Смртта на Чак Норис затвори едно големо поглавје од поп-културата, но и потсети колку неговиот живот беше поголем од филмскиот мит што го следеше со децении. Од вистински мајстор на боречки вештини и акциска ѕвезда, до семеен човек и хуманитарец, Норис зад себе остави приказна што далеку го надминуваше имиџот на непобедлив јунак од екранот.
Во последните години од животот беше значително поповлечен отколку во периодот на најголемата слава, но повремено на социјалните мрежи споделуваше делови од секојдневието.
Само десет дена пред смртта објави роденденско видео на кое вежба во тропско опкружување и порача: „Не стареам, само преминувам на повисоко ниво.“ Во описот напиша дека е благодарен за уште една година, доброто здравје и можноста и понатаму да го прави она што го сака.
Американско воено воздухопловство, па карате
Роден како Карлос Реј Норис во 1940 година во Оклахома, самодовербата и животната насока ги пронашол за време на службата во американското воено воздухопловство, кога почнал сериозно да се занимава со карате. Токму боречките вештини го однеле до статус на шампион, а потоа и до Холивуд, каде што изгради кариера каква што ретко кој успеал да повтори.
Еден од пресвртните моменти била неговата средба со Брус Ли, со кого во 1972 година го сними култниот филм „Way of the Dragon“. Подоцна се проби како заштитно лице на акциските филмови од 80-тите. Критиката не беше секогаш на негова страна, но гледачите беа – и токму таа верност на публиката го претвори во една од најголемите акциски ѕвезди на своето време.
„Вокер, тексашкиот ренџер“ го направи телевизиска икона
Иако филмската кариера му беше импресивна, Норис најголемата слава ја достигна со серијата „Вокер, тексашкиот ренџер“, која се емитуваше од 1993 до 2001 година.
Голем дел од животот Норис му беше посветен на семејството
Во приватниот живот, Норис имаше два брака и пет деца.
Од 1998 година беше во брак со поранешната манекенка Џина О’Кели, со која живееше на ранч во Тексас. Се запознале во 1997 година во Далас, а заедно добија близнаци, Дакота и Данили, родени во 2001 година.
Неодамна Норис откри дека животот на нивното семејство се променил преку ноќ поради еден наизглед банален проблем. Причина била инјекција што во 2013 година лекарите ѝ ја дале на неговата сопруга пред магнетната резонанца за ревматоиден артритис.

Компликациите беа повеќе од сериозни. Пет месеци лежела, целосно неподвижна, и се молела страдањето да заврши што побрзо. Чак, кој ниту еден момент не се двоумел, веднаш заборавил на снимањата и сè друго и не се одвојувал од сопругата. Спиел на каучот покрај нејзиниот кревет, го следел секој нејзин здив.
Пред болеста, таа била во одлична физичка форма. Се занимавала со спорт, здраво се хранела и уживла во животот, без да претпостави дека од сето тоа ќе мора да се прости на подолг рок. За среќа, успеала да се опорави, но Чак Норис одлучил да побара правда на суд и да утврди чија е вината што Џина се нашла во таква положба.
По повод 26 години брак тој ѝ упати емотивни зборови:
„Го исполнуваш мојот живот со радост, љубов и прекрасни спомени. Благодарен сум и благословен што се будам покрај најубавата и најневеројатната жена што Бог можеше да ми ја подари. Секој момент со тебе е непроценлив. Те сакам, Џина, засекогаш и секогаш!“
Претходно беше 30 години во брак со Дијан Кеј Холечек, со која ги доби синовите Мајк и Ерик. Покрај нив, Норис имаше и ќерка Дина, родена од вонбрачна врска додека служел во американското воено воздухопловство. Нејзиното постоење јавно го призна многу подоцна, во своите мемоари Against All Odds: My Story.

