Пациентите што оздравеле од ковид-19 продолжуваат, со недели, а некои и со месеци, да имаат последици во форма на хроничен замор, отежнато дишење, болки во мускулите, некои сакаат да спијат по цел ден, а за некои е голем напор да се качат по скали само еден кат, пишува онлајн магазинот „Јуроп тудеј“.
Истражувањето го спровеле лекарите од клиниката „Џемели“ во Рим, Анџело Карфи и Роберто Бернабеи, испитувајќи 150 пациенти што ја прележале заразата со коронавирусот.
Од испитаните, 87 отсто потврдиле дека имаат најмалку еден од пост-ковид симптомите, најмногу преголем замор, пречки во дишењето, некои имале и психолошки проблеми, а одреден број пациенти по закрепнувањето покажале знаци на посттрауматски стрес.
Речиси сите испитаници имале проблеми со апетитот и намалување на мускулната маса.
– Кoвид-19 е нова болест и ние засега ги знаеме симптомите, но малку се знае за последиците. И затоа ова истражување е многу важно – рекол Анџело Карфи.
Авторите на истражувањето посочуваат дека е позитивно што не се потврдија стравувањата на лекарите дека болеста ќе остави трајни последици врз белите дробови, црниот дроб, очите и срцето.
Лекарите препорачуваат пациентите што биле лекувани на одделенијата за интензивна нега и биле подложени на оксигенација, редовно да одат на контроли на повеќето внатрешни органи, а мора да поминат и низ долг период на физичко и психичко закрепнување.
The post Излекуваните од ковид-19 со недели тешко дишат, имаат болки во мускулите, многу спијат… appeared first on Слободен печат.
Излекуваните од ковид-19 со недели тешко дишат, имаат болки во мускулите, многу спијат… was first posted on август 2, 2020 at 12:15 pm.