-0.2 C
Скопје
01:53 - 19 декември, 2024

Акутен или хроничен бронхитис? Разликата е голема, научете да ја препознавате!

Главниот симптом на бронхитис е кашлицата, најчесто продуктивната, бидејќи пациентот мора да искашлува поголема количина наталожената слуз, што е многу непријатно …

Додека акутниот бронхитис е болест што се јавува одеднаш, трае кратко и може да се лекува со домашна терапија, хроничниот бронхитис е состојба која не е реверзибилна и до која доаѓа поради трајното оштетување на дишните патишта. Пушењето е еден од главните виновници за двата облици.

Бронхијалните цевки се дишните патишта што го поврзуваат душникот со белите дробови. Кога се појавува иритација или воспалителен процес во бронхијалните цевки, нивната ефикасност се намалува и се развива состојба која лекарите ја нарекуваат бронхитис.

Симптоми, форми и лекување

Постојат два вида бронхитис – акутен и хроничен. Од самиот назив, лесно е да се заклучи дека акутниот бронхитис е нешто што се појавува одеднаш и може да исчезне за момент. Од друга страна, хроничниот бронхитис е болест што се развива со текот на времето.

Во зависност од симптомите, разликуваме неколку видови бронхитис. Можеме да ги поделиме на акутни и хронични, но исто така и на поблаги и потешки форми. Ако симптомите се поблаги – како што се лесна кашлица и температура до 38 степени Целзиусови – лекувањето е успешно и брзо.

Меѓутоа, ако бронхитисот се развие во хроничен облик и во негова потешка форма, таквата состојба бара надзор на специјалист пулмолог и оториноларинголог, а веројатно и болничко лекување.

Додека акутниот бронхитис обично поминува после две недели, тегобите од хроничниот бронхитис траат најмалку три месеци за време на две последователни години и се последица на хронична иритација на слузокожата на трахеата и бронхиите од чадот од цигари, штетни гасови или професионална изложеност на органски или неоргански прашини.

Главниот симптом на акутниот бронхитис е упорната кашлица. Хроничниот бронхитис е сериозна состојба што е поврзана со забрзано опаѓање на функциите на белите дробови.

Акутен бронхитис

Обично трае до 10 дена и не предизвикува никакви други проблеми.
Некои од симптомите на акутен бронхитис се болка во градниот кош, сува кашлица и зголемено производство на слуз. Можно е да е придружено и со благо зголемена температура.

Акутниот бронхитис е состојба која можете да ја лекувате со домашни лекови: треба да пиете многу течности, да консумирате храна богата со витамин Ц и да одмарате што е можно повеќе. За да се избегнат дополнителни компликации, би било добро да посетите лекар.

Хроничен бронхитис

Хроничниот бронхитис е последица на оштетувањето на бронхијалните цевки. Една од најчестите причини за хроничен бронхитис е пушењето. Цигарите не се единствениот виновник за развој на хроничниот бронхитис – тоа може да биде и повторено изложување на штетните фактори кои предизвикуваат воспалителни процеси во бронхијалните цевки.

Експертите предупредуваат дека долготрајниот престој во загаден простор – без разлика дали е во затворен простор или на отворено – може да предизвика бронхитис. Подеднакво штетно дејство има изложеноста на опасен чад и хемикалии на работното место.

Хроничниот бронхитис е болест која бара медицинска интервенција, бидејќи во спротивно може дополнително да се искомплицирана. За жал, оваа состојба е неповратна, бидејќи оштетувањето на дишните патишта е трајна состојба. Важно е да се обратите кај лекар специјалист за да го забавите напредувањето на хроничниот бронхитис.

За намалување на воспалението на дишните патишта обично се препишуваат орални стероиди, а тука се и бронходилататорите, кои помагаат во проширувањето на дишните патишта. Ако се развие бактериска инфекција, лекарот може да ви препише антибиотици. Понекогаш е потребна терапија со кислород за да се одржи неговото нормално ниво во крвта.

Спречете го развојот на акутна во хронична состојба

Само затоа што имате акутен облик на бронхитис, тоа не значи дека нема причина за загриженост. Според експертите, повторените напади на акутен бронхитис на крајот може да се развијат во хроничен облик на болеста. Ова особено се однесува на пушачите или на луѓето изложени на штетните влијанија. Зајакнувањето на имунолошкиот систем е најдобриот начин да се избегнат повторните напади на акутниот облик на бронхитис. Исто така, обидете се да избегнете изложеност на штетни материи што ги иритираат дишните патишта и предизвикуваат бронхитис.

Ако сте пушач и сакате да ги намалите нападите на акутниот бронхитис, веднаш ослободете се од оваа штетна навика! Ова е воедно и најдоброто нешто за да се спречи развојот на хроничниот бронхитис. Без разлика дали имате акутен или хроничен бронхитис, откажувањето од пушењето е една од најдобрите работи што можете да ги направите.

Сигнали за аларм

Треба да се загрижите кога бронхитисот трае подолго време и кога симптомите не се смируваат. Акутниот бронхитис треба да биде краткотрајно воспаление на бронхиите и освен производството на слуз и кашлицата, не би требало да има гноен процес или некое крвавење. Исто така, не треба да има ниту многу зголемена температура. Меѓутоа, ако се појави зголемена температура, силна кашлица што го попречува дишењето и ако покрај тоа чувствувате малаксаност и беспомошност, треба да бидете загрижени и да побарате лекарска помош.

Чаеви за бронхитис

Незасладените чаеви (зелен, жолт и чај од бел слез) се препорачуваат да се земаат во што поголема количина – најмалку шест шолји на ден. Исто така, чаевите од оригано, мајчина душичка, еукалиптус, бршлен…

Мајчината душичка е одличен чај против бронхитис, бидејќи ги содржи потребните својства за смирување на кашлицата, исфрлање на секретите од белите дробови и кај малаксаноста.

Ориганото делува смирувачки на респираторниот тракт, го подобрува искашлувањето, ги намалува симптомите на акутен бронхитис и го зајакнува имунитетот. И на крајот, ако имате бронхитис, а немате зголемена телесна температура, излезете од просторијата, престојувајте што е можно подолго на свеж зимски воздух и движете се. Особено избегнувајте зачадени простори!

Слични објави

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Кератоконус – оштетување на рожницата

Еспресо

Ласерска корекција на диоптрија во Европска очна болница: Враќање на видот со прецизност и експертиза

Еспресо

(Видео) Новости од Клиника „Жан Митрев“: Изведена прва неврохируршка операција со микроскоп

Еспресо

Маја Алексовска ембриолог во болницата „Санте Плус“: Лекувањето на неплодноста е тешка, но не е неостварлива задача

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Проблеми со видот – рефрактивни аномалии

Еспресо
Се вчитува....