21:34 - 22 декември, 2024

Никој не верува дека политиката ќе ги тргне канџите од судството

Нема суштинска разлика помеѓу стариот и новиот закон за јавното обвинителство и нема гаранции дека отсега политиката навистина ќе ги тргне рацете и нема да влијaе врз одлуките на правосудството, коментираат познавачите што го консултираше „Слободен печат“. Тие сметаат дека законот за ЈО требаше само да ги уредува односите внатре во обвинителствата и ништо повеќе од тоа.

Според нив, идеално законско решение не постои, а политиката нема да се тргне од правосудството со ниеден закон, туку единствено со чест и морал на судиите и обвинителите и со влегување во чекор со цивилизациските вредности на Европската унија, кога еден ден ќе преговараме за членство.

Најважниот закон во земјата

Собранието завчера го усвои ЗЈО со двотретинско мнозинство, со што заврши една долга и тешка двегодишна епизода на преговори и усогласувања меѓу власта, опозицијата и експертите, но не завршија меѓусебните обвинувања на најголемите партии за штитење на криминал. По усвојувањето премиерот Оливер Спасовски рече дека ќе се овозможи воспоставување на правната држава и ќе се обезбеди еднаквост пред правдата за сите граѓани, а лидерот на СДСМ Зоран Заев повика на „Марш за правда“ од Собранието до судовите, односно, како што рече, „до местото каде треба да ги видиме конечните правни завршници“. Според Заев, со законот „нема амнестија и се гарантира дека политичарите нема да бираат и да именуваат обвинители нити да одлучуваат за иднината на предметите“.

Според познавачите, во новиот закон нема суштинска разлика во именувањето на обвинителите, односно постапката е иста – републичкиот обвинител го бира Собранието, на предлог од Владата, а за изборот се распишува конкурс. Советот на јавни обвинители дава позитивно или негативно мислење за пријавените, а Владата може да одбере кандидат што добил позитивно мислење.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека со овој закон се кренала премногу врева за мал ефект.

– Дебатата што му претходеше на изгласувањето беше толку голема и пренагласена што се доби впечаток дека се работи за најважниот закон во земјата. Три партии, СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во дебатата се согласија дека со некои одредби се прават напори за заштита на криминалот. Законот донесе и некои особено чудни ограничувања за тоа кога смее, а кога не смее да се користат незаконски прислушуваните разговори како докази на суд, односно според законот тие се докази во предметите што Специјалното обвинителство ги отвори до 30.6.2017 година, а потоа се само индиции. Настрана што употребата на доказите се регулира во Законот за кривична постапка, а не во ЗЈО. Моето мислење е дека законот се донесе со толку политикантства што не очекувам дека ќе донесе правда и се сомневам дека некој ќе одговара – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој додава дека законот е донесен со образложението „ЕУ да не не блокира“.

– Се создаде атмосфера, слично како со Преспанскиот договор, дека со носењето на ЗЈО сме сториле нешто кој знае колку големо и битно и ако случајно не добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, пак силно и непријатно ќе се изненадиме – вели Кржаловски.

И адвокатот Ѕвонко Давидовиќ не гледа суштинска разлика помеѓу стариот и новиот ЗЈО, особено во постапката за избор на републички обвинител.

– Не може со ЗЈО да се гарантира дека политиката ќе се тргне од судството и од правдата. Каква е таа гаранција кога две партии во влада бираат државен обвинител или пак, кога се носи закон со надмудрување – прашува познатиот адвокат.

Тој забележува и што не им е дозволено на адвокатите да се кандидираат за републички обвинител, односно, во законот оваа функција е наменета за обвинители и судии кривичари, со најмалку 10 години непрекинат работен стаж.

– Потребни се прво суштински реформи и целосна евалуација на работењето на судството, за да зборуваме за ефекти – вели Давидовиќ.

Џабе закони без морал

Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, за да се тргне политиката од правосудството не е доволно само да се има добар закон, ако нема морал и етика.

– Со донесувањето на законот се утврди и суштината од Уставот дека ЈО е единствен орган надлежен за гонење на кривични дела. ЈО мора да биде независно, со доволен број обвинители според стандардите и со доволно средства на располагање за да ја врши својата уставна надлежност. Но, и да е идеален законот, ништо нема да се постигне ако не се отстранети партиските влијанија, а секако, и обвинителите треба да се чесни и совесни. Тоа кај нас досега тешко се постигнуваше, а правото и правдата се длабоко „во офсајд“. Но, да се надеваме дека ќе добиеме датум и ќе почнеме преговори за членство во ЕУ, па со тоа ќе влеземе во европските цивилизациски текови и со текот на времето нешто ќе се смени. Поставени се правилата, а формулата е едноставна – правилата треба да се почитуваат – вели Ивановски.

Изгласувањето на законот СДСМ вчера го поздрави како темел за вистинска, неселективна правда и правосудство, а според ВМРО-ДПМНЕ тој е штетен, селективен и спротивен на Уставот. Министерката Радмила Шекеринска рече дека „правдата треба да ја донесат добри закони, а власта не смее да биде правосудство и таа што ќе носи одлуки.“

– Ние донесовме закон кој на ЈО му дава законски одредби и силна поддршка. Сега нема оправдување да се избегнува одлуката. Никој од нас не им кажува на судиите како и што да пресудат. Народот не бара ништо повеќе од судовите и судиите, само да си ја вршат својата работа. Сакаме да видиме пресврт во судството – рече Шекеринска.

Од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка беше обезбедено двотретинското мнозинство во одложената промена на законот гледаат можност тој да се промени.

– Повеќе од убедени сме дека вградивме суштински и добри забелешки во законот кои во иднина ќе допринесат правото и правдата да бидат водилка во натамошните процеси. Определивме дополнителен рок за усогласување на нашето законодавство со европското со што дополнително ќе се анулираат одредени решенија во други закони кои можеа да бидат злоупотребени во политички цели и конечно дадовме одложен рок на примена, и доколку на било која политичка гарнитура што утре ќе победи и мисли дека треба да направи дополнителни промени во законот ќе има можност да го стори истото – велат од независната пратеничка група.

The post Никој не верува дека политиката ќе ги тргне канџите од судството appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....