Кристин Кабот, повторно се најде во центарот на вниманието откако во поткастот на Опра Винфри првпат подетално зборуваше за случката од концертот на „Колдплеј“ во јули 2025 година, која стана вирален хит на социјалните мрежи.
Тогаш, Кабот беше снимена во прегратка на нејзиниот тогашен шеф, Енди Бајрон, на концертот на стадионот „Жилет“ во Масачусетс. Видеото брзо се прошири низ целиот свет, особено откако пејачот Крис Мартин од бина се пошегува и алудираше на можна „афера“, додека Бајрон се обидуваше да се тргне од камерата.
Во најавата за интервјуто, Кабот откри дека таа вечер на концертот бил и нејзиниот тогашен сопруг, од кого веќе била разделена. Како што вели, тоа го дознала преку порака од ќерка ѝ.
„Додека влегував на концертот, ќерка ми ми прати порака: ’Баш е супер што и ти и тато сте на концертот на ‘Колдплеј’. Така сфатив дека и мојот сопруг е таму“, раскажа Кабот.
Веднаш помислила дека може да стане незгодно ако случајно се сретнат.
„Си реков: ’Ќе биде ли чудно ако ме види со Енди?‘ Ама после си помислив: ’Ајде, има 55.000 луѓе, нема шанси да се сретнеме‘“.
Сега, кога размислува за тоа, низ смеа признава дека можеби ќе било подобро да се случело токму тоа.
„На крај, веројатно ќе беше полесно да налетав на него“, вели таа.
Кабот тврди дека нејзиниот тогашен сопруг не би бил изненаден ако ја видел со Бајрон, бидејќи знаел колку соработуваат.
„Тој знаеше дека јас и Енди работиме многу заеднички работи, дека одиме на ручек или пијачка. Во мојата работа тоа е нормално, односите со директорите се блиски, со некои сум делела и канцеларија“, објасни таа.
Откако снимката стана вирална, и Кабот и Бајрон ја напуштија компанијата „Астрономер“, каде што тој беше извршен директор, а таа директорка за човечки ресурси. И двајцата беа под огромен притисок од јавноста и медиумите.
Кабот откри дека потоа добивала многу критики, па дури и закани по живот. Иако подоцна поднела барање за развод, вели дека во тој период практично веќе не била во брак, бидејќи биле разделени.
Во претходни изјави за „Њујорк тајмс“ кажала дека таа и Бајрон не биле интимни и дека таа вечер само се бакнале.
Целото интервју со Опра Винфри ќе биде објавено на Јутјуб, а според најавите, Кабот ќе зборува и за тоа каков им е односот денес, како и за периодот кога нејзиниот приватен живот стана тема број еден во јавноста.
