција ти мириса – ми вели таа загрижено.

– Ела, приближи се да ти шепнам нешто – се приближив уморно, да слушнам … и слушнав… – Немој толку да ја чистиш куќата, ќе си ја исчистиш среќата!!!

– Ауу среќата? Со чистење на куќата и среќата ја чистам?

– Да, да ќе си ја исчистиш среќата, ќе ја избркаш од домот!

Се насмеав зачудено и загрижено, ја испратив со чудна мимика и си влегов во домот.

Си ја чистам среќата? Затоа ли мене нешто во животов ми чкрипи?! Веднаш ги облеков чевлите, да, оние зимските со малце кал на нив и кога се разгазив по теписите, за мерак, шетам лево-десно, во една па во друга соба, марширам и внимателно следам да не ми избега некој ќош. Одам во кујната, си ставам едно мерачко кафе да се напијам, како мешам со лажичката така засилувам, нека прсне малку на подот и плочките. Си ставив и сок, а како се движам кон дневната така подрипнувам од радост, нека прсне од сокот насекаде. Среќата мене ќе ми бегала? Аха, ги растурив и алиштата, фрлив по некое парче облека на секое столче. Го растурив и креветот и уште еден куп алишта фрлив врз него.

Среќо, сега ќе видиш ти! Влегов во бањата и кога се распрскав со вода, нека има, дури до таванот. Играчките од детето буквално ги расфрлав низ целата куќа, нека биде шарено. Извалкав неколку чинии и тенџериња и ги распослав низ кујната. Малку шеќер, малку сол истурив на подот, како јинг и јанг да ја чуваат среќата. Ги размачкав и прозорците и масите, истурив и земја од цвеќињата, нека биде што повалкано. Каде ќе бегаш сега, среќо моја?

Едно кафе и за неа сварив, нека седне нека се укотви и никогаш нека не замине. Нема каде да ми бега сега!

Хмм, конечно се освестив после час-два и седнав во хаосот. Седам и гледам, а почнав и да мислам – прво нешто што ми дојде на памет… за новата „генералка“ да ја повикам жената или пак комшиката?!

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....