Македонската писателка и текстописец Ксенија Николова сподели емотивна приказна од своето детство, поттикната од една сосема обична прошетка со татко ѝ. Двајцата го посетиле нејзиното старо маало и паркот во кој ги поминала детските години, а средбата со познатите места ѝ разбудила многу спомени.
На својот инстаграм-профил, Ксенија откри дека само еден ден претходно сонувала како повторно се шета низ маалото во кое пораснала. Следниот ден, сосема случајно, се нашла токму таму, во друштво на својот татко.
„Пред два дена сонував како се шетам низ моето старо маало, местото каде што израснав, а вчера, сосем случајно, со татко ми го завршивме денот со прошетка токму таму“, напиша таа.
View this post on Instagram
Паркот зад нејзината некогашна зграда за Ксенија има посебно значење. Тоа е местото каде што ги стекнала првите пријателства, ги поминувала деновите во игра и ги учела животните лекции што и денес ги памети.
„Тука израснав, тука научив да трчам, да се смеам, да скокам, да играм, да се кријам, да се извинам, плачам, да се дружам, да простам, да сонувам. Тука научив сѐ“, се присети писателката.
За време на прошетката, таа му признала на татко си дека како дете верувала оти целиот свет се наоѓа токму во тој парк.
„Додека се шетавме, му реков на татко ми: ‘Дали знаеш дека постоеше време кога мислев дека овој парк е целиот свет?’“
Иако денес паркот изгледа поинаку отколку во нејзините сеќавања, неговото значење останало непроменето. Ксенија призна дека низ годините посетила многу поголеми и поубави паркови, но ниту еден не може да го замени местото на кое го поминала детството.
Прошетката завршила со разговор меѓу таткото и ќерката за времињата што поминале, но продолжуваат да живеат во нивните спомени.
На крајот од објавата, Ксенија ги охрабри своите следбеници повторно да ги посетат местата што ги поврзуваат со детството.
„Ви препорачувам да појдете на местото каде што детето во вас си играло и да се потсетите кои сте биле пред сето ова да стане толку сериозно или можеби бесмислено.
Можеби најголемата смисла ќе ја најдете токму таму, во времето кога верувавме дека сиот свет е собран таму каде што сме најсреќни. Вчера, за момент, во мене се разбуди баш тоа чувство“.
