3.8 C
Скопје
19:11 - 18 декември, 2024

СЛОБОДЕН УДАР: Ветата не се веќе во мода на Балканот

Ветата излегоа од мода. Место да излегуваат со услови и да отвораат спорни прашања, нашите соседи се здружија во напорите да ни помогнат да добиеме одлука за преговори за членство со Европската Унија.

Министерскиот собир во Солун беше јасна порака од нив до Брисел дека има и нова клима и нова енергија во регионот. Дека сите цврсто стојат на ставот Македонија и Албанија да добијат преговори во март и дека за таа цел се подготвени да ги стават под килим меѓусебните проблеми во моментов.

Сликата од министерската конференција беше речиси идилична. Никој не се противеше што Косово присуствува на настанот, ниту пак како се именува. Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендијас ја опиша Македонија како пријателска и соседска земја, без да спомне каков било проблем со Преспанскиот договор. Бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева не ги ни спомна условувањата околу Договорот за добрососедство со нашата држава, а се игнорираа и проблемите поврзани со малцинствата меѓу Грција и Албанија.

Единствена критичка порака беше да ги забрзаме реформите, бидејќи со темпото со кое ги правевме досега и со отпорите против нив внатре, тешко ќе можеме да бараме од Брисел да го испорача тоа што го вети од самитот во Солун пред две децении.

Шест земји членки на ЕУ, по иницијатива на Грција, настапија заеднички во Солун за да им се слушне гласот. Моментот е критичен, бидејќи од вчера почнаа преговорите за новата методологија за проширување, зад која всушност стои намерата на некои земји преку формата да ја скријат неподготвеноста за ново проширување. Во Брисел, всушност, не се решава само дали ќе им се даде одлука за преговори на Македонија и на Албанија, туку дали ќе има или не механизам преку кој, во зависност од случувањата натаму, може да му се стави крај на овој процес.

По долги години меѓусебно блокирање, лидерите од поширокиот регион сфатија дека од недавањето преговори за Македонија и за Албанија, од непроширувањето на Унијата во регионот, па и од пролонгирањето на одлуката за тоа – сите губат еднакво. Дека соседните земји членки на ЕУ имаат историска одговорност, освен што даваат вербална поддршка, да го притиснат посилно Брисел, настапувајќи како блок. Дека времето за тесни политички интереси е потрошено и колку повеќе остануваат Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и БиХ во изолација, толку повеќе го губат чекорот со нив и со ЕУ, претворајќи се во непријатно соседство.

Токму затоа никој во Солун не сакаше да се откаже од ставот да им се дадат преговори и на Македонија и на Албанија, иако таа заостанува во моментов зад нас. Видливо беше чувството дека ако балканските земји не тргнат по патот кон ЕУ, ни соседите нема да имаат начин како да влијаат врз споровите со нив.

Конференцијата во Солун покажа и нешто друго. Дека е многу лесно во кампања да се спорат договори и да се ветуваат магични политички решенија, но кога сте на власт, мора да водите сметка и за одговорноста и реперкусиите од авантуристичките потези. Настапот на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендијас немаше ништо заедничко со реториката на Нова демократија со која победи на последните избори во Грција. Токму затоа, тој и не гледаше смисла да одговара на силните најави од нашата опозиција дека ќе го менува и дека нема да го почитува Договорот од Преспа. Има нешто што се вика реална политика, и тоа важи еднакво и за Грција и за Македонија.

The post СЛОБОДЕН УДАР: Ветата не се веќе во мода на Балканот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....