-2.2 C
Скопје
07:41 - 23 декември, 2024

Летниот одмор на стенд-бај: Туристичките аранжмани дел откажани, дел одложени, се чека отворање на границите

Се наоѓаме на прагот од почетокот на летната сезона за 2020 година, а поради пандемијата со Ковид-19, ова лето многумина нема да го поминат онака како што од претходно планирале.

Иако рестриктивните мерки за заштита полека олабавуваат, а повеќето туристички дестинации атрактивни за нашите граѓани уште во јуни ги отвораат границите, сепак стравот од вирусот и натаму е повеќе од присутен.

Неколку туристички агенции во земјава во разговор за „Слободен печат“ велат дека луѓето и натаму сакаат да патуваат, па наместо да ги откажат резервациите, тие ги преместуваат, односно дел од нив се надеваат дека ќе може да се оди на одмор и во јули, август и септември.

– Закажани аранжмани има секако уште од пред кризата. Добар дел од странките кои имаат резервирано за јули, август и септември се одлучни дека ќе одат на одмор – информираат од туристичката агенција „ЈК Травел“.

Од оваа агенција потенцираат дека има и такви кои се откажале од идејата за летување ова лето, меѓутоа дека станува збор за помала група на граѓани.

– Има мал процент на странки кои се скептични и ги откажуваат резервациите. Но, велат дека сепак би патувале понатаму во иднина – додаваат од „ЈК Травел“.

Слична ситуација е и во туристичката агенција „Савана“, од каде потенцираат дека луѓето се оптимисти кога се одморите за оваа година во прашање, како и дека единствен проблем за тоа е отворањето на нашите граници.

– Туристите само ги преместуваат своите аранжмани за јули, август или септември. Се зависи од отворањето на нашите граници. Во Грција границите се отвораат на 15 јуни, само ние сме затворени. Еве и Црна Гора на први јуни ја отвора границата за Македонците – велат од туристичката агенција „Савана“.

Оттука додаваат и дека нашите граѓани веруваат оти би се чувствувале безбедно и во други држави, каде исто така се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.

– Во Грција им е побезбедно бидејќи се наоѓаат на море, во апартмани. Се чувствуваат заштитено, се наоѓаат со свои луѓе, на плажа се држи социјална дистанца и нема некоја посебна причина за страв. Веруваме дека оние кои земаа ваучери со отказ на аранжмани ќе дојдат повторно со уплата за јули, август и септември – информираат од оваа туристичка агенција.

Од друга страна, има и туристички агенции кои се повеќе погодени од коронакризата, односно кои се жалат на зголемен број на откажани резервации за патувања,  како што е случај со агенцијата „Сафари“, од каде ни рекоа дека само 10 отсто од луѓето кои од претходно закажале аранжман нема да ја откажат резервацијата.

– Моментално нема голема заинтересираност за патувањата. Отприлика некаде околу 50 проценти од летните анражмани ги имавме продадено за капацитетите, па сега како што знаете им даваме ваучери на странките. Околу 10 проценти од луѓето кои имаа уплатено планираат да патуваат. Не е познато ниту како ќе се одвива превозот, дали ќе се користи 50 отсто од капацитетот на автобусите. Немаме никакви официјални информации во моментот, а некои од клиентите велат дека доколку се снајдат за превоз би патувале, но сепак заинтересираноста за патување ова лето е мала – велат од Сафари.

Како резултат на оваа намалена заинтересираност за патување кај некои луѓе поради коронавирусот, неколку туристички агенции ја откажаа летната сезона и им издадоа ваучери на своите клиенти.

„С-Травел“,„Магелан травел“, но и уште неколку други се дел од агенциите кои одлучија да им доделат ваучери на сите оние кои веќе резервирале аранжман за ова лето со истиот износ кој го изнесува и уплатата, а кои ќе можат да се искористат до крајот на 2021 година.

Издавањето на ваучерите беше донесено со уредба на Владата, бидејќи туризмот е еден од најпогодените сектори во екот на коронакризата, а подразбира можност патникот да го искористи добиениот ваучер за аранжмани исклучиво и достапни само од понудата на туристичката агенција од која го добил.

Таков е случајот и со „Атлантик турс“, од каде изразија жалење поради тоа што се принудени да ги откажат сите аранжмани за ова лето и да им издадат ваучери на странките кои веќе имаат резервација.

– Ние им дадовме ваучери на оние кои имаа веќе уплатено и за жал ги откажавме сите аранжмани за летово. Луѓето генерално се поделени на оние кои веднаш би тргнале доколку се отворат границите, додека други и покрај тоа ги одложуваат патувањата за наредната година – велат од „Атлантик турс“.

The post Летниот одмор на стенд-бај: Туристичките аранжмани дел откажани, дел одложени, се чека отворање на границите appeared first on Слободен печат.


Летниот одмор на стенд-бај: Туристичките аранжмани дел откажани, дел одложени, се чека отворање на границите was first posted on мај 29, 2020 at 2:16 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....