-1.2 C
Скопје
03:55 - 19 декември, 2024

Се вжештува предизборната атмосфера: Ќе биде многу валкано, ама ќе може да се носи

Најголемите политички партии со месеци се обвинуваат и се навредуваат преку соопштенија, од говорници и на прес-конференции, а како што ќе се наближува денот на предвремените парламентарни избори 12 април, негативната кампања само ќе се засилува.

Во услови кога има премногу општи обвиненија за криминал, а премалку конкретни осудени, фразите „криминалците од ВМРО-ДПМНЕ“, „рекетарите од СДСМ“ и сличните на нив, иако повторени стотици пати не станаа вистини, туку на граѓаните им звучат излитено и се помалку вредно за внимание. Гласачите очекуваат во предизборната понудата да слушнат проекти што ќе им го подобрат животот, но наместо натпревар на идеи, добиваат прогнози дека ги чека црна кампања преполна со секојдневни меѓупартиски препукувања.

– Немаме политичка култура и не сакаме да ја имаме – коментираат комуниколозите.

Заев и Мицкоски се препукуваат на Фејсбук

Премиерот Оливер Спасовски предупредува дека изборната кампања ќе биде една од највалканите досега, но смета дека Македонија има капацитет да организира демократски, фер и слободни избори.

– Сигурен сум дека оваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата. Сигурен сум дека лажните вести и медиумската пропаганда ќе бидат секојдневие за време на изборите – изјави Спасовски во интервју за „ЕУ Обсервер“.

Прашан дали очекува руско мешање во кампањата и во исходот од изборите, Спасовски одговорил дека сите земји во Европа и во регионот се соочиле со хибридни закани во процесот на нивното пристапување во НАТО и ЕУ, но државните институции се доволно силни и подготвени да обезбедат изборите да се одржат во нормални околности.

– Претстојните избори ќе бидат соочување помеѓу проевропските и националистичките сили – вели Спасовски.

Предупредувањата на премиерот вчера одекнаа во празно, односно добија потврда – и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија во истиот стил. Лидерот на СДСМ Зоран Заев на Фејсбук го нарече Христијан Мицкоски стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски веднаш му врати дека Заев е стечаен управник на Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ е најзадолжена политичка партија, со долг од околу 8 милиони евра! Најрасипничката партија со милионски долгови не може и нема да ја води државата! Замислете, што би се случило кога овие недомаќини, Мицкоски и Груевски, повторно би се доближиле до државниот буџет?!“, напиша Заев.

Мицковски одговори дека Катица Јанева и Вилма Рускоска се главни извршители на Заев.

„И наместо да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ, државниот и антимакедонски стечаен управник Зоран Заев да каже што барал на тајна средба со Катица и што барал неговиот брат на средба со осуден во ‘Рекет’? Главното занимање на Заеви покрај плантажите со марихуана бил рекетот. И таквото полнење на приватните џебови, значи празнење на џебовите на граѓаните. Но добрата вест што овој стечај на Заев трае уште два месеца“, напиша Мицкоски.

Можно е да слушаме и бомби

Комуникологот Сеад Џигал вели дека политичката поларизација во нашето општество дополнително ќе се засилува пред изборите, а тоа ќе се одрази и во кампањата за предвремените избори, каде дневно ќе се надоврзуваат тензии и интриги.

– За негативна кампања најмногу ќе се користи интернет-просторот, односно порталите и социјалните мрежи, кои не се регулирани со закон. Онлајн просторот има сè поголемо влијание кај корисниците, особено кај младите луѓе и затоа таму ќе има силен фокус од партиите. АВРМ нема да го мониторира овој медиумски простор и останува да го набљудуваат само мал број граѓански здруженија, а таму ќе се одвива најголемиот дел од кампањата, особено црната и сивата. Немањето политичка култура ќе резултира со многу лажни вести и конструкции. И едните и другите имаат можности да го оцрнуваат противникот поради политиките што ги води, па нема да се лишат од таа можност – вели Џигал за „Слободен печат“.

Во врска со можноста дека предупредувањата на Спасовски за „најцрна кампања во историјата“ се однесува на пуштање нови „бомби“ во јавноста, вели дека тоа не е исклучено.

– Објавувањето незаконски прислушувани разговори кај нас стана конвенционално оружје во политичката борба, нормализација на ненормална појава. Можно е и тоа, партиите се подготвени и за такви чекори. Но, објавувањето на „бомбите“ во 2015 година од страна на Заев требаше да биде исклучок, дозволен во тогашниот контекст кога поради нефункционалноста на ЈО се формира СЈО. Во денешни услови оние што поседуваат вакви материјали, а кои укажуваат на сторени кривични дела, треба да ги пријават пред надлежните истражни органи. Зошто би ги објавувале пак? – вели Џигал.

Комуникологот Владимир Божиновски од Институт за политички истражувања вели дека на власта ѝ недостасува успех и тоа го покрива со негативни информации за опозицијата.

– Непријатно е кога премиер најавува негативна кампања, затоа што на избори власта е таа што треба да води позитивна кампања за афирмација на своите политики, а на опозицијата ѝ е дозволено да води и црна кампања затоа што ја критикува власта. Ако Спасовски предупредува на црна кампања, дали зборува во име на СДСМ? СДСМ најмалку имаат право да зборуваат за црна кампања, затоа што со таква кампања дојдоа на власт, со „бомби“ за Нешковски, Младенов, Тамара, убиството кај Смилковско Езеро, а денес гледаме дека искажаното било конструкција – вели Божиновски.

За можноста во предизборието да слушнеме нови „бомби“ Божиновски вели дека Пандорината кутија е отворена и сега е тешко да се затвори.

The post Се вжештува предизборната атмосфера: Ќе биде многу валкано, ама ќе може да се носи appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....