Српската пејачка Сузана Јовановиќ проговори за загубата на својот сопруг Саша Поповиќ и за тешките моменти низ кои поминувала додека тој се борел со болеста.
Гостувајќи на јутјуб-каналот на свештеникот Предраг Поповиќ, таа се присети на денот кога го испратила сопругот во вечното почивалиште и раскажа како неговата смрт го променила нејзиниот поглед кон материјалните нешта.
„Кога го испраќав Сале на оној свет, со себе го понесе само она што јас му го облеков. Не понесе ништо од она што го стекна во текот на животот, од она што го стекнавме заедно“, рече Јовановиќ.
Таа порача дека луѓето честопати трошат премногу време и енергија во трката по материјално богатство, иако на крајот ништо од стекнатото не можат да понесат со себе.
„И затоа, луѓе, сфатете, немојте да трчате по пет вили на Дедиње, десет автомобили во дворот, возен парк… Нема потреба. Нема да стигнете ни тие десет да ги возите. Јас понекогаш не стигнувам ни овој еден да го возам. Некогаш го возам, некогаш не. Некогаш ви треба автомобил, некогаш не“, порача таа.
Јовановиќ особено емотивно зборуваше за чувството на немоќ во периодот на болеста на Поповиќ. Иако семејството имало можност да обезбеди лекари и терапии, во еден момент сфатиле дека парите не можат да го променат исходот.
„Таа немоќ, тоа кога гледаш дека имаш пари, можеш да платиш лекари, можеш да платиш терапии, но лек нема. Лекот беше Бог, можеби порано да ги почувствувавме и да ги забележевме тие симптоми и сигнали“, рече Сузана.
Зборувајќи за смртта на сопругот, пејачката се осврна и на својата вера. Таа изрази надеж дека Поповиќ го пронашол својот мир и дека му биле простени грешките што ги направил во текот на животот.
„Се надевам дека замина пред Бога и дека се искупи за сите свои гревови што ги направи и за работите што не ги разбираше на вистински начин. Се надевам дека е спасен“, изјави Јовановиќ.
