6.8 C
Скопје
15:56 - 22 декември, 2024

РАЗГОВОР СО ИВАНА ТРАЈАНОСКА, АВТОРКА НА РОМАНОТ „ДЕСА“: „Со секој женски лик во романот ја славам жената и нејзината (не)моќ“

Во фокусот се женските ликови, жените во семејствата од мајчина страна, кои ги пренесуваат своите приказни на сопствените ќерки, внуки, правнуки. Во романот се обработуваат повеќе теми, но како централна тема го поставувам идентитетот, особено родовиот и мајчинството

Низ историјата на македонската книжевност има многу женски ликови кои се столбови и темелници на архетипот на жената во наш општествен и патријархален контекст. Патријархатот како систем има универзални закони, но во секоја култура се локализира, па кај нас е изразен во очекувањето од жените да бидат поклонички на родовите улоги и се разбира прво и најважно, мајки. Ивана Трајаноска со романот „Деса“ направи приказ на реалноста – да се биде жена тука – без разлика на деценијата, и емпатично ја прикажува хероината како жена која е малку несигурна пред поставените ролји од нејзините историски претходнички.

Трајаноска е универзитетска професорка, книжевна истражувачка и критичарка, преведувачка и писателка. Докторирала на Универзитетот „Пол Валери-Монпелје 3“, во Франција, во областа на англистиката. Речиси дваесет години работи како професор по англиски и француски јазик. Во 2008 година беше објавен нејзиниот прв роман „Разгледници“, а поводот за нашиот разговор е нејзиниот нов роман „Деса“ во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, роман кој беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.

Преку главниот лик Деса, која има ограничен поглед на нештата, но која длабоко страда, зборувам и за меѓуженското содружништво, меѓусебното разбирање и солидарност или поточно отсуството на сето тоа. Фото-приватна архива

Како се роди романот „Деса“ и ликот во него?

– Идејата за романот „Деса“ се роди многу одамна. Откога го завршив романот „Разгледници“, контурите на романот „Деса“, главниот лик и приказната почнаа да се исцртуваат. Почнав да го пишувам во 2018 година. Летото интензивно работев на него и го завршив. Тогаш излезе конкурсот за наградата „Пегаз“ на „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар необјавен роман за 2019 година и сметав дека е одлична можност да стигне до читателите. Сепак, таа година романот не влезе во потесниот избор, но не се обесхрабрив. Го доработив и повторно го пратив на конкурсот за најдобар необјавен роман за 2020 година, кога влезе во потесниот избор во конкуренција од 61 ракопис и беше неодамна објавен со сребрен печат „Пегаз“. Што се однесува до главниот лик Деса, таа е конструкција на жена од македонско патријархално семејство, но и повеќе од тоа. Деса ја осмислував и создавав долго. Нејзиното име е земено од името на мојата покојна баба, но истовремено упатува на Теса од Дубервилови на Томас Харди. Деса е жена. Деса е ќерка, сестра, сопруга, мајка, наставничка по музичко. Но, Деса е концепирана и како архетип на жена која е истовремено жртва и своевидна хероина на патријархатот.

Ако направите синтеза на приказната за да им ја доближиме на нашите читатели, за што станува збор?

– Во романот „Деса“ се зборува за неколку семејни приказни раскажани на еден синтетизиран и стегнат начин. Се обидов умерено да експериментирам со романот како литературен вид. Романот е краток, а приказната е кондензирана и предадена преку наративни техники карактеристични за усната литература, музички техники, но и аналепси, пролепси, „тек на свеста“ и кратки внатрешни монолози. Во романот е опфатен еден ден од животот на Деса, во осумдесеттите години од минатиот век, но откриваме испреплетени приказни за повеќе членови од неколку поврзани семејства од почетокот до крајот на дваесеттиот век во Македонија. Во фокусот се женските ликови, жените во семејствата од мајчина страна, кои ги пренесуваат своите приказни на сопствените ќерки, внуки, правнуки. Во романот се обработуваат повеќе теми, но како централна тема го поставувам идентитетот, особено родовиот и мајчинството. Преку главниот лик Деса, која е отуѓена од светот и луѓето околу неа, која има ограничен поглед на нештата, но која длабоко страда, зборувам и за меѓуженското содружништво, меѓусебното разбирање и солидарност или поточно отсуството на сето тоа. Истовремено, комплексноста на содавањето на родовиот идентитет, на хардиевски начин го поставува прашањето и за судбината на жената во општеството.

Со користење на архетипот на жените учеснички во патријархатот, дали се обидувате да нè подучите и насочите кон нов начин на бидување?

Верувам дека книжевноста треба да нè поттикне критички да размислуваме, да набљудуваме и да поставуваме прашања, а не да морализира и да нè подучува. Во романот се опфатени повеќе жени. Некои се учеснички, а некои се соучеснички на патријархатот. Има и такви кои го отфрлаат. Но, ниту нараторот во романот, ниту јас како автор сме тука да им судиме на жените. Напротив. Со секој женски лик во романот јас ја славам жената и нејзината (не)моќ, нејзиниот скриен или јавен непокор, нејзината „синтетичка свест“, која отсекогаш создавала светови, без разлика на околностите. Женска свест која не може ниту да биде поробена, ниту потчинета.

Што очекувате „Деса“ да предизвика кај читателите и какви се досегашните реакции?

Би сакала романот „Деса“ да предизвика емпатија, пред сè меѓу жените, но и меѓу луѓето воопшто. „Деса“ беше меѓу четирите најпродавани наслови од издавачката куќа „Арс Ламина“ на овогодинешниот Саем на книга, а најпродаван од македонски автор. Тоа особено ме радува. Реакциите што стигнуваат до мене се позитивни. Им благодарам на сите пријатели, познаници, колеги и студенти кои го прочитаа романот и ги споделија своите впечатоци со мене. Некои од нив вистински ме трогнаа. Тоа ми значи и ме мотивира побрзо да излезе од печат нов роман.

 

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....