7.8 C
Скопје
15:12 - 22 декември, 2024

СЛОБОДЕН УДАР: Веќе видени опструкции

На Македонија ѝ се случува веќе видено. Европската Унија денес треба да излезе со новата методологија за проширување, а ние ќе ја дочекаме без закон за Јавното обвинителство, бидејќи според Христијан Мицкоски тоа не било релевантно, дали сега, по 17 или 70 дена.

Точно, законот не е услов за да добиеме датум на преговори, но секојдневните пораки од странските претставници дека законот треба да биде изгласан во Собранието имаат и друга цел – да покажат колку, всушност, се сменила Македонија, колку се сменила ВМРО-ДПМНЕ, дали ја сфатила културата на компромис, дали и натаму се обидува да ја спречи земјата да влезе во НАТО и да почне преговори со ЕУ, вербално тврдејќи го обратното и дали заради победа на избори ќе почне повторно „војна“ со дипломатскиот фактор.

На крајот на краиштата, во земја во која законите успешно се изигруваат, во која експертите секогаш успеваат различно да ги прочитаат, во која се менуваат толку често, а политиката секогаш е над правдата – не е ни толку важно што содржи Предлог-законот за Јавно обвинителство.

Многу од осомничените и обвинетите функционери на ВМРО-ДПМНЕ реално се амнестирани, а има милион начини како да се развлечат судските процеси поради што речиси никој не одговараше за висока корупција. Но, ако го опструира донесувањето на овој закон што го бараат и САД и ЕУ и нивниот пријател Виктор Орбан, ВМРО-ДПМНЕ ќе прати порака дека влакното го менува, но идеологијата не. Дека за членството во ЕУ и НАТО ѝ е гајле како за ланскиот снег, дека не се обидува само да си ги спаси од гонење функционерите (повеќе ќе успее ако се пазари за законот), туку се обидува да спаси еден систем и модел на функционирање на државата што илјадници граѓани ги натера да си заминат оттука.

Дека законот не е услов за датумот, туку за ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат изјавите на амбасадорите во земјава кои најдиректно бараа деновиве оваа партија да гласа за предложеното. Амбасадорката на САД Кејт Брнс имаше средба и со независните пратеници, што е знак дека се испитува можноста за решение без главната опозициска партија. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ пак ќе остане сама на спротивната страна од интересите на нацијата, која пред неколку месеци падна во очај кога не доби преговори од Унијата.

Обидот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се скрие зад мислењата на експертите во јавната расправа, излегувајќи со апсурдни барања сите нивни забелешки да се внесат во законот, па и да не се брза и тој да оди на проверка на Венецијанската комисија, откако една и пол година се преговара за него, засега никој не го поддржува од меѓународниот фактор. Напротив, амбасадорката на САД јасно смета дека со законот ќе се унапреди владеењето на правото, одговорноста и доброто владеење во Македонија, па прашање е што е тоа што го чита ВМРО-ДПМНЕ, а не го гледа никој друг од тие што повеќе од нас знаат што е независен судски и обвинителски систем.

Од она што се случува во Собранието видливо е дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува сценарио за опструкција и дека нема намера да гласа за законот. Дека додека може, ќе ни ги троши времето, енергијата, ресурсите и шансите во Брисел, бидејќи е на спротивна позиција од сè што како услов стигнува од НАТО и од Унијата. Додека сите однадвор го поддржуваат, таа сака да го ревидира Преспанскиот договор. Одбива каква било реформа на Oбвинителството, која нема да гарантира статус кво, сака обвинител што таа ќе го предложи место Судскиот совет и дисконтинуитет за судските процеси на СЈО. Се противи дури и на зголемување на бројот на јавните обвинители од страв дека меѓу нив ќе се протнат и некои од специјалните, а така не ќе може да ја спори надлежноста на предметите. Си бара закон според потребите на ВМРО-ДПМНЕ, а и се може, бидејќи за овој закон е потребно двотретинско мнозинство за усвојување на овој закон во Собранието.

Подготвена е да се откаже и од еврокомесарот Оливер Вархеји и да си ги загрози односите со унгарскиот премиер кому овој пат му треба успех во Брисел, бидејќи проширувањето на ЕУ за него е поважна цел од односите со ВМРО-ДПМНЕ.

Подготвени се уште еднаш да потврдат дека не се партија која носи одлука важна за иднината на Македонија.

The post СЛОБОДЕН УДАР: Веќе видени опструкции appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....