Во новата болница, која се наоѓа меѓу општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари, а е дел од групацијата „Санте Плус“, се инвестирани седум милиони евра. Фокусот е на радиологијата и физиотерапијата, како и на одделите за термална медицинска терапија и педијатрија. Болницата ќе нуди и итна служба, достапна 24 часа.
Официјалното отворање на новата медицинска установа и нејзиното ребрендирање (денешна ВФВ клиника) како дел од групацијата „Санте Плус“, која се наоѓа меѓу општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари, се очекува да се случи во декември. По тој повод разговараме со д-р Билал Кара, сопственик на групацијата „Санте Плус“ и на Европската очна болница. Д-р Билал Кара е претседател на Турско-албанскиот бизнис-совет при Советот за надворешноекономски односи на ДЕИК (DEIK) и претседател на АТТСО (Стопанско-трговска комора на Република Албанија и на Република Турција).
Господин Кара повеќе од 29 години успешно управува со најголемиот синџир на болници на Балканот, „Санте Плус груп“, секогаш поставувајќи си нови цели што наскоро стануваат реалност.
На која медицинска проблематика ќе биде фокусирана новата болница која е дел од групацијата „Санте Плус“?
– Во моментов сме во завршна фаза, а оваа болница ќе биде една од најважните клинички центри во групацијата. Имено, имаме четири медицински установи, болници во Македонија, односно вкупно девет во групацијата, вклучувајќи ги оние што се надвор од Македонија. Новата медицинска установа има впечатлива инвестиција, особено во радиологијата, физиотерапијата и одделот за гастроентерологија. Имаме магнетна резонанца од 1,5 тесла, располагаме со 64-слојна компјутерска томографија и дигитална мамографија. Знаеме дека потребата од овие најсовремени апарати за дијагноза е многу голема во Македонија и дека во земјата има долга листа на чекање за да се дојде до овие дијагностички процедури, па дури и во приватниот сектор. Наша цел е да ги направиме достапни овие дијагностички процедури во Македонија и тоа по многу прифатливи цени и изведени со помош на најдобра светска технологија.
Со која технологија со која располагата сте најгорди?
– Што се однесува до новата болница, горди сме на полето на радиологијата и физиотерапијата, но ставаме акцент и на одделот за термална медицинска терапија и на одделот за педијатрија. Ќе имаме итна служба што ќе биде достапна 24 часа, особено во интерната медицина и педијатријата, и сметаме дека оваа медицинска установа ќе придонесе многу за подобрување на јавното здравје во Македонија, особено во Скопје. Нудиме 24-часовна здравствена услуга со врвна технологија и со врвен медицински персонал. Ентузијаст сум и со задоволство го очекувам отворањето на оваа болница.
На кои здравствени услуги се фокусирани другите ваши болници во Македонија?
– Болницата „Санте Плус“, која се наоѓа во населбата Ѓорче Петров, главно е фокусирана на гинекологија и на пластична хирургија, додека болницата „Санте Плус 2“, која се наоѓа во центарот на Скопје, на улица „Партизанска“, се фокусира на поликлиничките области. Европска очна болница, пак, лоцирана, исто така, во населбата Ѓорче Петров, е лидер на Балканот во третмани на очни болести, изведуваме најразлични хируршки интервенции, од блефаропластика до кератопластика, операции на катаракта и на глауком, односно сите интервенции во однос на здравјето на очите се достапни во оваа медицинска установа, со врвни лекари од Македонија и од Турција. Нашето мото во „Санте Плус“ е овозможување здравствени услуги за секого, и не само во еден медицински сегмент туку во сите здравствени области, нудиме најдобар можен медицински третман по најдобри цени.
Која е вредноста на инвестицијата во новата болница, а која е вкупната инвестиција?
– Новата болница (ВФВ клиника, односно „Санте плус 3“, н.з.) има инвестиција од 7 милиони евра, додека целосната инвестиција во Македонија изнесува околу 40 милиони евра. Во Балканскиот Регион имаме девет болници и горди сме да кажеме дека сме единствени што имаат болници што се сто отсто турска инвестиција и што ја донесовме турската медицина во нашите соседни и братски земји.
Имате, исто така, и болница во Италија, дали и таа е дел од проектот?
– Да, имаме поликлиника во Милано. Имаме и една општа болница во Тирана, потоа, болница во Белград, имаме „Санте Плус“ болница во Приштина и болница во Истанбул.
Која е вашата цел, следен чекор?
– Искрено, нашите цели веќе ги остваривме уште на почетокот. Цел ни е да останеме лидери во медицински услуги особено на Балканот и во регионот. Па секогаш кога ќе оствариме една цел, си поставуваме нова, и среќни сме што веќе сме препознаени и почитувани од пациентите, токму затоа и продолжуваме да инвестираме во овие земји. Од оваа перспектива, што се однесува до Македонија, цел ни е да бидеме претставници на новата генерација во медицинските услуги. Ја знаете изреката, наместо да дадете некому риба, научете го да лови риби. И сметам дека ние веќе го обезбедивме учењето како да се улови риба. Остваривме соработка со Меѓународниот балкански универзитет и веќе функционира стручното медицинско училиште со насоките за медицински сестри и акушери, како и соработка со други образовни институции во Македонија. Сега, следниот чекор ни е да отвориме Академија, медицински факултет, и со тоа ќе обезбедиме новите генерации да добијат одлично медицинско образование.