-4.2 C
Скопје
02:27 - 23 декември, 2024

Богојески, Апасиев, Тортевски желни за мегдан со Заев и Мицкоски

Ќе се ситни ли политичката сцена во Македонија и какви се шансите нови актери да освојат парламентарни места, профитирајќи на разочараноста од главните политички партии? Од тие што влегоа со нови амбиции само Петар Богојески од движењето Македонски концепт верува дека ќе освои места во парламентот на следните избори, па и дека ќе биде фактор кој ќе има глас во формирањето на владата.

Според Богојески, неговата граѓанска иницијатива веќе брои 15.000 членови и планираат да излезат со кандидатски граѓански листи во сите шест изборни единици. Во моментов биле во преговори со осум политички партии за коалиција, од кои некои веќе биле во парламентот, но не сакаше да открива детали. Тој наедно порачува дека се отворени за соработка со невладини и политички организации, а единствен услов е да се на линија на програмските определби на Македонски концепт, т.е. како што вели Богојески „тврдо за ЕУ“ и без никаков компромис околу оваа стратегиска цел.

– Ние се залагаме за деидеологизација на македонското општество, бидејќи сметаме дека додека не влеземе во ЕУ немаме простор за политички идеологии. Нам ни треба државен патриотизам, консензус во општество во кое Македонци ќе бидат сите граѓани, вели Богојески. Како поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше исклучен поради разногласие, тој вели дека нема намера да прави од својата граѓанска иницијатива платформа за незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ, туку да собере зад себе граѓани што сакаат нормална држава. Очекува дека по изборите ќе имаат парламентарна група и дека ќе бидат фактор кој ќе решава за идната влада.

За битка на изборите се подготвува и партијата Левица, предводена од Димитар Апасиев. Тој вчера за „Слободен печат“ потврди дека на изборите ќе учествува со сигурност, дека ќе настапува самостојно и дека ќе има кандидатски листи за сите изборни единици, освен за таа во дијаспората. Кампањата ќе му биде фокусирана на социјални прашања и против Договорот од Преспа. Според програмската определба, Левица со Апасиев ќе се бори за работнички права, антиимперијализам, ќе биде против зачленувањето и во НАТО, а за влегувањето во ЕУ не се противи, но не по секоја цена. Бидејќи досега го спореше Законот за јазиците, силно агитираше против Законот за јавно обвинителство и против референдумот за името, многумина повеќе ја гледаат како идеолошки блиска на ВМРО-ДПМНЕ и како партија чија улога ќе биде да земе гласови од СДСМ.

Адвокатот Александар Тортевски, кој ја објави намерата да формира партија и почна со процесот на регистрација, вчера не беше сигурен дека ќе успее до овие избори да го заврши процесот и да се вклучи во трката. Според него, регистрирањето партија е речиси невозможна мисија за краток рок, бидејќи сите илјада граѓани што ќе дадат свои потписи, треба да достават и потврда за државјанство, а тоа оди бавно.

– Само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ или нивните сателити можат да обезбедат вака список со илјада потписи – го објаснува Тортевски своето искуство во изминатите триесетина денови.

Според него, ако не им направат отстапки, како на друга новоформирана партија на Бошњаците, да аплицираат групно за државјанства, прашање е дали ќе успее до изборите да ја регистрира „Твоја партија“, како што е името на новата партија. Тој генерално смета дека има простор за нови партии, бидејќи незадоволни од досегашните има многу, но административните пречки се преголеми.

За споредба, Тортевски потсетува дека во Обединетото Кралство со пет луѓе може да се регистрира партија, во Словенија со 100, но кај нас тоа се искомплицирало со одлуката да им се даваат повеќе пари на партиите.
Ако сепак успее да ја регистрира партијата до крајниот рок 12 март, кога ќе се поднесуваат кандидатските листи, ќе се промовира како партија од центарот.

– Нема да влегуваме во влада, ќе поддржуваме проекти од кого било ако се добри и можеби ќе му дадеме малцинска поддршка на СДСМ. Не сакаме ни директорски ни функционерски позиции за возврат, а поддршката ќе ја условуваме со проекти на владата – најавува Тортевски.

Независните ќе чекаат да „падне“ Мицкоски

Емилија Александрова од независната група што се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потврди дека политичката битка отсега ќе ја водат надвор од парламентот и за реформирање на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со сегашниот изборен модел нема големи шанси за малите партии.

– Ние размислувавме многу, но овој изборен модел е погубен за малите политички партии и движења, бидејќи нашите планови одеа во вториот правец. Сметавме дека што и да правиме, утопија е дека ќе успееме, дека ќе има резултат. Со СДСМ немаме ништо заедничко, а со ВМРО-ДПМНЕ ни се нарушени односите. Затоа, во зависност од исходот од изборите, дали ќе бидат фер и демократски, ќе се фокусираме на демократски промени во нашата партија. Курсот што го избра таа сега не и одговара ни на партијата ни на државата – вели Александрова. Затоа, вели таа, на овие избори нема да учествуваат, но не си одат од политиката.

 

The post Богојески, Апасиев, Тортевски желни за мегдан со Заев и Мицкоски appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....