-3.2 C
Скопје
23:58 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Тито Петковски: Коалицијата „Можеме“ е доказ дека можеме граѓански, наместо етнички и националистички

Тито Петковски е доајен на македонската политичка сцена. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и долгогодишен нејзин висок функционер. Бил потпретседател на Собранието во првиот состав, пратеник во три мандати, а од 1996 година до третите парламентарни избори и претседател на Собранието. Беше кандидат за претседател на државата во трката со Борис Трајковски. Во 2005 година се раздели од соборците и ја формира НСДП. По двегодишно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, се враќа во старото социјалдемократско јато како коалициски партнер од каде дејствува и на овие избори.

НСДП настапува како дел од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ. Каква перспектива ѝ нудите на македонската јавност и со која главна програмска определба ќе ја барате довербата?

– Станува збор за најголемата и најразноликата коалиција составена од 25 партии, кои ги опфаќаат претставниците од сите етникуми што живеат во Република Северна Македонија. Со овој преседан за првпат врзивното ткиво на една коалиција е составено од вредности што потекнуваат надвор од етничкиот дискурс. На тој начин коалицијата „Можеме“ е своевиден потрес на политичката сцена. Ова е јадрото од кое произлегуваат заедничките програмски определби, со кои ќе ја бараме довербата за добивање доволен број пратеници за мандат за формирање влада. Развојна и конкурентна економија, која преку напредни технологии ќе создава нови и добро платени работни места, економски амбиент што ќе биде стимулативен за претприемачкиот и иновативен дух кај младите. Здравствен систем што ќе има капацитет за квалитетно задоволување на потребите на граѓаните, да одговори и на најтешките предизвици, како што е случајот со епидемијата на коронавирусот. Конечно заживување на правниот систем и формирање капацитети за испорачување казни за сите што се огрешиле кон законот, истиснување на политичкиот протекционизам од судската сфера. Недвосмислена и јасна порака за граѓаните дека по полноправното членство во НАТО, со кое стекнавме стабилност и сигурност, ќе го направиме финалниот чекор и евроатлантските амбиции ќе ги заокружиме со членство во ЕУ. Ова се само дел од нашите заеднички, коалициски приоритети, со кои на овие избори истапуваме пред граѓаните и ја бараме нивната доверба за во следните четири години да ја водиме државата и да отвориме реални перспективи за развој и напредок на целото општество.

Во коалицијата е и Беса, партија на Албанците. Како се вклопи во заедничката платформа на група социјалдемократски партии и колку вие требаше да се прилагодите на приоритетите на Беса?

– Сите партии од оваа коалиција, освен Беса, на претходните парламентарни избори настапија заеднички и победија. Тоа беше коалиција што го направи првиот исчекор кон градењето политичка доверба помеѓу двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската. За првпат во политичката историја на нашата држава се случи коалиција составена со доминантно, условно наречени, македонски партии да успее да го пробие етничкиот бедем во политичкиот простор и да освои гласови во сите општини со доминантно албанско население,  на кои се гледаше како средини во кои гласачкото тело е достапно само за партии со албански предзнак. На тие избори успеавме да ја добиеме довербата на речиси 40.000 албански гласачи и да направиме подобар изборен резултат и во општини што се сметаа за своевиден бастион на ДУИ. Тоа беа првите пионерски чекори на уривање на стереотипите во политичките перцепции дека етничката припадност е доминантниот фактор во формулирањето на ставовите на гласачите. Овој политички дух во изминативе три години помеѓу овие партии созреваше и финализираше во политичко друштво, во кое за да се придружиш, станаа ирелевантни етничките предзнаци на партиите.

Дали НСДП ќе се потпре на заедничката кампања на коалицијата „Можеме“ или партијата има и свој дел од програмата со кој ќе сака да се претстави?

– Уште во подготовката на заедничката предизборна програма на коалицијата, НСДП достави свои предлози и идеи, за кои ценеше дека треба да бидат опфатени во заедничките програмски определби, со што дадовме директен придонес во формулирањето на програмата со која коалицијата истапува пред граѓаните. НСДП промовираше и своја програма, нешто што го практикуваме независно дали на избори настапуваме самостојно или во коалиција. Пред сѐ, преку социјални мрежи на дневна основа презентираме наши идеи што ги имаме поставено како приоритети за кои ќе се бориме да влезат во идната програма на владата, која сигурен сум ќе биде формирана од коалицијата „Можеме“.

Кои програмските определби сакате да им ги доближите на граѓаните, а за кои сметате дека се оригинални, ваши, различни од останатите?

 Како партија која е на страна на работникот, на средната класа, политиките што ќе доведат до унапредувањето на работните односи и на пазарот на трудот, имаат приоритетно значење за нас. За остварувањето на овие цели, НСДП се залага за зголемување на опфатот на прогресивното оданочување, со што богатите ќе плаќаат повисоки даноци од сиромашните. Подигнување на нивото на минималната плата е уште еден инструмент што ќе нѐ доближи до нашите цели за повисоки и стабилни плати за работниците, за социјалната сигурност на нивните семејства. НСДП се определува за трансформирање на пазарот на труд, што би опфатило промени во работното законодавство за воведување нов модел на работни односи. Во моделот што го промовираме, работникот добива право на учество во профитот, во добивката, но и обврска за прифаќање на ризикот во случај ако компанијата работи со загуби. Остварувањето на материјално-егзистенцијалните права на работниците поврзани со плати, придонеси, престанок на работен однос, прераспоредување на работни места, низ судските лавиринти неретко со себе носеа и горчливи социјални трауми за работниците и за нивните семејства. Затоа НСДП се застапува за издвојување на судските постапки поврзани со работите односи преку формирање специјализирани одделенија во постојните судови, со што споровите од работните односи ќе се решаваат побрзо и поефикасно. Во фокусот ги ставаме и образованието, науката и културата. Ова се сфери за кои цениме дека претставуваат најцврста подлога за развојот на државата. Затоа предлагаме школувањето да почнува со седум години, основното образование да биде целосно бесплатно, со обезбеден бесплатен оброк, посета на музеи, екскурзии, училишни автобуси, со воведување физичко воспитание и образование по сите европски и светски стандарди, најмалите да немаат домашни работи, заострување на критериумите за проверка на кандидатите при упис на факултетите – тоа се дел од нашите определби. Во културата е потребен институционален развој и дисперзија со која секое населено место би имало библиотека или музеј, за промовирање на нашето богато културно наследство и творештво треба да се зголеми бројот на културни аташеи во нашите амбасади во соседството и во светските метрополи.

Голем дел од 15-те години колку што постои, НСДП е „врзана“ за СДСМ. Колку сте задоволни од соработката – и идејно и од распределба на заслугите од заедничкиот настап?

– Како партија со социјалдемократска ориентација секако дека сме најблиску до СДСМ. Приоритетите за кои инсистиравме да се вградат во заедничката програма ја прават разликата на идеен план, за кои говорев. По однос на распределбата на заслугите, како што велите, од заедничкиот настап има сериозни разлики, како резултат на изборната регулатива која во голема мера ги фаворизира т.н. големи партии при распределбата на мандатите во Собранието. Стожерната партија на коалицијата секогаш настапува со убедување дека премногу им дава на т.н. помали партии, кои пак од своја страна мислат дека добиваат многу помалку од објективните можности и вредности на својата партија. Таков е случајот и со НСДП. Реален однос на силите може да се покаже само доколку се промени изборниот модел со формирање една изборна единица, со мал или без изборен, праг што е иманентен за мали држави каква што е Северна Македонија. За такви радикални промени на изборното законодавство пред овие избори не се постигна консензус. Додека не се промени изборниот модел тешко може да се говори за реалниот придонес на секој партиципиент во коалицијата и за распределбата на заслугите, како што велите. Во овој момент, во коалицијата „Можеме“ без сомнение, моторната сила што влече напред и едновремено стожерна партија на коалицијата е СДСМ.

Бевте и во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Какво е искуството од таа соработка и има ли разлика во дејствувањето на оваа партија тогаш и сега со новиот лидер?

 Честопати ваши колеги, па и граѓани, ми го поставуваат прашањето: зарем моравте во 2006 година да влезете во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Јас ќе  повторам: основната причина за влегување во таква постизборна коалиција беше потребата да се покаже дека партиите со лева и со десна ориентација може да соработуваат во интерес на граѓаните и на државата, но на самиот почеток од функционирање на таа влада се покажа дека погрешивме во процената. Со ВМРО-ДПМНЕ едноставно не е можно да се соработува. Тоа беше кратка сцена од нашата партиска историја. По првите симптоми на авторитарни тенденции, на воздигнување на националистичката реторика, на првите искри на криминал и корупција, свесното отстапување од евроатлантските перспективи на земјата, ние ја напуштивме коалицијата. Кога режимот на Груевски почна да созрева, да излегува на површина, ние како политичка партија бевме во опозиција, негови противници. Најголемиот дел од нашето искуство со ВМРО-ДПМНЕ е исполнето со притисоци, закани, уцени. А дали има разлика меѓу тогашното и сегашното ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека нема и не може да има. Со неа и натаму управува, раководи истиот човек, само од една друга адреса. Со стотици милиони украдени пари од сиромашните македонски граѓани ужива во Будимпешта и од дистанца ја води ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, актуелното раководство на партијата не собра сили да се извини за злото што Груевски и злосторничкото здружение, што се прикажуваше како раководство, им го нанесоа на граѓаните и на државата.

Коалицирањето по изборите веројатно ќе биде уште еден предизвик во составувањето влада. ДУИ се наметнува со идеја за премиер Албанец, веројатно позиција што ќе треба да ја издејствува од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ во зависност од изборните резултати. Како Вие гледате на тоа?

– Познато е дека ДУИ од воена формација се трансформира во политичка партија, од каде што и го црпи своето право на „ексклузивен“ претставник на Албанците во институциите на државата. Поради тој свој „ореол“, ДУИ практично е присутна безмалку во сите влади. Независно што реторички се прикажува за социјалдемократската партија, таа останува во кругот на популистички и националистички партии, ограничувајќи го своето дејствување само во една етничка заедница. На претходните парламентарни избори доживеа страшен пад, преполовувајќи ја својата поддршка кај електоратот. Плашејќи се да не ја доживее истата судбина и на овие избори, заигра на добитната карта – национализмот. Секако, и како одговор на сѐ поголемата поддршка кај Албанците на другите партии од албанскиот кампус, но и пред сѐ на СДСМ. Тоа беше практично црвеното светло што укажува на можноста ДУИ да замине во опозиција на овие избори. Далеку од здрав ум е помислата дека Албанците не може да биде премиер. Како човек што подолго е присутен во политичкиот живот, можам да наведам неколку Албанци кои, според професионализмот, компетентноста и вредносниот систем што го застапуваат, може да бидат успешни премиери. Тука не го исклучувам мојот драг пријател Насер Зибери. И за тој потенцијал не е „дојдено време денес“, како што се обидува да нѐ убеди ДУИ. Тие успешни луѓе, својата позиција во македонското општество ја граделе многу години наназад. Суштината на проблемот е што премиер се избира врз основа на политички критериуми и договор меѓу партиите победници на избори. Тоа не ја исклучува можноста за којашто се залага ДУИ, но не според етничките критериуми, туку според стручност, компетентност и пред сѐ како резултат на договор меѓу партиите што ќе ја составуваат владата. Сѐ друго е гол популизам и отсуство на политичка одговорност.

Кампањите речиси секогаш биле „валкани“ со лични обвинувања и денунцирања. И досега имавме можност да слушаме т.н. бомби со сомнителни разговори и соговорници. Каква кампања нѐ очекува до гласањето?

– Искрено, се надевав дека барем овие избори ќе ги дочекаме како земја членка на НАТО и пред отворање на поглавјата со ЕУ, што нѐ обврзува да спроведеме изборен процес што нема многу да отстапува од западните демократии. Да бидеме конкурентни во политичкиот натпревар, чиј единствен посакуван резултат треба да биде општиот напредок и просперитет. Да постигнеме цивилизациски напредок во демократско созревање на нацијата и исчекор кон западноевропските вредности. На овој план и по триесет години самостојност и низа изборни циклуси не само што не напредуваме, туку уште повеќе го зголемуваме примитивниот репертоар во меѓусебното комуницирање на политичките субјекти и нивните најзакоренети поддржувачи. Меѓусебното обраќање е на ниво на најголеми непријатели или душмани, како што популарно велат граѓаните. Нема третман на партнери што се почитуваат и кои со чувство на одговорност праќаат пораки до граѓаните како избирачи. Тоа е само доказ колку се понижува македонскиот граѓанин како гласач. Велам гласач, а не избирач. Во цивилизираниот свет со подолга парламентарна и демократска традиција изборите не се војна, туку врвен натпревар на идеи, проекти и програми. Досегашниот тек на кампањата само покажува колку сѐ уште сме далеку од тие цели.

The post ИНТЕРВЈУ Тито Петковски: Коалицијата „Можеме“ е доказ дека можеме граѓански, наместо етнички и националистички appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Тито Петковски: Коалицијата „Можеме“ е доказ дека можеме граѓански, наместо етнички и националистички was first posted on јули 1, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....