Пејачката Ивона Јо со емотивна објава се потсети на својот татко, точно една година по неговата ненадејна смрт. Таа објави нивна заедничка фотографија и напиша дека една година подоцна сè уште силно го чувствува неговото отсуство.
„Точно една година како еден дел од мене замина. Една година од последната реченица: ‘Дали сум стигнала сигурно и дали сум безбедна’. Ме испрати на пат на пеење и потоа вечно се успокои татко мој. Една година без твојата насмевка. Знам дека си на сигурно, безбедно и безболно место. Фала ти што ме избра да сум твоја ќерка-син на татка“, напиша Ивона.
„Недостасуваш многу повеќе од тоа што можам да го искажам. Знам дека знаеш дека знам сè што не успеа да ми кажеш“, додаде пејачката, а објавата ја заврши со стихови од Евангелието според Јован и со зборовите „Until we meet again“ („Додека повторно не се сретнеме“).
Таткото на Ивона почина ненадејно во септември 2025 година. Тогаш таа се прости од него со кратка и потресна порака: „Тато, не се договоривме вака… еј… Тато, дојди… Тато“.
View this post on Instagram
Во изминатата година Ивона повеќепати отворено зборуваше за загубата. Неодамна во емисијата „Полиграф“ откри дека уште пред смртта на татко ѝ минувала низ исклучително тежок период, но морала да продолжи да работи и да настапува.
„Тато почина во септември, јас од јуни не бев добра. Ама тогаш кога ќе кажам ‘не бев добра’, мислам на, не ми се дишеше“, раскажа таа.
Во истото гостување откри и дека татко ѝ бил еден од луѓето кои најмногу ја охрабрувале да се занимава со музика. Иако, како што кажа, немал финансиски можности да ја поддржи на начинот на кој сакал, постојано ја туркал напред. Бил и нејзиниот најголем критичар, кој ретко директно ја фалел, но секогаш имал забелешка што можела да ѝ помогне да биде подобра.
Ивона откри и дека подготвила две песни посветени на татко ѝ. Песните се готови, но сè уште го чека моментот кога емотивно ќе биде подготвена да ги сними. Таа рече дека сака болката да ја претвори во музика која ќе им даде охрабрување и на другите.
Во едно од нејзините најискрени признанија за животот по загубата, Ивона неодамна кажа: „Како минуваат деновите, мене ми е сè потешко и појасно дека немам татко“.
Во периодот по неговата смрт, пејачката често зборува и за верата како една од работите што ѝ помогнале да се справува со загубата. Таа претходно раскажа дека неколку месеци пред смртта на татко ѝ почнала поинтензивно да се посветува на верата и поинаку да гледа на смртта и воскресението.
